„Сакаа да го направат светот подобар“: Славните се збогуваат со Роб Рајнер и Мишел кои беа убиени од нивниот син Ник
Холивуд тагува поради смртта на талентираниот режисер, продуцент и актер Роб Рајнер и неговата сопруга Мишел која беше фотографка.
Славните личности, како и целиот свет, со шок ја примија веста дека познатиот пар беше убиен во нивниот дом во Лос Анџелес, а дека виновен за тоа е нивниот син Ник.
Тие преку своите платформи на социјалните мрежи се збогуваат со луѓето кои „несебично се даваа себеси за да го направат светот подобро место“.
Деми Мур
Не постојат зборови кои вистински можат да ја изразат несфатливата болка од загубата на Роб и Мишел Рајнер. Нашите деца растеа заедно, работевме заедно, и како што нашите животи се испреплетуваа и лично и професионално, засекогаш ќе ги негувам моментите и спомените кои ги споделивме.
Тие беа неверојатни луѓе и прекрасни родители кои несебично се даваа себеси за да го направат светот подобро место.
Моето срце, мисли и молитви се со нивното семејство, пријателите и со сите што се погодени од оваа трагедија.
Мајкл Даглас
Најтрагична ситуација за двајца извонредни луѓе кои дадоа толку многу за да го направат светот подобро место. Роб и Мишел Рајнер ќе недостасуваат премногу.
Кетрин Зета-Џонс
По викенд исполнет со длабока тага, имам тежина на срцето. Зошто Евреите не можат да го слават својот празник на плажа во Австралија без да бидат масакрирани? Зошто млади студенти не можат да учат во училница без да бидат застрелани? Зошто нашите пријатели мора да бидат убиени во своите домови? Омразата, насилството и навредливата реторика се проширија до нивоа на незамислива токсичност, насекаде, без исклучок.
Нѐ има над 8 милијарди на оваа планета. Не можеме да очекуваме сите да нѐ сакаат, ниту пак ние да ги сакаме сите. Не можеме да очекуваме со сите да се согласуваме, ниту сите да се согласуваат со нас. Но, зошто некој мора да биде убиен поради тоа? Има место за сите нас овде, на оваа рајска Земја. Пеколот се полни прилично брзо.
Мишел Фајфер
Повеќе од ужасно. Моите мисли и молитви се со семејството на Мишел и Роб и со сите кои ги сакаа. Навистина ми е многу жал.
Џејн Фонда
Роб и Мишел Рајнер беа прекрасни, грижливи, паметни, смешни и дарежливи луѓе, секогаш со идеи како да го направат светот подобар, пољубезен. Ги видов пред две вечери, здрави и среќни. Сега сум преплавена со тага. Шокирана сум.
Кејт Хадсон
Роб инспирираше многумина со својата способност да создава филмови кои се смешни, моќни и инспиративни. Беше љубезен и грижлив. Се чувствувам како среќничка што работев со него, што го познавав, што се смеев со него и што делев моменти со него и Мишел. Моменти кои никогаш нема да ги заборавам.
Марија Шривер
Ги сакав Мишел и Роб Рајнер. Тие беа меѓу моите најблиски пријатели. Заедно ги растевме нашите деца. Заедно се смеевме, заедно плачевме, заедно игравме, заедно сонувавме. Вечеравме заедно минатата недела и тие беа на најдоброто место во своите животи: се сакаа еден со друг, ги сакаа своите пријатели, своето семејство, својата земја. Секогаш сакаа да го направат нашиот свет подобар.
Ги сакав и знам дека и тие ме сакаа мене, затоа што пријателство како тоа е вистински дар. Многу ги сакаа своите деца и никогаш не престанаа да се трудат да бидат навистина добри родители. Многу ми е жал за нив. Скршена сум, во шок, запрепастена и длабоко тажна, како и сите луѓе кои ги сакаа нив и кои тие ги сакаа...
Зои Дешанел
Срцето ми е скршено. Роб Рајнер беше апсолутно најтоплата, најсмешната и најдарежливата душа. Навистина добар човек. Неверојатен уметник и толку разигран и забавен соработник. Го ценам и чувам времето кое го поминавме работејќи заедно и многуте филмови кои ги создаде, а кои го обликуваа тоа што сум денес.
Роб и неговата прекрасна сопруга Мишел секогаш беа толку љубезни и ми носеа огромна радост секојпат кога ќе имав среќа да ги видам.
Џејми Ли Кертис
Секогаш ќе ги паметам такви какви што беа додека беа живи. Страсни. Опкружени со семејство и пријатели. Роб и Мишел беа обединет тим. Ова е незамислива трагедија и загуба. Молете се за сила за нивните деца. Светот е осиромашен без нив.
Рита Вилсон
Роб и Мишел Рајнер се две личности кои навистина го направија светот подобро место. Тоа е вистина. Невозможно е човек да се помири со трагедијата на нивната смрт со убавината која му ја подарија на светот.
Кевин Бејкон
Пол Макартни
Огромна трагедија е смртта на Роб Рајнер и неговата сопруга Мишел. Тоа е шокантно на многу начини, особено за мене, затоа што во изминатата година работев со него. Животот може да биде многу неправеден и оваа трагедија го докажува тоа.