Посмела и визуелно моќна: „Низ град со Кики“ се враќа со нова сезона

„Низ град со Кики“ продолжува со уште поамбициозен креативен пристап. Серијалот, кој стана препознатливо место каде младите зборуваат гласно и смело, ја отвора новата етапа со шпицa која претставува вистинска урбана симфонија.

Шпицата за втората сезона е ода на скопскиот брутализам, претставен со драматични агли, бетонски текстури и архитектонска ригидност, која во рацете на Георги Унковски добива нов живот. Истакнатиот режисер создава визуелен колаж што пулсира, со брзи резови, силни контрасти, смели VFX ефекти и вметната вештачка интелигенција за засилен футуристички впечаток.

Зад целото визуелно раздвижување стои продукцискиот потпис на Дејан Пановски од „Вертиго продукција“.

Музиката е уште еден силен момент. Имено, оригиналното дело на артистот Вански – Матеј Ваневски добива специјална верзија за серијалот и глатко ја подигнува динамиката на визуелната приказна.

Отворањето на сезоната, со наслов „Реалноста зад митовите“, е посветено на животот на средношколците. Снимана во СУГС „Георги Димитров“, епизодата користи непосредни, искрени интервјуа што ги прикажуваат младите онакви какви што се, со нивните дилеми, стравови, очекувања и визии.

Првата епизода ќе се емитува на МРТ1 денес, 22 ноември, во 19:15 часот, како и на Youtube каналот на Кики Мукаетова.

„Низ град со Кики“ влегува во новата сезона со јасна порака дека младите имаат глас, приказни и храброст, а сега и платформа каде тоа е ставено во фокусот.

Кики моментално е актуелна и на музичката сцена со нејзиниот хит сингл „Loop“.