„Ракот те менува, тешко е да се вратиш на личноста којашто си бил“: Принцезата Кетрин искрена за дијагнозата
Принцезата Кетрин отворено сподели како ракот ѝ ги променил не само животот и телото, туку и погледот кон светот.
Во објавените сцени од нејзиниот нов документарец „Heal“, 44-годишната припадничка на британското кралско семејство се навраќа на искуството со болеста, лекувањето и опоравувањето, откривајќи колку длабоко ваквата животна битка го менува човекот.
„Ракот навистина те менува. Го менува твоето тело. Физички те менува. Мора да поминеш низ третмани, операции и сè што доаѓа со тоа“ – вели Кетрин во документарецот.
Но, за Кетрин, последиците од дијагнозата биле многу подлабоки од физичките промени. Соочувањето со сопствената ранливост и смртноста ја натерало поинаку да гледа на животот.
„Кога ќе се соочиш со сопствената смртност, мораш да прифатиш дека животот не е бесконечен. Во тие моменти нешто во тебе се менува. Стануваш поотворен, мислам дека срцето ти омекнува“ – вели таа.
Сопругата на принцот Вилијам додава дека по вакво искуство е многу тешко да се вратиш на личноста којашто си бил претходно, но токму во тоа гледа можност за промена, нов почеток и личен раст.
„Заздравувањето е патување. Како повторно да се поврзеш со работите кои некогаш си ги познавал и како да пронајдеш надеж и радост дури и кога постои неизвесност“ – вели таа.
Документарецот „Heal“ ја следи Кетрин и во еден исклучителен физички предизвик – освојувањето на трите највисоки планини во Шкотска, Англија и Велс во рок од 24 часа. Предизвикот Three Peaks го реализирала во јуни, со цел да собере средства за добротворната организација Royal Marsden Cancer Charity и да испрати порака за животот по дијагнозата на рак.
Во филмот се прикажани и средбите со други луѓе кои се соочиле со сериозни здравствени предизвици, како и трогателни семејни моменти. На крајот од предизвикот, Кетрин ја пречекуваат принцот Вилијам и нивните три деца, Џорџ, Шарлот и Луи, кои веднаш ѝ се фрлаат во прегратка.
Во документарецот се појавува и нејзиниот брат Џејмс Мидлтон, кој ја потсетува дека за разлика од многу пациенти кои го одбележуваат крајот на лекувањето со симболично ѕвонење на ѕвоно, таа немала таков момент. Затоа, ѝ вели дека можеби овој планинарски предизвик е симболичен начин да го одбележи патот кој го помина.
„Неверојатно сум горд на мојата мила сестра ❤️⛰️
Пред две години ти ветив дека заедно ќе се искачиме на оваа планина. Додека беше во болница, разговаравме за планинарење и за неверојатната исцелителна моќ која природата може да ја има и врз телото и врз умот. Затоа ми беше огромна чест да ти се придружам во предизвикот Three Peaks, организиран за добротворната организација Royal Marsden Cancer Charity.
Навистина е инспиративно да видам колку далеку си стигнала. Твојата сила, издржливоста и решителноста, а истовремено и тоа што си неверојатна мајка, сопруга, ќерка и сестра, секојдневно ме инспирираат мене и многу други луѓе.
Продолжи да бидеш токму таква каква што си ✨“ - ѝ напиша тој.
На Кетрин ѝ беше дијагностициран рак по операција на абдоменот во 2024 година, по што помина низ хемотерапија. Во јануари 2025 година, таа соопшти дека болеста е во ремисија.

Преку „Heal“, британската принцеза сака да им помогне на луѓето полесно да се справат со дијагнозата, лекувањето и животот по ракот, но и да ја истакне важноста на грижата за физичкото и менталното здравје во текот на целиот процес.
„Јасно е дека не сме создадени сами да ги носиме животните предизвици. Работите можат повторно да се обноват и да растат. Честопати, токму преку болката сфаќаме дека зад неа постои многу поголема убавина“ – порачува Кетрин.
Документарецот премиерно ќе биде прикажан на BBC One на 29 ноември, а сите средства од неговата дистрибуција ќе бидат наменети за Royal Marsden Cancer Charity.