Рачно насликана венчаница со мотиви од Македонија: Скопјанката Моника Матеска се омажи во уникатен фустан кој восхитува
Моника Матеска имала јасна визија како ќе изгледа на денот кога ќе го изговори специјалното „ДА“, а нејзината замисла се преточила во реалност. Среќната невеста се омажи во уникатен фустан со пејзаж кој ја раскажува нејзината животна приказна и врската со родната земја.
Успешната iOS инженерка, која со сопругот Филип живее и работи во Копенхаген, се заколна на вечна љубов во рачно насликана креација со мотиви од Македонија која мами воздишки. Елегантниот фустан настана по нејзина идеја, дизајнот е на нејзината мајка, а уметничката изведба на нејзин братучед.
„Не затоа што сакав да биде впечатлива, туку затоа што сакав да има значење“ – открива Моника за Фемина.
Раскажувајќи за целиот процес, Моника вели:
„Имав една многу јасна замисла – целиот фустан да биде едно големо платно. Сакав секој потег со четката да има своја причина. Размислував каде ќе започне сликата, како ќе се прелива по материјалот, каде ќе исчезне во белината и како целата композиција ќе изгледа додека се движам. Не сакав сликата само да биде украс на фустанот. Сакав фустанот да биде сликата.“
Фустанот е изработен во „Atelier Per Sempre“, ателјето на нејзината мајка Јасминка, која го претворила дизајнот во реалност. Последниот и најважен чекор бил доверен на нејзиниот братучед Матеј Поповски, уметник и интериорен дизајнер, кој го чекале да се врати од Кина за лично да ја наслика композицијата.
На свилата се протега пејзаж инспириран од Македонија. Вода, дрвја, зеленило, далечен замок и два лебеда се дел од композицијата која требало да изгледа како спомен, а не како обична илустрација.
„И јас и Филип сме од Македонија. Тука се запознавме, тука ни се семејствата и иако денес живееме во Данска, ова е местото каде што секогаш се враќаме“ – објаснува Моника.
Еден од најемотивните детали се наоѓа на големата машна на грбот, каде што рачно се испишани иницијалите на младенците и датумот на нивната регистрација.
„Тоа е мал детаљ кој многумина можеби нема веднаш да го забележат, но за мене беше важно и најмалиот елемент да биде дел од приказната“ – додава таа.
Но, фустанот не бил единствениот семеен придонес за овој ден. Нејзината тетка Елена Поповска, преку своето ателје „My Precious“, го изработила брошот кој го носел Филип, користејќи ја традиционалната кинеска техника „Chan Hua“. Во истата техника биле направени и брошевите кои што им ги подариле на сите жени кои присуствувале на регистрацијата.
„Дури кога сè беше подготвено, сфатив колку многу луѓе кои ги сакам беа вградени во целиот изглед. Мајка ми го создаде фустанот, Матеј ја наслика композицијата, тетка ми ги изработи брошевите... Ништо од тоа не беше планирано како концепт. Едноставно, така се случи“ – вели таа.
Денес, кога ги гледа фотографиите од регистрацијата, Моника признава дека најпрво не ја забележува венчаницата:
„Прво не го гледам фустанот. Ги гледам луѓето кои помогнаа да настане.“
Уникатната креација нема да остане скриена во плакар. Моника открива дека фустанот ќе биде изложен како експонат во „Atelier Per Sempre“, а се надева дека еден ден ќе стане и првиот експонат во идниот музеј на ателјето.
„Не затоа што е мојот фустан. Туку затоа што е најубавиот пример за тоа што може да се создаде кога едно семејство ќе ја вложи својата љубов, креативност и време во една единствена приказна“ – додава Матеска.
За интимната церемонија со која ја круниса љубовта со Филип, Моника споделува:
„Нашата регистрација беше токму онаква каква што ја замислувавме – мала, интимна и исполнета со луѓето кои најмногу ни значат. Церемонијата се одржа во Порта Македонија, а потоа продолживме со вечера во „LaTerazza“. Не сакавме голема прослава. Сакавме мирен ден, во кој најважни ќе бидат луѓето, разговорите и моментите што ќе ги паметиме.“
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk