Зад насмевката на Чендлер Бинг: 10 потресни вистини за Метју Пери откриени во новиот документарец
Милиони луѓе го обожаваа како Чендлер Бинг, човекот кој со своите саркастични шеги ширеше смеа преку телевизиските екрани. Но, додека ги забавуваше гледачите на „Пријатели“, Метју Пери водеше тешка битка со зависноста, осаменоста и сопствените стравови.
Три години по неговата смрт, Netflix ја објави документарната серија „The One About Matthew Perry“, која открива интимни детали од животот на актерот, преку негови архивски снимки и сведоштва на негови блиски. Особено емотивни се исповедите на неговата сестра Миа Пери Боувик, која за првпат јавно зборува за него пред камера.
Од траумите во детството и зависноста која речиси го чинела живот, до последното збогување со колегите од „Пријатели“, издвојуваме десет потресни моменти од документарецот.
На пет години сам летал со авион и се чувствувал напуштено
Родителите на Метју се развеле кога бил многу мал. Неговата мајка живеела во Монтреал, а татко му Џон Бенет Пери во Лос Анџелес. Уште на петгодишна возраст, Метју сам патувал со авион меѓу двата града, со ознака за дете без придружба. „Бев неверојатно исплашен“ – се присети тој во интервју додека беше жив.
Чувството на несигурност го следело цел живот. Во една од архивските снимки признал дека животот го поминал обидувајќи се да докаже дека три уверувања од детството не се вистинити: „Дека сум премногу зависен од другите, дека не сум доволно добар и дека не сум важен“.
Првпат се опијанил на 14 години и почувствувал олеснување
Метју имал само 14 години кога испил цело шише алкохол и првпат се опијанил. Наместо непријатно искуство, алкохолот му донел чувство на олеснување кое дотогаш не го познавал.
„Помислив: Вака сигурно се чувствуваат нормалните луѓе цело време“ – признал актерот.
Неговите пријатели откриваат дека почнал да пие тајно, често и сам и затоа долго време не биле свесни за проблемот.
Славата не ја пополнила празнината која ја чувствувал
Кога „Пријатели“ станале светски феномен, Метју имал само 25 години. Добил слава, богатство и признание за кои многумина можат само да сонуваат. Но, почетната среќа траела кратко.
„Бев исклучително среќен кога станав славен. А потоа, по околу шест месеци, си реков: О, не. Ова не го поправи она што е во мене“ – признал тој.
Неговата сестра објаснува дека славата не успеала да го ослободи од чувството на празнина и осаменост кое го носел уште од детството.
Несреќа со џет ски ја започнала неговата зависност од лекови против болка
Во 1997 година, за време на снимањето на филмот „Fools Rush In“, Метју се повредил додека возел џет ски на езерото Мид. Лекар му препишал лек против болка, по чие земање почувствувал силна еуфорија.
„Почувствував неверојатна еуфорија. Па зошто да не земам повеќе?“ – се присетил тој.
Набрзо почнал да чувствува физички симптоми кога не ги земал таблетите. Во најтешките периоди од зависноста, Пери земал и до 55 таблети „Викодин“ дневно, а неговата телесна тежина драстично се намалила.
Додека Чендлер се женел со Моника, семејството на Метју стравувало за неговиот живот
Една од најемотивните приказни во документарецот се однесува на снимањето на свадбата на Чендлер и Моника во „Пријатели“. Додека гледачите уживале во романтичните сцени, Метју се борел со зависноста и одел на лекување.
На снимањето присуствувале членовите на неговото семејство, кои со загриженост ја следеле неговата здравствена состојба. „Неизговореното прашање што сите го имавме беше: Дали ова ќе биде неговата единствена свадба?“ – открива Миа.
Таа раскажува дека емоциите во неговите очи додека ги изговарал брачните завети биле вистински.
Метју никогаш не се ожени и немаше деца.
Потрошил околу 7 милиони долари обидувајќи се да ја победи зависноста
Според неговата сестра, актерот потрошил околу 7 милиони долари во обидите да се ослободи од зависноста. Повеќепати престојувал во центри за рехабилитација, а периодите на закрепнување се менувале со повторни враќања кон супстанциите.
„Потроши 7 милиони долари обидувајќи се да остане трезен. Толку сериозно ја сфаќаше својата болест“ – вели Миа.
И покрај сопствените тешкотии, Метју им помагал и на други луѓе кои се бореле со зависност. Неговиот пријател Тим Харингтон раскажува дека актерот го примил во својот дом кога бил на работ повторно да посегне по дрога.
„Тој ми го спаси животот“ – вели Харингтон.
Му давале само 2% шанси да преживее
Во 2018 година, Метју завршил во болница во критична состојба, откако му пукнало дебелото црево поради долгогодишната злоупотреба на опоиди и развил тешка сепса. Бил во кома, а лекарите морале да го приклучат на апарат за вонтелесна мембранска оксигенација (ECMO), кој привремено ја презема функцијата на срцето и белите дробови.
„Ми дадоа 2% шанси да ја преживеам ноќта. Пет луѓе беа на ECMO таа ноќ, другите четворица умреа, а јас некако преживеав“ – раскажал актерот.
Неговата сестра се сеќава на ужасот кога го видела во болничкиот кревет, само шест недели откако се породила во истата болница.
Кога се разбудил од комата и дознал што се случило, Метју ги затворил очите и почнал да плаче. Следувале повеќе операции, долготрајно лекување и тешко закрепнување.
По повторното обединување на „Пријатели“, сестра му почнала да стравува дека зависноста ќе го убие
Кога актерската екипа на „Пријатели“ повторно се собра пред камерите во 2021 година, Метју сè уште се соочувал со сериозни здравствени проблеми. Според Миа, тој бил многу нервозен поради враќањето во јавноста и сакал да покаже дека е добро, иако реалноста била поинаква.
„Знам дека беше многу исплашен. Знам дека навистина се бореше за својот живот“ – вели таа.
По снимањето, сестра му почнала да ја доживува неговата зависност како болест која може да заврши фатално.
Петмината актери од „Пријатели“ се држеле за раце и плачеле покрај неговиот ковчег
Метју Пери почина на 28 октомври 2023 година, на 54-годишна возраст. На неговиот погреб, одржан во тесен круг на семејството и најблиските пријатели, присуствувале и Џенифер Анистон, Кортни Кокс, Лиса Кудроу, Мет Лебланк и Дејвид Швимер.
Миа открива дека петтемина пристигнале заедно.
„Сите петмина се приближија до ковчегот, држејќи се за раце, застанаа околу него и плачеа“ – раскажува таа.
Џенифер Анистон прва ѝ пришла на Миа и силно ја прегрнала, а потоа истото го направиле и останатите.
За семејството, нивното присуство било потсетник дека пријателството кое милиони луѓе го гледале на телевизија продолжило и надвор од камерите.
Смртта од кетамин и предавството од човекот кому му верувал
Првично, семејството верувало дека Метју доживеал срцев удар додека бил во џакузито во својот дом во Лос Анџелес. Но, обдукцијата покажала дека починал од акутните ефекти на кетамин.
Следувала истрага која открила мрежа од луѓе вмешани во незаконското снабдување на актерот со супстанцијата. Меѓу обвинетите бил и неговиот личен асистент Кенет Ивамаса, кој му го администрирал кетаминот.
„Нивото на предавство што сите го почувствувавме...“ – вели Миа, објаснувајќи дека семејството му верувало на асистентот.
„Можеше да ја напушти работата. Можеше да каже на некој од семејството. Можеше да направи многу различни избори“.
Сите петмина обвинети ја признале вината. Во мај 2026 година, Ивамаса беше осуден на три години и пет месеци затвор. За Миа, завршувањето на судските постапки донело извесно олеснување, но не и крај на тагата по братот.
Документарната серија се прикажува на Netflix.