• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Мода

Од скромен живот со самохрана мајка, до светски успех и живот во Дубаи: Приказната зад успехот на Сандра Матеска

27 мај 2026, 15:00
  • cподели

Од Скопје до космополитскиот сјај на Дубаи, приказната на модната дизајнерка Сандра Матеска е спој на талент, истрајност и храброст да се следи сопствениот глас. Младата дама заслужна за постоењето на брендот Atelier Per Sempre креира естетика која привлекува многу стилски ентузијастки, а беше препознаена и од уредниците на кинескиот „Вог“. 

Сандра Матеска и Денис Блат

Освен нејзината интернационална кариера, големо внимание привлече и нејзината љубовна приказна со Денис Блат, започната високо над облаците, крунисана со бајковито запросување на Бали и две свадби кои ја споија традицијата со гламурот.

Животот на Матеска изгледа како внимателно режиран филм. А, зад сиот раскош стои силна приказна за самохрана мајка како инспирација, за скромни почетоци, за ателје создадено „од нула“ и за вера дека креативноста може да биде животен пат, а не само сон.

Во интервју за Фемина, успешната креаторка отвора делови од себе кои ретко се гледаат зад сцената: за детството што ја обликувало, за предизвиците, за љубовта што ја движи и за амбицијата што не познава граници. Ова е разговор за модата, идентитетот и моќта на жената која сама ги испишува правилата на својот живот.

Сандра Матеска
Сандра Матеска и Денис Блат

Потекнувате од Македонија – какво беше вашето детство, во каква средина пораснавте и колку тие години ве обликуваа како личност и креативец?

Кога зборувам за креативноста и од каде таа доаѓа, мора да кажам дека главниот „виновник“ е мајка ми. Начинот на кој таа нè одгледа и нè мотивираше уште од најрана возраст да се изразуваме креативно, остави длабок печат. Се сеќавам колку беше вклучена во секој проект за училиште, со каква страст ни се посветуваше за да направиме нешто посебно и уникатно. Никогаш не рекла „само направи го ради реда“, туку со целосна посветеност и одвојувајќи го своето време, индиректно ни покажа дека во сѐ во кое вложуваш душа, резултатот секогаш е повидлив.

Не дека ни се наметнувала, туку со своите дела и со начинот на кој се поставуваше во секоја сфера, некако ни всади во нас тој стандард да не бидеме задоволни со обичното. Уште од најмали нозе ни купуваше книги за различни уметности, правевме оригами заедно, практични проекти од физика и хемија, го препозна мојот талент за цртање и одвои средства и време редовно да ме носи на приватни часови за ликовно. За мене и сестра ми шиеше облека за секоја прилика и ни ја отвори желбата сами да „дизајнираме“, а сето тоа додека беше самохрана мајка која се бореше буквално да стави парче леб на масата.

Сандра Матеска со мајка си
Сандра Матеска со сестра си

Секогаш велам: Доколку сум само 10% силна колку мајка ми, јас сум успеала во животот

Таа несебичност да нè турне и да ја разбуди љубопитноста кај нас не остана само на креативните сфери. Нè носеше на различни спортови, од танц до карате, каде јас мислам дека се оформив во многу силен карактер и научив да бидам смирена, сигурна во себе и да знам да се борам за успех. До ден-денес не можам да разберам од каде таа ја имала таа позитивна сила додека поминувала низ толку тежок период, но знам дека мојата сила, карактер и креативност директно доаѓаат од тоа да ја гледам неа и да учам од неа. Секогаш велам: „Доколку сум само 10% силна колку таа, јас сум успеала во животот“.

Средината беше доста динамична додека бев мала, многу работи се менуваа, и тоа некако ме направи лесно адаптибилна на промени. Денес сметам дека тоа е клучно во светот во кој живееме, да не се врзуваме за ништо физичко, да следиме со отворен ум и да им дозволиме на нештата да ни се случуваат. Само така гледаме и зграбуваме повеќе можности на патот и не се затвораме во сопствената комфорна зона.

До кога живеевте во Македонија и кои се најсилните спомени кои и денес ги носите со себе?

Живеев во Македонија сè додека не завршив факултет. Но, длабоко во себе секогаш знаев дека сакам да постигнам нешто големо и во тој момент сметав дека ми треба поголема платформа за да стигнам до тоа кон што целам.

Кога ќе помислам на Македонија, во мене се влева топлина, чувство на дом

Сепак, не би сакала да се доживее дека кон Македонија гледам само низ призмата на „спомени". Иако живеам помеѓу Дубаи, Азија и Македонија, активно се залагам да бидам дома колку можам повеќе, затоа што ниедна пара во светот не може да го замени чувството кога сум покрај најблиските. Кога ќе помислам на Македонија, во мене се влева топлина, чувство на дом, сигурност, мирис на домашна кујна и смеа на семејна трпеза, нешта кои никогаш нема да ги замени ниедно луксузно искуство во светот.

Сандра Матеска

Денес живеете во Дубаи – што најмногу ви недостасува од татковината и дали новиот начин на живот ве промени како жена и уметник?

Дефинитивно природата на прво место и четирите годишни времиња (знам, многу луѓе би се зачудиле за ова, но кога седиш подолг период на место со само сонце, тоа буквално станува монотоно). Верувам дека нашите тела се навикнати на цикличност. На поспокоен период преку зима кога се фокусираш и посветуваш дома, потоа природата се буди, а со тоа и нашата енергија, па лето, па есен кога ти недостасува малку да се „прибереш" дома и повторно да се фокусираш. Во Дубаи тоа го нема, сè е исто, само малку потопло или поладно и некако си фатен во некаков вртлог без крај.

Во однос на промената, единственото во кое се изменив е во тоа што сè сметам дека е возможно и може да се постигне, затоа што тука најновите работи од светот брзо доаѓаат и некако постојано се чувствуваш „во тек" и инспириран да придонесеш.

Сандра Матеска
Сандра Матеска

Кога првпат се роди љубовта кон модата, дали тоа беше спонтано чувство или свесна одлука дека ќе стане ваш животен пат?

Како што споменав, мајка ми ни шиеше фустани буквално уште од бебиња, имаме многу слики каде јас, мајка ми и сестра ми сме облечени исто, секогаш уникатно и различно. Таа нејзина дарба да претвори каков било материјал во нешто убаво ни ја даде можноста уште од мали да „дизајнираме“ и експериментираме и некако полесно да се пронаоѓаме. Подоцна, кога тргнав на училиште, дознав дека ова всушност не е „нормално“, не секоја мајка го прави ова за своите деца и затоа никогаш не го земав истото здраво за готово.

Јас завршив електро, исто како мајка ми и татко ми, одејќи по стапките на родителите и искрено никогаш не мислев дека модата ќе ми биде примарна професија. Потоа дојде дипломирањето, вработувањето во Дубаи како електроинженер, а набрзо потоа и Ковид, кој го замрзна мојот договор. Инаетот не ми дозволи да се вратам во Македонија и природно почнав „е-commerce“ бизнис кој ме научи многу за маркетинг. Но, во еден момент сфатив дека наместо да ја трошам енергијата на туѓи проекти, сакам целосно да се посветам на ателјето и да остaвaм нешто зад себе. Така модата стана примарна моја професија.

Сандра Матеска
Сандра Матеска

Како изгледаа вашите први чекори во модниот свет и како дојде до отворањето на сопственото ателје?

На почетокот правевме буквално сè сами

Сонот на мајка ми отсекогаш бил да стане дизајнерка, па кога со сестра ми пораснавме и се почувствувавме спремни и рековме: „Давај отказ на работа, ние отвораме ателје“, и така, со многу скромни и срамежливи почетоци, сè започна, само со онлајн страница и работилница дома.

Правевме буквално сè сами, бевме модели, маркетинг тим, носевме текстил, организиравме настани, па сè до градење на целиот мебел за првото студио со дедо ни, буквално од нула, од даски, само за да заштедиме пари.

Како функционира вашиот креативен процес денес? Дали се водите повеќе од инспирација или од дисциплина?

Дефинитивно сум личност водена повеќе од емоции, сакам да сонувам големи нешта и тоа директно се рефлектира на мојата креативност и на она што сакам да го донесам во реалноста. Мајка ми е другата половина, потрезвената, поискусната, таа која умее да ме спушти на земја кога треба. Но, мора да признам дека нејзината креативност и искуство, проплетени заедно, создаваат еден поинаков вид на магија која секојдневно ја гледате во дизајните.

Имам правило: Или ќе биде блиску до совршено и ќе ме направи горда, или воопшто не го правам.

Кога создавам нешто, сакам тоа да „ме допре“ и да допре до публиката на емотивно ниво. Ништо што излегло од моите раце не излегло само затоа што требало. Имам едно правило: „Или ќе биде блиску до совршено и ќе ме направи горда, или воопшто не го правам“. Можеби тоа не е секогаш најдобра бизнис одлика, но почнав да прифаќам дека таква сум и подобро е да работам со тоа, отколку да се спротивставувам.

Сандра Матеска

Вашата љубовна приказна звучи како филм. Како се запознавте со сопругот Денис и кој момент најмногу го паметите од запросувањето?

Со Денис се запознавме на состанок на 130 кат на Бурџ Халифа

Всушност се запознавме сосема случајно, на еден деловен состанок, но на 130 кат на Бурџ Халифа, така да, во вистински Дубаи стил. Нашите заеднички пријатели се погрижија да делиме такси до следниот настан и од тој момент забележав колку е внимателен, отвора врати, грижлив, љубезен. По настанот, тој се погрижи да се вратам безбедно дома и мислам дека тогаш почувствував дека постои нешто посебно за него. Сè си легна на своето место некако премногу брзо и оттогаш станавме неразделни.

Во базен во Бали со латици од рози имаше напишано: „Сандра, ќе се омажиш ли за мене?"

Во однос на запросувањето, беше многу неочекувано и дефинитивно многу работи ми се во магла. Бевме јас, мајка ми и Денис во Бали, и двајцата веќе го имале сето тоа испланирано. Мајка ми ме „извади" од вилата во текот на денот и кога се вративме, тој имаше подготвено во целиот базен, исцртано со латици од рози: „Сандра, ќе се омажиш ли за мене?".

Сандра Матеска и Денис Блат
Сандра Матеска

Смешниот дел беше тоа што јас бев толку уморна од целиот ден поминат надвор, што кога влегов низ портата не забележав ништо. Сè додека Денис не застана право пред мене и не почна да се смее од уво до уво, а јас почнав да прашувам зошто се смее. Тој само со очите ми покажуваше кон базенот. Прво видов нешто црвено, но не сфатив веднаш, па почнав да читам и случајно го прочитав зборот „омажиш“ и во тој момент ми се пресекоа нозете. Клекна пред мене, јас бев збунета, почнав да плачам и да го прашувам „Стварно?". Дефинитивно еден од поубавите моменти во мојот живот, исполнет со толку чувства во толку краток момент, нешто кое ќе го памтам засекогаш.

Сандра Матеска и Денис Блат

Од каде дојде идејата за две свадби и како се разликуваа тие две искуства? Што ја направи посебна свадбата во Македонија, а што онаа во Франција?

Ние двајцата сме живееле низ светот, па имавме доста интернационални луѓе кои требаше да ги поканиме. Искрено, една од опциите беше да направиме само македонска свадба и да ги поканиме сите во Македонија, но ова го видовме и како можност да направиме нешто поинакво, нешто кое не би можеле да го изведеме дома, а воедно и попристапно за луѓето кои доаѓаа буквално од целиот свет, од Канада, Кина, Тајланд, Германија, Шпанија, Англија, ОАЕ.

Отсекогаш сакав свадба во замок и свадбата во Франција беше можност да се почувствувам како принцеза

Јас отсекогаш сакав свадба во замок, благодарение на „Дизни“, и свадбата во Франција беше буквално можноста да се почувствувам како принцеза барем еден викенд, каде ги собравме најблиските со замислата двете семејства да се поврзат и сите да си заминат со нови пријатели и проширено семејство.

Сандра Матеска и Денис Блат
Сандра Матеска и Денис Блат
Сандра Матеска и Денис Блат
Сандра Матеска и Денис Блат
Сандра Матеска и Денис Блат
Сандра Матеска и Денис Блат

За македонската свадба сакав да се вклучат сите традиции и обичаи

За македонската свадба знаев дека сакам сè што е можно во однос на традиции и обичаи да се вклучи, за да ги зачуваме истите, но и за да ги приближиме до неговата корејска и германска страна на семејството. Сакавме воедно да го вклучиме некако и неговото семејство, па кога дојдоа трубачите, ги завеавме сите знамиња – македонското, македонското со сонцето на вергина, корејското и германското, и тие беа прерадосни и убаво изненадени. На двете свадби си поминав најубаво во животот, но на сосема различен начин, и затоа, ако би правела повторно, пак би ги направила и двете, затоа што тие спомени се непроценливи.

Сандра Матеска и Денис Блат
Сандра Матеска и Денис Блат
Сандра Матеска и Денис Блат

Колку време ги планиравте венчавките и колку лично учествувавте во секој детаљ?

Искрено, и двете свадби ги организирав за 2-3 месеци. Првата свадба во август можев да ја организирам дури од јуни, затоа што до јуни целосно бев посветена на „The Haute Wed Gala“, која таа година се одржуваше за прв пат и чија целокупна организација падна на мене. Сакав да направиме нешто кое Македонија не го виделa, а за тоа беше потребна целосна посветеност.

За двете свадби јас бев планер и целата организација мина низ моите раце

По француската свадба имав само уште два месеци за македонската свадба во октомври. За двете свадби јас бев планер и целата организација мина низ моите раце. Не сакав да ги препуштам на надворешни планери, затоа што имав јасна визија и само една шанса да ја направам свадбата онака како што треба, па си ги засукав ракавите, направив 74 слајда презентација со визуелизација на секој детаљ за сите три дена во Франција и ги распределив обврските на секој тим поединечно.

Посебна емоција носат венчаниците изработени од вашите мајка и баба. Што значи за вас таа семејна нишка вткаена во најважниот ден?

Носев повеќе од пет парчиња сошиени и везени од мајка ми и баба ми

Во однос на венчаниците, тоа беше веројатно најемотивниот дел од целата свадба. Се чувствувам неверојатно среќна што во текот на целиот викенд носев повеќе од пет парчиња сошиени и везени од мајка ми и баба ми, секое со своја сентиментална вредност. За главната венчаница, вклучивме многу лични елементи, меѓу кои и семеен грб по нарачка на баба ми, извезен на четириметарски шлеп. Тој детаљ ја направи уште позначајна и поврзана со нашето наследство. Искрено, дури планирам еден ден да ја врамам, затоа што нивото на рачна работа и емоција зад неа ја претвори во нешто многу повеќе од само облека.

Целата приказна за вашите свадби се најде на страниците на кинескиот „Вог“, како се случи тоа и какво е чувството да се најдете на таква светска платформа?

Уште од мали нозе сонував за „Вог“, но тоа отсекогаш изгледаше недостижно

Искрено, кога ја организирав свадбата веќе имав намера да целам кон светски магазини, затоа што знаев дека ќе биде прекрасна и ќе содржи детали кои можат да бидат инспирација за многу невести.

По завршетокот на свадбата, заедно со мојот фотограф аплициравме во доста познати магазини и за наше изненадување не еден, туку дури неколку нè прифатија, вклучувајќи го и „Вог“. Се појавивме во некои од најпознатите светски списанија за свадби, а јас ќе бев сосема задоволна и со само еден. Кога во другите магазини беше објавена, бев преполна со среќа, но кога „Вог“ нѐ прифати на крај, не можев да си поверувам. Уште од мали нозе сонував за „Вог“, но тоа отсекогаш изгледаше недостижно. Чувствувам дека некои работи во животот едноставно ти се случуваат кога си спремна за нив.

Сандра Матеска

А за да среќата биде уште поголема, само недела дена пред свадбата да излезе во „Вог“, јас бев на „Shanghai Fashion Week“, и фотограф од „Вог“ застана да ме фотографира. Случајно го прашав каде можат да се најдат сликите и тој ми рече „Вог". Не му верував додека следниот ден не отворив случајно да проверам и се видов себеси покрај слики на познати азиски личности. Цел живот сонував за „Вог“, и ете, двапати за две недели. Кога емоциите се стивнаа, ме облеа благодарност и мир. Беше знак дека нешто добро правам, знак дека се движам по вистинска патека и само треба да продолжам.

Дали како дизајнерка од Македонија патот до интернационален успех беше потежок и со какви предизвици се соочивте?

Во Македонија не почнуваме од нула, треба да се бориме за да стигнеме до нула

Секако дека е потежок. За жал, во Македонија не почнуваме од нула, треба да се бориме за да стигнеме до нула, а камоли да имаме некаква отскочна даска. Колку порано тоа се разбере и прифати, толку подобро, за потоа да можеш да се фокусираш на она што стварно може да промени нешто во твојот живот: напорна работа, жртви и излегување од комфорната зона.

Во однос на предизвиците, дефинитивно најголем беше излегувањето од сигурната зона, прво од Македонија, а потоа и во Дубаи, каде честопати, особено на почетокот, моето мислење и зборови не беа сериозно земени предвид, посебно затоа што сум женско. Но, сметам дека доколку имаш квалитети и можеш да донесеш нешто на „масата", во тој момент те прифаќаат.

Кога не работите, што ве исполнува? Како изгледа вашето слободно време и што ве релаксира?

Може да ме најдете како скокам од авион со падобран, банџи скокање, или возење преку планини со четириколка

Поради тоа што со Денис постојано сме на пат, слободното време обично значи истражување на новото место каде сме во моментот. Нашите работни распореди се доста флексибилни и со добра организација успеваме и да го истражуваме светот и различните култури, а воедно и на кариерно поле да просперираме. Ме исполнува природата, интересните откритија низ градовите кои ги шетаме, но и адреналинските спортови. Денис знае да ме изненади со некоја нова активност која вклучува адреналин, затоа што знае дека тоа ме прави среќна. Често може да ме најдете како скокам од авион со падобран, банџи скокање, или возење преку планини со четириколка. Дефинитивно сум само едно возрасно дете.

Сандра Матеска и Денис Блат
Сандра Матеска и Денис Блат

Што за вас значи модерна, убава жена денес и како лично се негувате? Дали следите трендови или создавате свои правила?

Модерната и убавата жена пред сè почнува од внатре. Таа треба да биде сигурна во себе и да си ја знае својата вредност, но во исто време и способна, паметна, грижлива и емотивна, затоа што токму тоа нè прави уникатни. Не треба да се срамиме или бегаме од нашата природа, но ниту да ја злоупотребуваме. Едноставно, модерната убава жена е жена која знае за баланс.

За трендови имам едно правило: прифатете ги само оние кои навистина го одразуваат вашиот стил

За надворешната убавина и нега, повторно би рекла дека сè доаѓа прво од внатре, од она што јадеме и пиеме (на ова мора да потенцирам дека е речиси најважното), од тоа како се чувствуваме емотивно и со што го храниме умот, затоа што внатрешната енергија се отсликува на сè надворешно. Јас сум доста едноставна, но и пребирлива за тоа што ставам на себе, особено на лице, затоа што уште од дете имав проблематична кожа и по 15 години конечно сфатив како да го ставам сето тоа под контрола.

За трендови имам едно правило: прифатете ги само оние кои навистина го одразуваат вашиот стил. Не се врзувам слепо за трендови, само она што навистина ми се допаѓа и би го носела повеќе од само една сезона.

Сандра Матеска и Денис Блат

Кои се вашите следни соништа? Како ја замислувате иднината, и на личен и на професионален план?

Нема поголемо богатство од создавањето на сопствено семејство

Следниот голем сон е проширувањето на „Atelier Per Sempre“ на светската модна сцена во поголем размер и на тоа веќе работиме. А лично, конечно да изберемe земја каде ќе создадеме дом и наше семејство со Денис, затоа што нема поголемо богатство од создавањето на сопствено семејство.

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk

Tags
Сандра Матеска

Најнови

  • „Поубаво нешто немам видено“: Топол поздрав на полуматуранти и првачиња во училиште во Скопје

    Wed, 05/27/2026 - 15:36
  • Сандра Матеска и Денис Блат

    Од скромен живот со самохрана мајка, до светски успех и живот во Дубаи: Приказната зад успехот на Сандра Матеска

    Wed, 05/27/2026 - 15:00
  • Легендарниот Хозе Карерас ќе пее со Каролина, Калиопи, Влатко Стефановски... на голем концерт за независноста на Македонија

    Wed, 05/27/2026 - 14:24
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.