Одушевија со Антониа Гиговска, ја разнежнија публиката со Лиана и создадоа ѕвездено небо за Владо: Next Time со спектакуларен концерт во Скопје
Илјадници гласови се споија во еден, а познатите мелодии будeа спомени и силни емоции. Браќата Стефан и Мартин Филиповски со голем концерт во преполната „Т-Арена“ одбележаа 18 години музичка кариера. Под мотото „18 години музика и емоции“, тие обединија неколку генерации вљубеници во нивната музика.
Еден од најслатките моменти на вечерта беше резервиран за најмладата членка на семејството Филиповски. Мартин на сцената ја донесе ќеркичката Лиана, која заврши во прегратките на чичко Стефан. Додека гордиот татко свиреше, Стефан ѝ пееше на внука си и поттикна овации кај присутните.
Многу чувства виореја за време посветата на Владо Јаневски, кој вчера требаше да го прослави својот 66-ти роденден. Стефан со голема почит зборуваше за починатиот кантавтор и посочи дека му бил идол кога е во прашање пишувањето текстови.
Седнат зад клавирот, тој ја запеа „Што и да е, ќе помине“, додека присутните ги вклучија светилките на мобилните телефони за да направат ѕвездено небо. Арената блесна во чест на музичарот кој зад себе остави огромно музичко наследство.
На јубилејниот концерт не изостанаа песните со кои близнаците се прославија како млади рокери. „Рамо за плачење“ и евровизиската „Нешто што ќе остане“ разбудија спомени кај нивните долгогодишни обожаватели, а со „Магдалена“ и „Океани“, нивните соработки со Слаткаристика, целата сала се претвори во голем хор.
Публиката имаше можност за првпат во живо да ја слушне и нивната нова авторска балада „Години“, промовирана непосредно пред концертот.
Меѓу специјалните гости на браќата беше Антониа Гиговска, која заедно со Стефан ја отпеа „На крајот од денот“, а потоа им ја посвети својата песна „Жена“ на сите припаднички на понежниот пол во публиката.
Специјално гостување имаа дечињата од „Златно славејче“, со кои Стефан ја изведе „Нема друга Македонија“. И самите браќа како деца настапувале на Фестивалот, па изведбата имаше дополнително значење.
Македонската традиционална музика, на која Стефан и Мартин ѝ посветија голем дел од своето творештво во изминатите години, ја донесе најголемата еуфорија во арената. Така, етно-составот „Синтезис“ гостуваше со „Во наше село“, а заедничката изведба на „Ој девојче“ со Стефан ја разгори атмосферата.
Со „Ја излези Ѓурѓо“, „Слушам кај шумат шумите“, „Нешто ќе те питам, бабо“, „Кога падна на Пирина“, „Налеј, налеј“ и „Бисер балкански“, браќата ја потсетија публиката на убавината и силата на македонската песна.
На сцената со нив беше и нивниот долгогодишен соработник, композиторот и клавијатурист Николче Мицевски, кој има значаен удел во создавањето на современите аранжмани на старите македонски песни.
Организатор на концертот беше „Прагма продукција“.