„Тројца чувари на македонската музика“: Џокси, Дарио и Џафер ги здружија гласовите во „Љубовта е“ по повод голем јубилеј
Три препознатливи гласа на македонската музичка сцена се споија во песна која носи специјална приказна за љубовта, пријателството и заедничките музички спомени.
Џина Папас Џокси, Мики Јовановски Џафер и Дарио Панковски ги здружија силите за нова верзија на песната „Љубовта е“, со која го одбележуваат јубилејот 50 години музичка кариера на Џокси.
Дарио со многу љубов ја претстави нивната соработка, истакнувајќи го долгогодишното пријателство кое ги поврзува тројцата музичари.
Тројца чувари на македонската музика, тројца колеги уметници и тројца големи пријатели со повеќедецениско пријателство. Џина Папас Џокси, Мики Јовановски Џафер и Дарио.
'Љубовта е...' ја отпеавме по повод 50-годишниот музички јубилеј на нашиот Џокси. ЧЕСТИТКИ!!! - напиша тој.
Џокси откри дека приказната за песната започнала пред повеќе од две децении, кога првпат му ја отпеал на Џафер и му предложил заедно да ја пријават на македонскиот избор за Евровизија.
Иако идејата тогаш не се реализирала, песната подоцна добила свое место на музичката сцена, со изведбата на Макфест во 2018 година.
Можеби ја паметите „Љубовта е“ од Макфест 2018. Приказната за неа почна многу порано, кога му ја отпеав на Мики Јовановски Џафер кај нас дома и му предложив заедно да ја пријавиме на нашиот избор за Евровизија. Таа идеја тогаш остана нереализирана. Денес, по повеќе од две децении, ми е особено драго што песната ја пеам со Мики и Дарио.
Кога ја пишував музиката за „Љубовта е“, појдов од тоа како Огнен Неделковски ги реди сликите во текстот. Истите два збора, „Љубовта е“, нè враќаат на почетокот, а секојпат по нив доаѓа нешто неочекувано. Од „добитен тикет“ до „слатка лага“, па сè до „земја наша“. Сакав мелодијата да ги поврзе тие слики, а на зборовите да им остави простор да го сменат расположението. Така, истото „Љубовта е“ еднаш го слушаш со насмевка, а другпат ти звучи горчливо, зависно од тоа што доаѓа по него.
Затоа ми беше важно во новата верзија да ги вратиме двете строфи што ги изоставивме за Макфест. Со нив повторно се слуша целиот пат што го минува песната, од првите разиграни слики до последната, „земја наша“.
„Љубовта е“ од моја соло изведба стана песна за три гласа.
Мики и Дарио, секој на свој начин, ги прочитаа стиховите што дотогаш ги пеев сам. Кај Мики ме радува онаа негова препознатлива рапавост, со која и наједноставниот стих добива тежина. Кај Дарио ми се допаѓа колку природно ја пренесува мислата, како да ти ја кажува во разговор. Со нив повторно ги слушнав зборовите на Огнен и открив нијанси што дотогаш ми бегале. Токму тоа ми беше мерак во оваа соработка - пишува Џокси.
Музиката за „Љубовта е“ е дело на Џокси, текстот го потпишува Огнен Неделковски, а аранжманот е на Валентино Скендеровски. На музичката продукција работеа Валентино Скендеровски и Томче Бојаџиески.