Принцезата Кетрин на 44-тиот роденден порача дека е благодарна и откри што значи да е жива по борбата со ракот
Принцезата Кетрин денес го одбележа својот 44-ти роденден со порака во која искрено зборува за својот пат кон закрепнување по тешката борба со ракот.
Во видеото, објавено од Кенсингтонската палата, таа откри колку природата ѝ помогнала да ги надмине стравовите, солзите и неизвесноста за време на лекувањето.
Сопругата на принцот Вилијам рече дека е длабоко благодарна и откри што значи да е жива.
„Дури и во најстудената и најтемна сезона, зимата има начин да ни донесе тишина, трпение и мирно преиспитување.
Тогаш кога потокот забавува доволно за да можеме да го видиме сопствениот одраз.
Да ги откриеме најдлабоките делови од себеси. Заедно со шепотот во пулсот на секое живо суштество.
Се наоѓам себеси како размислувам колку длабоко сум благодарна.
Зашто реките во нас течат со леснотија, стравовите се измиени и исчистени. Се помируваме со нашите солзи и откриваме што навистина значи да се биде жив.
Да бидеме едно со природата, тивок учител и нежен глас кој нè води. Во сеќавањето. Помагајќи ни да заздравиме.“
Видеозаписот е последниот дел од серијалот „Мајка Природа“, кој Кетрин го реализираше во текот на една година, а прикажува мирни сцени од зимската природа во Велика Британија и интимни моменти од нејзина утринска прошетка во близина на домот во Виндзор.
Серијалот Мајка Природа беше длабоко лична, креативна рефлексија за тоа како природата ми помогна да заздравам. Но, ова е и приказна за моќта на природата и креативноста во заедничкото исцелување.
Има толку многу што можеме да научиме од мајката природа, додека се стремиме да изградиме посреќен и поздрав свет. К. – стои во описот на видеото.
Кетрин беше подложена на голема абдоминална операција во јануари 2024 година, по што лекарите открија присуство на рак. Следуваше тежок период на превентивна хемотерапија, за кој таа јавно проговори неколку месеци подоцна.
Во септември истата година објави дека го завршила лекувањето, а во јануари минатата година потврди дека е во ремисија, со внимателно и постепено враќање на јавните обврски.