Летото и празниците полека завршуваат, започнуваат подготовките за новата учебна година, а со нив и грижата на родителите: дали детето е подготвено за новите обврски, новите средби и новиот ритам?
Освен училишниот прибор и гардеробата, добро е да размислиме и за здравјето. Со почетокот на учебната година повторно се зголемува престојот на децата во колективи, а со тоа и можноста за ширење на респираторни, но и гастроинтестинални инфекции.
За тоа што е навистина потребно да провериме и кога лабораториските анализи имаат смисла, како и за најчестите дилеми на родителите, разговараме со Д-р Наташа Биковска, специјалист микробиолог од Санте лабораторија – Скопје.
По летните одмори и празници, дали е потребно секое дете да направи крвна слика пред почетокот на училиштето?
Д-р Наташа: Здравото дете без симптоми и без конкретна причина не мора рутински да прави голем број анализи. Но, доколку во изминатиот период имало чести инфекции, замор, бледило, намален апетит, губење на тежина или други тегоби, основните лабораториски анализи можат да бидат корисна почетна точка за проценка на здравствената состојба.
Најважно е анализите да се избираат според потребите на детето и по препорака на лекар, а не само „за секој случај“.
Со почетокот на учебната година, родителите најмногу стравуваат од инфекции. Како да го заштитиме детето?
Д-р Наташа: Престојот во колектив значи и поголема изложеност на микроорганизми. Респираторните инфекции кај децата се особено чести во овој период, но не треба да ги заборавиме ниту гастроинтестиналните инфекции.
Добрата хигиена на рацете, правилната и разновидна исхрана, доволно сон и навремено препознавање на симптомите се едноставни, но многу важни мерки.
Кога детето има симптоми, лабораториското тестирање може да помогне да се открие причинителот и, кога е потребно, да се насочи понатамошниот третман. Целта не е да се прават што повеќе анализи, туку вистинската анализа во вистинско време.
А што е со витаминот Д? Сè почесто родителите сакаат да го проверат.
Д-р Наташа: Витаминот Д е важен за нормалниот развој на детето, особено за здравјето на коските и мускулите, како и за нормалното функционирање на имунолошкиот систем.
Дали е потребно тестирање, зависи од возраста, изложеноста на сонце, исхраната и индивидуалните фактори. Наместо земање суплементи на своја рака, добро е прво да се процени дали навистина постои потреба.
Што е со честите болки во грлото и стрептококните инфекции?
Д-р Наташа: Кај дете со болки во грлото, температура, отечени лимфни јазли или повторливи инфекции, лекарот може да препорача проверка за Streptococcus pyogenes во грло, во зависност од клиничката слика.
Во одредени ситуации може да се препорача и АСО (антистрептолизински титaр на антитела). АСО не се користи за потврдување на акутна инфекција во грлото, туку може да помогне во проценката на претходна изложеност на стрептокок, особено кога постои сомневање за одредени постстрептококни компликации.
Навременото препознавање и соодветното лекување на стрептококната инфекција се важни за намалување на ризикот од компликации.
А кога детето е многу уморно, има температура и отечени лимфни јазли?
Д-р Наташа: Една од можностите е инфективна мононуклеоза, позната и како „болест на бакнувањето“, која најчесто е предизвикана од Epstein–Barr вирусот.
Замор, температура, болки во грлото и зголемени лимфни јазли се чести симптоми. Со соодветно лабораториско тестирање за EBV и правилно толкување на резултатите, може да се помогне во поставувањето на точната дијагноза.
Во последно време многу се зборува и за Helicobacter pylori. Кога треба да помислиме на оваа инфекција?
Д-р Наташа: Helicobacter pylori е бактерија која може да предизвика воспаление на желудникот и е поврзана со појава на пептичен улкус.
Кај деца со повторливи или упорни гастроинтестинални тегоби, како болки или непријатност во горниот дел на стомакот, мачнина или други симптоми, лекарот може да процени дали има потреба од тестирање.
За докажување на инфекцијата може да се користат соодветни лабораториски методи, во зависност од клиничката состојба и препораката на лекарот.
Колку брзината на резултатите е важна за пациентите?
Д-р Наташа: Многу. Кога пациентот чека резултат, најчесто чека и одговор на важно прашање – што се случува со неговото здравје?
Затоа точноста и квалитетот се на прво место, но истовремено се трудиме резултатите да бидат достапни во најкус можен рок, во согласност со видот на анализата.
Што е најголемиот предизвик во секојдневната работа во една лабораторија?
Д-р Наташа: Да се одржи истиот стандард на квалитет секој ден. Зад секој резултат стои пациент и неговата приказна.
Нашата работа бара голема концентрација, прецизност и одговорност, но и комуникација со пациентите. Најголемо задоволство ни е кога пациентот се чувствува сигурно, добива јасна информација и знае дека е добро згрижен.
Во Санте лабораторија секогаш сме подготвени да одговориме на вашите дилеми поврзани со лабораториските анализи. Стоиме на располагање за консултација, појаснување и толкување на резултатите, како и насочување кон понатамошна медицинска проценка кога е потребно.
И за крај, која би била вашата порака до родителите пред почетокот на учебната година?
Д-р Наташа: Па за родителите... Подготовката за училиште не е само нов ранец, тетратки и облека. Тоа е и можност да застанеме за момент и да се запрашаме: „Како е моето дете?“
Покрај детската игра, дружењето, другарските прегратки, смеата и радоста, почетокот на учебната година носи и нови обврски, нова средина, нови наставници и нов ритам. За некои деца тоа може да биде и период на позитивен стрес, кој понекогаш се манифестира со главоболка, мачнина, несоница или други тегоби.
Затоа е важно да го следиме детето, да ги препознаеме промените и навреме да се консултираме со лекар кога постои причина. Основните лабораториски анализи, кога се индицирани, можат да дадат корисни информации за здравствената состојба и да бидат почетна точка за понатамошна проценка.
Бидејќи најважната подготовка за секоја нова учебна година е здраво и безгрижно дете.
Санте лабораторија – Скопје
Булевар Партизански Одреди бр. 70
Тел.: 070/339-153
Работно време: 07:00–18:00 часот, понеделник–петок
Сабота: 08:00–13:00 часот