• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Занимливости

„Пред да добие тапани, импровизиравме со перници и капаци од тенџериња“: Родителите на 9-годишната Теодора од Гевгелија за нејзиниот талент

11 август 2026, 10:29
  • cподели
Теодора Бацева

Теодора Бацева со своето енергично свирење на тапани ја освои македонската јавност и речиси преку ноќ, со само едно видео од настап, стана вистинска сензација на социјалните мрежи.

9-годишното девојче веќе има бројни настапи и освоено прво место на Меѓународниот натпревар „Сергеј Михајлов“ - Штип во категоријата аматери, а нејзините родители велат дека најважно од сѐ им е нивната ќерка да остане среќно дете кое ужива во музиката.

За првите знаци на нејзиниот талент, моментот кога по речиси една година ѝ ги купиле првите тапани, но и за огромниот публицитет кој им го донесе виралното видео, Милена и Петар Бацеви отворено зборуваат во интервју за Фемина.

Теодора Бацева
Теодора Бацева

Кога првпат забележавте дека вашата ќерка има посебен талент и интерес за тапани? Како започна целата приказна?

Првиот човек кој ни кажа дека Теодора е талентирана, верувале или не е наставникот по ликовна уметност Александар Јанев. Во 2023 година, Теодора посетуваше ликовна секција во Пионерски дом Гевгелија, под раководство на уметникот Јанев, која се одржуваше во иста просторија со секцијата за тапани, па таа многу често остануваше да го гледа другарчето како учи тапани.

Еден час наставникот по ликовно ѝ отсвирил на тапанот делови од некоја песна, а Теодора повторила што ѝ покажал. Александар нѐ исконтактира нас родителите и ни кажа дека има талент за тапани и ни предложи да поразговараме со наставникот по тапани Момчило Делев. Се разбира ја прашавме дали сака и дали има желба да го учи овој инструмент, на што таа одговори позитивно.

Од првите часови до сопствени тапани – како изгледаше тој период за Теодора?

Ја запишавме на секцијата за тапани и по одржаниот прв час со Момчило Делев, дипломиран музичар на Музичката академија во Штип, отсек тапани, тој веднаш го препозна талентот на Теодора и побара од нас да ѝ купиме тапани за да се развива и напредува, меѓутоа ние оставивме простор од скоро една година за да видиме дали Теодора ќе продолжи со интересот за овој инструмент.

Со време увидовме дека нејзината желба за тапани и интересот за музика растеше, импровизиравме со перници, си го замислуваше секој дел од тапанот каде стои и држевме капаци од тенџериња за да ги вежба ударите и тактот. Освен што учеше на часовите од „Школата за тапани“, ја носевме и кога беше слободна просторијата со тапани за да вежба. Така таа спреми песна за настап на новогодишниот концерт на „Школата за тапани“ во Гевгелија, спреми и песна за годишен концерт на школата, па дури после скоро една година ѝ купивме тапани. Кога ги донесовме дома тапаните Теодора беше изненадена, не ѝ се веруваше дека тапаните се во нејзината соба, плачеше од радост.

Значи препораките од двајца уметници, ликовен и музички нѐ натераа дома во семејството, јас и сопругот да отвориме очи кон талентот што го носи во себе Теодора, очигледно запишан во гените од нејзините семејни предци, зошто ниту јас, ниту сопругот се занимаваме со музика, иако знаеме да уживаме во добра музика. И од двете семејни страни има роднини, предци музичари: мојот татко кој свирел на тапани како млад, мојот дедо кој свиреше на тарамбука во локален музички состав, таткото на мојот сопруг бил гитарист и свирел долги години со своја музичка група, потоа многу чичковци, вујковци кои покажале мулти музички способности со пеење, свирење на повеќе инструменти и ... еве дел од тој семеен ген се пренел и кај нашата Теодора. Сепак нѐ радува што случајно ги откривме овие вредности кај неа.

Теодора Бацева
Теодора Бацева

Дали во некој момент се двоумевте затоа што можеби станува збор за инструмент кој почесто се поврзува со момчиња? Како реагираше околината?

Нема никакви предрасуди од околината дека тапаните се повеќе за момчиња

Нема никакви предрасуди од околината дека овој инструмент е повеќе за момчиња, напротив таа има огромна поддршка од блиската фамилија и нашите сограѓани. Меѓу учениците кои ја посетуваат „Школата за тапани“ Теодора не е единствено девојче, има повеќе девојчиња... се разбира преовладуваат момчињата, но таа не е единственото девојче.

Какво девојче е Теодора приватно? Какви се нејзините интереси надвор од музиката и што најмногу ја исполнува?

Теодора е нормално безгрижно дете, весело дете, друштвено, сака да се дружи и да си игра со другарчиња, многу сака да се гушка и милува, сака да гледа цртани, омилен и е „Mr. Bean“ - секоја епизода ја знае на памет. Телефон нема, нема компјутер во овој момент, но тоа не значи дека не гледа Youtube или не игра игри, за такви работи го користи мојот телефон, нормално откако ќе си ги заврши обврските со училиштето... креативна е, може по цел ден да си работи со ножици и селотејп, да црта и слуша музика.

Теодора Бацева
Теодора Бацева

Што најмногу сака да свири? Има ли омилен музички жанр, песна или тапанар кој ја инспирира?

Децата се под влијание на нивното опкружување, најчесто од блиската фамилија. Јас и сопругот слушаме секаква музика, но најчесто рок, пуштаме музички канал или радио и играме игра „Погоди ја групата, песната или годината“, така што Теодора го засака тој жанр на музика. Гледам дека повеќе има желба рок да свири како и поновите странски хитови, има омилена рок радио станица и од таму си ги избира песните кои сака да ги свири. Кога ќе слушне некоја песна што ѝ се допаѓа, ја бараме на Youtube и ја учи, исто и на часовите учат различни жанрови, блуз, рок, поп рок, реге, вежбаат песни од различни групи, со помош на наставникот се одбира песна и потоа се вежба, и на часовите во школата, и дома на своите тапани.

За Теодора најдобар тапанар е наставникот по тапани Момчило Делев и Ѓорѓи Стамков (тапанар на „Bad obsession“), ја обожава младата тапанарка Nandi Bushell и германката Sina, да не го заборавам и Chad Smith.

Колку време посветува на вежбање и дали некогаш треба да ја мотивирате или самата со голема желба седнува зад тапаните?

Нема определено време кога вежба и колку време вежба, свирењето тапани и вежбањето не го наметнуваме како задолжително дека мора да вежба, туку тапаните да бидат забава, да се забавува со нив, да експериментира и да креира. Кога ќе осети потреба седнува и вежба. Сега има поголем мотив за вежбање, бидејќи формира група со три други дечиња, двајца на гитара и еден на сајзер, се собираат и вежбаат, се забавуваат.

Теодора Бацева

Нејзиниот настап ја освои македонската јавност и предизвика многу позитивни реакции. Како го доживеавте тој момент како мајка?

Искрено, не очекував дека толкав публицитет и внимание ќе има нејзиниот настап во Струмица.

Првпат настапува на толку голем настан со професионални музичари, настан кој веќе 13 години се одржува  во организација на професорот по гитара Васко Пиличев. Дури и јас самата не знаев што да очекувам, бев возбудена и исплашена, секако како мајка се гордеам што нејзиниот талент се препозна и надвор од нашата општина. Еве, професорот Васко ја препознал на настапот во Валандово со групата „Bad Obsession“ како гостин на нивната 10-годишнина од постоење на покана од Валентин Атанасов и после една година доби покана да биде гостинка на настанот „Летна школа за гитара Ѓоко Ѓоргиев“. Тоа е од посебно значење за мене, затоа што настанот е посветен на трагично загинатиот тапанар Ѓоко и чест ми беше што токму Теодора е поканета да учествува на овој настан.

 

Теодора Бацева

Какви коментари добивте по настапот? Дали ве изненади интересот и поддршката кои ги доби?

По завршувањето на настанот, прво позитивни коментари и пофалби добивме од целокупниот бенд и пејачите кои учествуваа на настанот, од Драги Ѓоргиев - таткото на Ѓоко, а потоа сѐ повеќе и повеќе позитивни реакции доаѓаа од публиката. Откако заврши концертот, социјалните мрежи беа преплавени со видеото од порталот „Струмичко“, а наредниот ден се случи поголемото изненадување, слики и видеа од други портали, споделувања и коментари, публицитетот почна да расте, на мое огромно изненадување. Мислев струмичките и гевгелиските портали ќе објавуваат, ама не очекував дека портали од други градови ќе споделуваат. Позитивни коментари има буквално од сите кои го гледале видеото и од публиката, од оние кои беа на самиот настан, исто има позитивни коментари и од многу музичари.

Што значи за неа кога ќе добие аплауз и признание за својот труд? Како ги доживува тие моменти?

Теодора сѐ уште не знае што постигна со нејзиниот настап, за неа пробите и самиот настап беа забава, дружење и ширење нови познанства. Оваа година настапуваше на меѓународниот натпревар „Сергеј Михајлов“ - Штип, настапи во категорија аматери „Поп и Џез сет тапани“ постигна фантастичен успех со најмногу освоени 99,25 поени и прво место. Кога настапува, таа настапува самоуверено и сигурно, опуштена и среќна, секој нејзин настап е со посебна енергија.

Дали веќе сонува за големи сцени, концерти или музички натпревари? Што ви кажува за своите желби?

Важно е да биде писмена, среќна и исполнета

Дома со сопругот и нашата Теодора не разговараме за големи сцени и големи концерти, пред сѐ е образованието и детството, важно е да биде писмена и кога ќе оди во продавница да знае колку кусур треба да ѝ вратат, другото сѐ е хоби и забава. Тапаните и музиката се забава и хоби, важно е да биде среќна и исполнета. Ние како родители секогаш ќе ја подржуваме во тоа што ја прави среќна.

Некогаш знам да се налутам ако не си ги извршува обврските поврзани со училиштето и со активностите кои сама ги одбра. Од учебната 2025/2026 година стана ученик во прво одделение по балетска настава во Основното музичко училиште „Васо Карајанов“ во Гевгелија, желба што ја има уште од прво одделение. Секогаш ѝ даваме неколку опции сама да одбере како ќе го користи времето и секогаш и укажуваме дека е тоа е нејзин избор и треба да биде одговорна спрема тоа што го одбрала, но сепак ќе кажам - училиштето на прво место.

Најголема желба ѝ е да има куче.

Теодора Бацева

Дали би сакале музиката еден ден да стане нејзина професија или најважно ви е да продолжи да ужива во она што го прави?

Талентот ѝ го негуваме полека и со мали чекори

Нејзиниот талент го негуваме полека и со мали чекори, така што го надградуваме тапанот според нејзините моментални потреби, ненаметливо слушаме музика, пуштаме видеа од разни тапанари од цел свет, на интернет има видеа со вежби, сето тоа го правиме без особено значење и без притисок, некогаш како игра, предизвик и забава. Огромна поддршка има од потесното семејство, роднините и пријателите, а најголемата поддршка доаѓа од наставникот Момчило Делев, кој е бескрајно посветен на развивање на нејзиниот талент и трпеливо и со многу љубов го пренесува сето свое знаење.

Теодора Бацева

Како родители, на кој начин ја поддржувате во развивањето на нејзиниот талент и што би ѝ посакале за во иднина?

Како мајка на девојче од 9 години пред сѐ ѝ посакувам да биде добар човек, да биде среќна и секогаш своја, да биде насмеана и да ужива во тоа што го прави во секој момент.

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk

Tags
Теодора Бацева

Најнови

  • Теодора Бацева

    „Пред да добие тапани, импровизиравме со перници и капаци од тенџериња“: Родителите на 9-годишната Теодора од Гевгелија за нејзиниот талент

    Tue, 08/11/2026 - 10:29
  • „Врескаш од среќа пошто си фатила вакви кадри“: Девојка сподели фотографии од Тоше Проески на неговиот концерт во 2006 година

    Tue, 08/11/2026 - 09:20
  • Младата бунтовничка Луисана Лопилато занесна убавица покрај сопругот Мајкл Бубле во Марбеља

    Tue, 08/11/2026 - 09:12
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.