Протетичката нога му падна сред финалето, но не го спречи да победи: Моќниот настап на Езра Фреч во „Dancing with the Stars“
Езра Фреч, двократен параолимписки шампион во атлетика, е победник на 35-тата сезона на популарното шоу „Dancing with the Stars“. Заедно со професионалната танчерка Даниела Карагач, 21-годишниот Американец ги освои публиката и жирито, а во финалето доби максимални 90 поени од судиите.
Неговиот последен настап вечерта беше особено емотивен. За време на танцувањето во слободен стил на песната „Numb“ од Linkin Park, протезата на левата нога неочекувано му се откачи и падна на сцената. Фреч не дозволи непредвидениот момент да го прекине настапот. Продолжи да танцува, а неговата партнерка му помогна повторно да ја намести протезата, по што двајцата ја довршија кореографијата.
Настапот беше осмислен како приказна за неговиот животен пат и искуството со попреченоста, а во него учествуваа и танчери во инвалидски колички.
„Нешто правиш толку многу пати, а потоа протезата се откачи и падна среде танцот. Ги вложивме срцата, крвта и потта во ова. Ако само една личност со попреченост се почувствува посигурно и ја крене главата високо поради ова шоу, тогаш си ја завршив работата“ - изјави Фреч по настапот.
Моќната изведба ги остави без зборови и членовите на жирито. Дерек Хаф истакна дека публиката речиси и не можела да забележи дека се случило нешто непредвидено, додека Бруно Тониоли порача дека она што го виделе ја надминува границата на танцот и претставува моќна порака за животот. Кери Ен Инаба ја пофали и партнерката Даниела и нагласи дека Фреч станал извонреден амбасадор на лицата со попреченост, но и на танцот.
Со оваа победа, Фреч стана првиот параолимпиец и првиот натпреварувач со протетичка нога кој го освоил престижниот трофеј Mirrorball, но и најмладиот маж кој досега победил во шоуто.
Фреч е роден со вродени аномалии на левата нога и рака. Му недостасувале поголемиот дел од левата потколеница и коленото, како и повеќе прсти на левата рака. Првата протеза ја добил кога имал само 11 месеци, а на две години му бил ампутиран долниот дел од левата нога, бидејќи не функционирал и му создавал тешкотии при користењето на протезата.
Операцијата траела 15 часа, а лекарите дополнително извршиле и трансплантација на прст од ампутираното стапало на левата рака, за да му овозможат подобар стисок и полесно држење предмети.
За својата состојба и секојдневните предизвици почнал да зборува уште како четиригодишно дете, посетувајќи училишта и едуцирајќи ги учениците за попреченоста. Денес, покрај спортската кариера, работи и како мотивациски говорник и модел, а е и извршен продуцент и еден од главните учесници во документарната серија „Adaptive“, која ги следи животните приказни и подготовките на четворица врвни американски параолимпијци на патот кон Параолимписките игри во Париз 2024.
Неговите спортски успеси се подеднакво импресивни. На Параолимписките игри во Париз во 2024 година освои два златни медала, во скок во височина и на 100 метри во категоријата Т63, а го освои и петтото место во скок во далечина. На само 14 години го имаше своето меѓународно деби за американскиот тим, а подоцна стана најмладиот член на американската параолимписка репрезентација на Игрите во Токио во 2020 година. Во 2023 година, на Светското првенство, двапати го собори светскиот рекорд во скок во височина.
„Искрено верувам дека мојата цел на оваа планета е да ја направам попреченоста нешто нормално и да бидам пример за тоа што е можно да се постигне како лице со ампутација“ - изјави своевремено Фреч во интервју за ESPN.