Се заљубиле на Широк Сокак кога имала 16 години, закажал свадба без да ѝ каже, се селеле безброј пати: Љубовната приказна на Елена и Никола Митревски
Неговите одбрани во дресот на македонската репрезентација и на Еурофарм Пелистер редовно ја креваат публиката на нозе, а прекарите „голманиште“ и „министер за одбрана“ се синоним за сигурноста што ја носи меѓу стативите. За Никола Митревски, ракометот е повеќе од професија, тоа е љубов на која ѝ се посвети целосно. Но, зад секоја негова одбрана стои постојана и безусловна поддршка од неговата сопруга Елена, жената со која го дели животот веќе две децении.
Од самите почетоци, кога таа имала само 16, а тој 19 години и важел за надежен голман кој само што ја започнал својата професионална кариера, па сè до денес, нивната љубов растела паралелно со сите животни предизвици. Заедно созревале, се селеле од град во град и од држава во држава, а потоа во нивниот свет пристигнале и децата – ќерката Атанасија и синот Антонио. Денес, повторно стационирани таму каде што сè започнало, во нивната родна Битола, Никола и Елена ја живеат зрелата фаза од нивната приказна.
За љубовта што издржала дистанци и промени, за животот покрај професионален спортист и за сите убавини и предизвици кои не се гледаат од трибините, од прва рака за Фемина раскажува посветената сопруга и мајка Елена Митревска.
Елена, каков беше твојот прв впечаток кога го запозна Никола? Кога и каде започна вашата приказна и кој го направи првиот чекор?
Нашата приказна започна на Широк Сокак. Кога и да се сретневме, си се смешкавме
Нашата приказна, како и на повеќето битолчани, започна на Широк Сокак, каде прв пат се видовме и си се допаднавме. Секогаш кога ќе се сретневме, се погледнувавме и се смешкавме. Најголем впечаток ми остави неговата прекрасна и мила насмевка. Тоа траеше некој месец, а во меѓувреме и двајцата се обидувавме да дознаеме нешто повеќе еден за друг, сè додека еден ден не го сретнав облечен во опрема од РК Пелистер. Тоа ми беше позната облека, бидејќи и мојот братучед беше голман во младинците на Пелистер. Знаев дека назад го пишува презимето и кога прочитав Митревски, си помислив дека сега лесно ќе го најдам кој е.
Во меѓувреме, братучед ми знаеше за ова и иако немаше дозвола да сподели, сепак ме кажа на Никола, а тој пак зеде телефонски број за да провери дали е можно братучедата да е истото девојче кое нему му се допаѓа, бидејќи му одговарав на описот. За да провери, ги пушти другарките да одат зад мене и да ми ѕвонат на телефон. Откако се увери дека сум истата личност, ми се јави и се договоривме да излезeме. Така започна сè.
Како изгледаше моментот кога ти предложи брак? Дали те изненади или го очекуваше тоа?
Закажа свадба и ми кажа со зборовите: „Имам кафана, имам музика, имам сликар, ми треба уште невеста“
Доколку ме запросеше на класичен романтичен начин, можеби немаше да се изненадам премногу, бидејќи долго време бевме во врска и некако стапувањето во брак беше следен чекор, особено затоа што долг период живеевме во различни градови.
На крајот, сепак ме изненади и целата ситуација испадна интересна, бидејќи без мое знаење ги организира неговите да бараат кафеана, музика, фотограф. Тие закажаа сè, а мене ми кажа подоцна со зборовите - „Имам кафана, имам музика, имам сликар, ми треба уште невеста“. Во моментот не знаев како да реагирам, бидејќи во моите замисли, тоа не беше кафаната во која сакав да правам свадба еден ден 😄. Имав забелешка и за музиката 😄. Замислете на една невеста од организацијата на сопствената свадба да ѝ остане само изборот на фустан и торта. Беше мал шок и за мојата фамилија, бидејќи организацијата беше буквално во два месеци. Но, на крајот сè помина супер и имавме навистина убава свадба.
Раскажи ни повеќе за свадбата. Беше интимна или голема прослава, по што најмногу го паметиш тој ден?
Свадбата беше класична македонска свадба, со сите адети и церемонии. Имавме околу 300 гости. Беше навистина весело и мислам дека и денес може да се најде по некое видео на YouTube кое го имаше ставено некој од гостите. Тој ден истураше летен дожд, но секогаш кога требаше да се движиме од кај зетот кај невестата, па во општина, во црква, за сликање, секогаш беше смирено и сончево. Гостите кои беа на свадбата и години после тоа знаат да кажат дека си поминале навистина преубаво.
Животот со успешен голман значи постојани селидби и нови почетоци. Колку пати сте го пакувале домот и што најтешко се остава зад себе?
Буквално како животот да ни беше сместен во куфери
Имаше еден период во кој броев колку пати сме ги преместувале работите од едно на друго место. Во период од 9 години, тоа беа некаде 8-9 пати „шетање“ на личните предмети од еден во друг стан во три различни земји, од кои Португалија се повтори два пати. И таа транзиција не беше директно од една во друга земја каде се наоѓа идниот клуб. Работите ги враќавме прво назад во Битола, па селектираш што вреди да се понесе со себеси, па преместуваш. Имаше период во кој не ми се одеше никаде дополнително затоа што од помислата повторно да местам куфер, ме болеше глава. Буквално како животот да ни беше сместен во куфери.
Кога заминувавме во странство пак, никогаш не чувствував преголема носталгија затоа што знаев дека еден ден повторно ќе се вратиме назад. Освен тоа, и во текот на годината, во Македонија се враќавме назад два пати годишно (еднаш во зима, еднаш во лето), па немав чувство дека сме премногу отсутни. А тоа беа плус куфери за пакување 😄
Како се снаоѓавте во нови средини со нов јазик, нови луѓе, нова рутина, додека тој е фокусиран на кариерата?
Порто секогаш ќе ми остане блиску до срцето
Имаше период кога менувавме држава на две години. Таман ќе се навикнеш, ќе се прилагодиш, повторно нова промена, нова неизвесност. Кога на сето тоа ќе ја додадеш тежината која сам по себе ја носи спортскиот живот, сите падови со кои во меѓувреме ќе треба да се соочиш, повреди, спортско напорно темпо исполнето со многу патувања и отсуства, да, на моменти беше навистина предизвикувачко.
Летото пред да одиме за Порто, често ми се случуваше силно срцебиење. Тоа беше поради стресот од помислата на промената. Атанасија требаше да биде прваче и неизвесноста каде ќе ја запишеме, дали ќе се снајде добро, каде ќе живееме, каде воопшто одиме, плус со уште едно двегодишно дете... сето тоа ми создаваше немир.
Од друга страна, ставот на Никола беше „наместо да се оптеретуваш и грижиш, замислувај си како пиеш кафе покрај реката и уживаш". Потполно различен пристап и видување за една иста ситуација. Но, јас се смирив тек откако отидовме таму и видовме каде сме. Во Порто останавме четири години. Тоа беа години исполнети со многу професионални и семејни успеси, децата се вклопија одлично и си најдоа другарчиња, ние многу пријатели, а Никола беше доста сакан и почитуван од португалската јавност. Можам да кажам дека Порто секогаш ќе ми остане блиску до срцето и како локација и како место на убави спомени.
Инаку хронолошки, по свадбата, прво живеевме во Скопје, потоа две години во Лисабон, две години во Констанца (Романија), една година во Битола и потоа четири години во Порто и сега повторно во Битола.
Нема да го заборавам чувството што ме обземаше кога ќе останев сама со Атанасија во Лисабон, особено кога таа ќе настинеше, ќе кренеше температура. Во почетокот не знаев португалски, а некогаш наидував на луѓе кои не знаат англиски... Таквите моменти ми беа навистина стресни. Исто сме имале специфични ситуации на аеродроми, но ако почнам на таа тема, ќе треба поголем простор за опис на тие патешествија 😄 Почетокот на родителството знае да биде стресен и тензичен период за секој нов родител, а кога истото го поминуваш сам, настрана, без „цело село“ кое би ти помогнало, притисокот дека јас сум целото тоа село некогаш беше голем.
Но, од друга страна пак, бескрајно сум благодарна за сите места на кои живеевме, сè се тоа убави туристички градови кои се наоѓаат на океан/море, локации на кои има што да се види и во кои на моменти се чувствував како вечен турист.
Доаѓањето на децата носи радост, но и нови предизвици. Како со Никола ве промени родителството? Каква мајка си ти, а каков татко е Никола?
Како мајка, сум доста посветена и ангажирана, но и самокритична. Никола е поавторитетен
Кога човек ќе стане родител, искусува емоции кои дотогаш биле непознати, една друга димензија на љубов и поинаков поглед кон животот. Со времето се стекнуваш или едноставно мора да се стекнеш со поголема мудрост, бидејќи ти е и повеќе од потребна. Мислам дека тоа беше момент во кој и двајцата почнавме да навлегуваме подлабоко во суштината, да слушаме повеќе видеа на тема живот, здравје, совети...
Јас како мајка сум доста посветена и ангажирана околу децата, а во исто време и доста самокритична. Тоа знае да биде добра карактеристика, затоа што полесно се унапредуваш кога ќе согледаш каде можело поинаку, но начинот на живот кој го водевме во комбинација со таа карактеристика, знаеја да ми создадат дополнителна тежина на сите тие промени, преселби, привикнувања, особено во услови кога немаш кој да те замени, барем на кратко.
Имало моменти кога сум се чувствувала прегорено. Спортот сам по себе носи многу специфичности во живеењето, а кога си во странство и често менуваш средини, тежината е уште поголема. Го кажувам сето ова бидејќи начинот на живот кој го имавме, во огромна мера ме обликуваше како родител. Со времето, научив да се носам со сето тоа и сега се трудам да бидам што е можно помудар родител.
Никола од друга страна е поавторитетен, него сите го слушаат повеќе 😄. Кога беа помали, кога ќе се вратеше од тренинг, знаеше да ги забавува со смеа, игра, некој натпревар и ги збеснуваше баш пред периодот кога им беше време за спиење и потоа нормално тие не сакаа да спијат. И ден-денес него го обвинувам што немаат цврста вечерна рутина како повеќето деца 😄. А нешто што знам дека ќе им го пренесе на децата, се неговите карактеристики на упорност, истрајност, трудољубивост, дисциплина, човечност, чесност и вредности.
Какви деца се Атанасија и Антонио? Дали можеби покажуваат наклонетост кон ракометот или кон некој друг спорт?
Тие се темпераментни, добри, паметни и инаетливи деца. Во овој момент, ниту еден од нив не покажува интерес за ракометот. Атанасија ја интересира музика, уметност, јазици и е голем читач на книги. Додека пак Антонио дефинитивно ја има таа спортска жичка и уште од најмала возраст има осет за топка. Неговиот прв изговорен збор беше „бам бам“ (што му значеше топка). Но, целата негова љубов во овој момент е насочена кон фудбалот.
Од мали нозе се на терен/трибини, па како го доживуваат тоа што нивниот татко е познат голман? Дали сакаат да одат на натпревари да навиваат, да го поддржуваат на терен?
Во поглед на популарноста, никогаш не го доживувале Никола како некој славен, за нив тој е тато. Можеби и ние како родители никогаш не сме им го потенцирале тоа, па затоа и не размислувале на тој начин. Мислам дека вистински ја почувствуваа неговата популарност еден ден кога отиде да ги земе од училиште, а децата кои го видоа сакаа да се сликаат со него и бараа автограми. Во училишниот двор останаа цел час, а Атанасија тогаш сфати дека нејзиниот татко е познат. Антонио сѐ уште не се замара со тоа 😄.
Што се однесува на натпреварите и тие имаат долг стаж во навивање, од бебиња се по спортските сали и на моменти знаат да се досадуваат на натпреварите кои се со мирно темпо. А од друга страна, интересна им е атмосферата која се создава на натпреварите на Пелистер, на кои има многу среќа и еуфорија, но понекогаш и напнатост и тензија. А најголем настан за нив е одењето на Светско или Европско првенство. За жал, оваа година не присуствувавме во Данска.
Колку емоционално е тешко да гледаш натпревар, особено кога знаеш дека една одбрана или еден гол може да смени сè?
Кога имаш твој човек на теренот, следењето на натпреварите е максимално понапнато и емотивно. Ми се има случувано, кога му шутираат некој зицер или пенал, рефлексно да ја мрднам ногата од желба тој да ја фати или имам чувство дека јас ќе ја фатам место него 😄.
Тензијата навистина е голема, можеш да бидеш херој или трагичар, а сите тие натпревари директно ти влијаат на квалитетот на приватниот живот во тој момент...
Што научи за љубовта и партнерството, живеејќи живот кој ретко е „стандарден“?
Спортски начин на живот не води само спортистот, туку и целата негова фамилија
Сфаќаш дека се имаш еден со друг и поддршката што можете да си ја дадете е најважна од сè. Со годините што поминуваат, сè повеќе сфаќам колку е важна поддршката која Никола ја добива од мене во позадина. Спортот е една професија која бара голема посветеност, знае да биде доста напорно и едноставно тоа е начин на живот на кој целосно се навикнуваш. Спортски начин на живот не води само спортистот, туку и целата негова фамилија. Во такви услови, за еден спортист е од огромно значење да добива безусловна поддршка од домашните. Во спротивно, патот кон успехот би бил уште потежок.
И најважното што го научив е дека сите се имаме еден со друг, сеедно на кое место живееме во моментот. Честите преселби знаат да ти го разнишаат чувството за „дома“, но сè е полесно кога знаеш дека семејството е твојот дом.
Кога би требало со една реченица да го опишеш животот како сопруга на професионален спортист, како би звучела таа?
Голема авантура исполнета со многу успеси, среќни моменти и многу причини за гордост, но понекогаш и живот исполнет со падови, предизвици, живот кој не е стандарден и те принудува да излегуваш од зоната на комфорот поради постојаните промени, а во исто време среќен и исполнет живот, кој не би го променила никако поинаку.
Навистина сум среќна, благодарна и горда што сите овие 20 години сум дел од успесите на Никола на професионално поле.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk