„Се плашев дека ќе бидам товар, а Бог ми ја испрати Теа“: Хрват по 52 дена во кома, губење на видот, дланките и ногата се ожени со саканата
Љубовна приказна од Хрватска нè потсетува дека најубавите нешта во животот понекогаш доаѓаат по најтешките битки.
Јосип Милковиќ доживеал трагедија на 22-годишна возраст во која ги загубил видот, двете шаки и левата нога, а 52 дена поминал во кома. Но, и покрај сè што му се случило, не се откажал од животот, ниту од сонот дека еден ден ќе пронајде личност со која ќе ја сподели иднината. Таа желба му се остварила кога во неговиот живот влегла Теа.
Пред неколку дена, заљубените партнери ја крунисаа својата љубов со брак во подножјето на Динара, опкружени со семејството и пријателите.
Во 2016 година, Јосип бил млад човек со големи планови. По завршувањето на студиите по градежништво во Сплит, како воен стипендист се подготвувал за офицерска кариера. Но, за време на воена вежба кај Карловац се случила страшна несреќа.
Во експлозија настаната при воената обука Милковиќ се здобил со тешки повреди. Ги загубил видот и двете шаки, а подоцна му била ампутирана и левата нога. Тој се соочил со животна опасност, а бил во кома дури 52 дена.
По будењето го чекала долга и исцрпувачка борба. Она што за повеќето луѓе е дел од секојдневието, за него станало нов предизвик кој требало да го совлада.
Но, Јосип не дозволил несреќата да му ги уништи соништата. Продолжил со образованието, дипломирал психологија на Универзитетот во Задар и постигнал забележителни академски резултати. Денес работи и во Телевизија Јадран и води емисија посветена на лицата со попреченост, нивните искуства и предизвиците со кои се соочуваат.
Младото момче имало една желба која му била особено важна – да пронајде жена со која ќе може да ги сподели радостите, тешките денови и сите мали нешта што го прават животот убав.
„Долго, навистина долго го молев Бог за жена, за една душа која ќе ме придружува на овој земен пат. Истовремено ми доаѓаа мисли: дали некому ќе му бидам товар, како некој ќе прифати личност со 100-процентна попреченост, од прва категорија. Навистина требаше Бог да испрати една воинка, една храбра жена со големо срце и прекрасна душа. И ми ја испрати Теа во животот“ – раскажал Јосип.
Двајцата партнери си биле поддршка во најважните животни моменти. Теа била покрај Јосип и за време на неговото студирање и дипломирање по психологија, а тој ја поддржувал кога таа се кандидирала за градоначалничка на Врлика.
Јосип и Теа стапија во брак на 7 ноември во неговиот роден крај. Радосната вест ја споделија и неговите колеги од Телевизија Јадран.
Еве ја нивната објава:
„Постојат приказни кои нè потсетуваат што е навистина важно во животот. А приказната на Јосип е една од нив.
По тешката несреќа во која ги загубил видот, двете раце и ногата, Јосип Милковиќ не се откажал од животот. Пронашол сила да продолжи понатаму, да биде инспирација за другите, а на Телевизија Јадран води и емисија посветена на лицата со попреченост, давајќи им глас на оние чии приказни честопати премалку се слушаат.
А сега, својата животна приказна ја збогати со едно од најубавите поглавја – се ожени со својата прекрасна Теа!
Драги Јосип и Теа, нека љубовта ви биде сила во сите животни предизвици, потпора во тешките моменти и причина за насмевка секој ден.
Од срце ви посакуваме многу среќа, заедништво и љубов!
Честитки за младенците! ❤️“