Расел Бренд прогласен за виновен за силување и сексуални напади, го очекува долга затворска казна
Расел Бренд е прогласен за виновен за силување на една жена и сексуални напади врз уште три жени. По изрекувањето на пресудата во Лондон, на 51-годишниот актер и комичар му беше одреден притвор, а висината на затворската казна ќе биде соопштена в понеделник.
Делата за кои е прогласен за виновен биле извршени во периодот од 2004 до 2009 година, а беше ослободен од две други обвиненија за силување и едно обвинение за обид за непристоен напад.
Судијата Џоел Бенатан му порача дека поради сериозноста на делата, го очекува долга затворска казна. Неговото барање да остане на слобода со кауција беше одбиено и тој беше одведен во притвор.
Во судницата беше прикажано снименото сведоштво на жената која раскажа дека Бренд ја силувал во 2009 година. Таа објасни дека се согласила на сексуален однос, но не и на анален секс, на кој тој ја принудил и покрај нејзините повторени барања да престане. „Се чувствував целосно понижено“, изјавила таа, додавајќи дека подоцна во порака му напишала: „Се однесуваше кон мене како кон животно“. Според нејзиното сведоштво, Бренд ѝ одговорил: „Жал ми е“.
Бренд ги негираше сите обвиненија. Во своето сведочење, тврдеше дека никогаш немал сексуален однос без согласност и дека дел од настаните биле доброволни средби кои подоцна биле поинаку претставени.
Случајот се најде во фокусот на јавноста во 2023 година, по заедничката истрага на „The Times“, „The Sunday Times“ и емисијата „Dispatches“, по која полицијата започна да ги истражува пријавите. Во рамките на полициската истрага, биле собрани докази од повеќе од 100 сведоци и биле разгледани илјадници документи.
Британската полиција им оддаде признание за храброст на жените кои го пријавиле Бренд. Во меѓувреме, продолжува истрагата за уште две пријави за силување, за кои материјалите веќе се доставени до обвинителството. За нив сè уште нема судска одлука.
Расел беше во брак со Кети Пери од 2010 до 2012 година. Во 2017 година се ожени со авторката и илустраторка Лора Галахер, со која има три деца. Лора беше покрај него за време на судењето, придружувајќи го на рочиштата, а сведочеше и во негова одбрана, опишувајќи го како грижлив сопруг и прекрасен татко на нивните деца.