Сања Ѓорѓева (Dr. Goodnight): „Ниту родителството, ниту спиењето не одат секогаш ‘по книга’ и токму во тоа е убавината“
Ако некој ја знае тајната на мирните ноќи и спокојните утра, тоа е несомнено Сања Ѓорѓева. Една деценија откако го основаше „Dr. Goodnight“, етаблирајќи се како првиот професионален тренер за спиење кај нас и во регионот, таа денес е експерт чие знаење е калено низ обуки на Harvard University и Spencer Institute. Но, нејзиниот најголем личен триумф е балансот кој го негува дома.
Мајка е на три деца – ќерка на 11 години, син на 9 години и синче кое има само два месеца. Како што самата вели, сите три деца се темпераментни и активни, можеби затоа што се родени во ист период од годината, под знакот Водолија. Поголемите две деца се веќе доста самостојни, имаат силна меѓусебна поврзаност и несебично помагаат во грижата за бебето.
Интересно е што во нивниот дом електронските уреди речиси и да не се користат – навика која ја стекнале од најрана возраст, па децата не ни бараат телефони. Наместо тоа, нивното секојдневие е исполнето со игра, креативност и активности, било дома или на отворено, каде постојано создаваат нови игри и авантури.
Во интервју за Фемина, Ѓорѓева зборува за мајчинството од личен и професионален аспект, за предизвиците и убавините на родителството, но и за тоа како изгледа кога експертизата за спиење се применува во сопствениот дом.
По трет пат станавте мајка. Како ова искуство се разликува од претходните две и на емотивно и на практично ниво?
Не се оптоварувам со непотребни работи и не се трудам сè да биде совршено
Би рекла дека и емотивно и практично ова ми е најлесното мајчинство досега. На емотивно ниво сум многу посмирена, постабилна и поопуштена. Многу полесно го смирувам бебето кога е вознемирено, а мислам дека токму мојот мир му помага и нему полесно да се регулира. Овој пат многу повеќе уживам во секој момент, затоа што знам колку брзо поминуваат фазите, а тоа ми помага полесно да ги прифатам и убавите и потешките денови.
Практично, искуството многу ми помага. Веќе точно знам што е навистина важно, а што може да се поедностави или да се прескокне. Не се оптоварувам со непотребни работи и не се трудам сè да биде совршено. Со три деца, нема ниту време, ниту потреба за комплицирање, а токму тоа ми го прави секојдневието полесно.
Како изгледа вашето секојдневие сега со три деца? Кој е најголемиот предизвик, а што најголемото изненадување?
Првите две деца се поголеми, одат на училиште, па наутро со бебето ги испраќаме, а потоа си го тераме нашиот ритам. Тоа ми помага полесно да одржам ред и рутина, бидејќи во тој дел од денот сум сама со бебето. Попладне сме сите заедно дома и тогаш домот е „најжив“. Бебето најчесто заспива околу 19 часот, па оттогаш до 21 часот имам време целосно да им се посветам и на поголемите. Тоа време ми е навистина драгоцено, играме друштвени игри, разговараме, а за викенд понекогаш гледаме и филм заедно.
Многу ми е важно да направам баланс, и искрено, засега навистина убаво ни успева. Најголем предизвик во моментов е организацијата околу активностите на поголемите деца, бидејќи често им се поклопуваат термините, но имаме помош и успеваме да се организираме.
Најголемо изненадување за нас е односот на поголемите деца кон бебето. Уште од првиот момент се неверојатно нежни, внимателни и посветени. Кај нив видовме една сосема нова страна, повеќе грижа, емпатија и зрелост што до сега не сме ја забележале на тој начин. Третото дете толку природно се вклопи во нашето семејство, како да било отсекогаш тука, како едно мало делче што недостасувало за сликата да биде целосна.
Како експерт за спиење, колку си дозволувате флексибилност дома – дали има моменти кога свесно „ги кршите“ сопствените правила?
Не сум робот и нормално е понекогаш правилата да се прекршат
Секако дека да. Се трудам тоа да не биде често, но не сум робот и нормално е понекогаш правилата да се прекршат, има денови кога сакам да бидеме поопуштени и научив да не правам драма од тоа :). Со бебето, исто така, има моменти кога свесно ќе ја поместам дневната дремка или нема да го испочитувам ритамот баш до минута. Со три деца, не е секогаш возможно сè да биде идеално. Но, разликата е што тоа го правам свесно и знам дека е исклучок, а не правило. Мислам дека така и треба да функционира едно семејство, редот и рутината се многу важни, но одредени отстапки се сосема нормални и здрави.
Дали со претходните деца се соочивте со предизвици во процесот на учење да заспиваат и да спојуваат циклуси самостојно? Што беше најтешко?
Со ќерка ми поминавме низ тренинг за спиење, по што конечно почна да спие мирно цела ноќ
Да, и тоа беше една од главните причини зошто воопшто станав тренер за спиење. Со првото дете, ќерка ми, поминавме низ повеќе предизвици. Таа се будеше на секои 45 минути во текот на ноќта, што беше многу исцрпувачко за сите нас. Тогаш поминавме низ процес на тренинг за спиење, по што конечно почна да спие мирно цела ноќ. Тоа искуство беше пресвртница за мене, тогаш на своја кожа почувствував колку многу значи квалитетниот сон за едно семејство.
Со второто дете, веќе бев тренер за спиење и уште од почеток знаев што да правам. Кај него немаше потреба од класичен тренинг за ноќен сон, многу рано воспостави убав ритам и спиеше од 19 до 7 часот. Единствениот предизвик беа дневните дремки, па направивме еден мал „мини тренинг“ само за нив.
Колку реалноста со сопствените деца ви ги промени ставовите за тоа како „треба“ да изгледа тренингот за спиење?
Многу. Искрено, сметам дека за да бидеш навистина добар тренер за спиење, многу помага да имаш сопствено родителско искуство. Едно е она што ќе го прочиташ во книга или ќе го научиш во школа или на обука, но сосема друго е кога секојдневно живееш со дете и ги поминуваш сите фази со него. Моето лично искуство ме направи многу поемпатична, понежна и пореална во очекувањата. Со мајките денес работам со многу повеќе разбирање, затоа што знам колку може да биде тешко, особено кога си ненаспан, исцрпен и преплавен со совети од сите страни.
Сопствените деца ме научија дека секое дете има свој темперамент, свој ритам и свои потреби
Од друга страна, сопствените деца ме научија дека секое дете има свој темперамент, свој ритам и свои потреби, она што функционирало кај првото не мора да значи дека ќе функционира и кај второто дете, затоа е важно секое дете да се гледа индивидуално и да не се споредува со другите. Многу работи што звучат совршено „на хартија“, едноставно не функционираат кај секое дете и тоа е сосема нормално.
Кога планирате да започнете со воспоставување на рутина и евентуален тренинг за спиење кај најмалото и дали тоа ќе биде различно од претходните искуства?
Спиењето во раце помага уште од најмала возраст бебето да учи техники на смирување
Рутина веќе имаме и тоа ми е многу важно. Но, овој пат сè оди многу понежно, постепено и природно. Првиот месец по раѓањето речиси постојано спиеше во раце. За мене тоа не беше проблем, напротив уживав во секоја минута, а некогаш и од „себични“ причини не го спуштав во креветче, уживав и сѐ уште уживам во тоа да ми спие во прегратка. Токму во тие моменти се гради довербата, сигурноста и чувството на блискост.
Спиењето во раце помага уште од најмала возраст бебето да учи техники на смирување, на пример, тапкање по газето, допир, глас, присуство. Потоа следуваше фаза на заспивање гушнати еден до друг, а сега веќе заспива и во креветче. Го тапкам, го галкам, му давам сигурност, а тој мирно си заспива. Сето ова го постигнавме без класичен тренинг, без плачење и без притисок. Искрено, верувам дека токму тие мали, нежни чекори уште од раѓање прават огромна разлика подоцна. Засега не гледам потреба од тренинг, но ако некогаш се појави потреба, без двоумење би го направила тоа, затоа што знам колку е важен квалитетниот сон за здравиот развој на детето но и за благосостојбата на целото семејство.
Дали искуството ве научи дека постои „совршено време“ за тренинг на спиење, или секое дете си има свој ритам?
Во првите 5 месеци не се препорачува тренинг за спиење
Секое дете си има свој ритам. Некое порано, некое подоцна ќе научи да заспива самостојно и да ја преспива ноќта. Не постои едно „совршено време“ што важи за сите. Но, постои период кога никако не се препорачува тренинг за спиење, а тоа се првите пет месеци. Во тој период биолошкиот развој на сонот сè уште не е целосно созреан: циклусите на спиење се незрели, а саморегулацијата допрва се развива. Дури и подоцна, не секое бебе е подготвено на иста возраст. Некое нема да биде подготвено ни на осум месеци и тоа е сосема во ред. Пред да се започне со тренинг, најважно е не само детето, туку и целото семејство да биде подготвено и посветено. Само така процесот може да биде успешен и мирен.
Што би им порачале на родителите кои се чувствуваат виновни ако не ги следат правилата „по книга“?
Ако нешто функционира кај едно дете, тоа не значи дека ќе функционира и кај друго
Најпрво, да престанат да чувствуваат вина. Книгите и советите се тука да ни дадат насока, да ни помогнат подобро да го разбереме детето и неговиот развој. Но, тие не можат да го познаваат вашето дете подобро од вас. Ако нешто функционира кај едно дете, тоа не значи дека ќе функционира и кај друго. И тоа е сосема нормално. Најважно е да го следите своето дете, да го слушате сопствениот инстинкт и да не се споредувате со никого. Ниту животот, ниту родителството, ниту спиењето не одат секогаш „по книга“ и токму во тоа е убавината.
Што научивте за себе како мајка дури сега, по третото дете, што не сте го знаеле претходно?
Научив дека можам да бидам многу пофлексибилна отколку што сум мислела и дека тоа воопшто не значи губење контрола, напротив, понекогаш тоа ни дава мир на сите. Сфатив дека дури и во најголемиот хаос можам да останам смирена, а токму таа смиреност ми дава контрола над целата ситуација. Исто така, научив да направам баланс помеѓу децата и моите потреби, секое да се чувствува сакано и видено, а јас да не се заборавам себеси. Секој ден се обидувам да најдам време за себе, затоа што знам дека само така можам да бидам добра и за нив.
Кој е најважниот совет што би му го дале на родител кој за првпат има бебе и се соочува со непроспиени ноќи?
Колку се посмирени родителите, толку полесно ќе се смири и бебето
Колку и да звучи клише, сè ќе помине. Колку и да изгледа тешка и безизлезна ситуацијата во моментот, ова е само фаза и поминува многу побрзо отколку што мислиме. Би им рекла да се обидат да останат смирени и да ги забележуваат убавите мали моменти, затоа што токму тие помагаат полесно да се преброди овој период. Колку се посмирени родителите, толку полесно ќе се смири и бебето. За секој проблем со спиењето, постои решение. Кога ќе се најде вистинската причина и кога бебето ќе биде подготвено, работите се менуваат, а непроспиените ноќи нема ни да ги паметите.
А што би им кажале на родителите кои веќе имаат искуство, што е поинаку трет пат?
На сите им посакувам трето дете
Третиот пат е најубав, најопуштен и најсвесен, барем за мене е така. Првите два пати сè уште учиш, често си збунет и несигурен. Со третото дете веќе ништо не те изненадува, знаеш дека секоја фаза е пролазна и токму затоа многу повеќе уживаш во секој момент. Плус, врската меѓу поголемите деца и бебето е нешто навистина посебно. Таа нежност, грижа и љубов што се создаваат носат еден нов мир во домот. Третото дете често го нарекуваат „family baby“, и навистина е така, како да ја поврзува целата фамилија на едно поубаво, подлабоко ниво. И секогаш со насмевка велам, на сите им посакувам трето дете. Искрено, понекогаш изгледа полесно со три отколку со едно или две.
Како се менува пристапот кон спиењето на децата кога во домот има повеќе од едно дете со различни потреби?
Кога имаш повеќе деца, многу брзо сфаќаш дека не постои еден ист пристап што важи за сите. Од една страна, секое дете си има свој ритам, темперамент и потреби, па пристапот се прилагодува кон детето, но од друга страна, целта секогаш останува иста, добар сон за целото семејство. Затоа е многу важно да се направи баланс, да се постават јасни правила што сите во домот ќе ги почитуваме. Да, понекогаш ќе се прекршат, но тоа треба да биде исклучок, а не секојдневие. Јас, редот и рутината не ги гледам како ограничување, туку како нешто што ни носи дополнителен мир и сигурност и на децата и на нас родителите.
Што за вас значи мајчинството денес и како жена и како професионалец?
Мајчинството за мене е мојата најголема животна лекција
Денес мајчинството за мене е мојата најголема животна лекција, многу научив, а и секојдневно учам од моите деца. Ме научи на трпение, емпатија и присутност, но и колку е важно децата да растат со јасни граници и стабилност.
Како жена, научив да не се заборавам себеси. Да најдам време за мене и да не чувствувам вина за тоа, да се грижам за себе за своето физичко и ментално здравје за да бидам вистински присутна во животот на моите деца со години.
А како професионалец, мајчинството ми даде нешто што не се учи од книга, вистинско разбирање. Кога работам со родители, не зборувам само од знаење, туку и од моето лично богато искуство.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk