Различни пристапи во борбата против пушењето: додека други охрабруваат алтернативи, кај нас се воведуваат забрани
Предложениот Закон за заштита од пушење во Македонија предвидува сериозни ограничувања за алтернативните никотински производи. Според предложените решенија, би се забранила продажбата на производи со вкусови и ароми што се користат кај уредите за загревање, вејповите и никотинските ќесички.
Наспроти ваквиот пристап, дел од земјите кои успешно ја намалуваат стапката на пушење дозволуваат поширока употреба на овие производи. Во Велика Британија, здравствените институции со години промовираат јасна разлика меѓу традиционалните цигари и алтернативните никотински производи.
Британската национална здравствена служба NHS ги советува лекарите, покрај класичните терапии за откажување од пушење, да ги информираат пациентите и за електронските цигари како потенцијална алатка за намалување на зависноста од цигари.
Слични насоки изработија и канадските здравствени власти, според кои непушачите и адолесцентите треба да избегнуваат електронски цигари, но пушачите на класични цигари треба целосно да се „префрлат“ на користење електронски цигари за да го намалат лошиот ефект врз нивното здравје преку долготрајната употреба.
Голема дебата за стратегијата за намалување на стапката на пушење беше покрената и во Хрватска. Во неа се вклучи и Андријана Шантиќ, специјалист психијатар во Клиниката за психијатрија во Осијек. Врз основа на искуството, таа вели дека пушачите честопати велат дека кога треба да се смират, посегнуваат по цигара и тврдат дека никотинот ги смирува и им овозможува подобро да функционираат за да се справат со обврските.
Оваа врска предизвикува ослободување на допамин, норадреналин и серотонин, хемиски гласници во мозокот кои го регулираат нашето расположение, внимание и чувство на награда. Затоа пушачот може да доживее краткотрајна јасност, подобра концентрација или чувство на смиреност, објаснува д-р Шантиќ.
Д-р Шантиќ вели дека секоја нова цигара го зголемува ризикот од мозочен удар, деменција и невролошко влошување. Но, кај хроничните и тешките пушачи, наглото откажување од пушење може да предизвика силна реакција од апстиненцијата. Таа додава дека, доколку содржат никотин, електронските цигари имаат многу сличен неврохемиски ефект како класичните цигари - активирање на никотинските рецептори, ослободување на допамин и привремено намалување на симптомите на апстиненцијата.
На овој начин корисникот исто чувствува краткотраен мир и олеснување. Доколку не содржат никотин, ефектот е повеќе психолошки, како ритуал на вдишување, оралната стимулација, а и самиот чин на ракување со цигарата ја задржуваат својата смирувачка функција. Електронската цигара често станува предмет за замена, ја задржува симболиката и ритуалот на пушење, но со помала соматска штета иако психолошката компонента останува силна, оценува докторката.
Овие дилеми го покренуваат и прашањето за начините на кои домашните власти се обидуваат да ја намалат стапката на пушење со новиот закон. Освен што постои ризик пушачите да не се доволно стимулирани да се откажат од цигарите, постои и можност на пазарот да се појават голем број производи на црниот пазар. Во еден од последните извештаи на Институтот за јавно здравје на темата, се наведува дека ИЈЗ постојано прави напори за едукација на населението со водење на различни здравствени кампањи кои го запознаваат населението со опасностите од пушењето, како и придобивките од престанувањето, но и покрај тоа населението не е заинтересирано за прекин на употребата на тутунските продукти. Во меѓувреме, потфрлиле и советувалиштата ширум Центрите за јавно здравје, бидејќи, како што се препорачува во извештајот потребно е „обезбедување на бесплатна фармаколошка терапија во советувалиштата, бидејќи голем дел од луѓето кои се јавиле во советувалиштата очекувале дека ќе добијат некаква фармакотерапија за да им помогне со откажувањето“.