Почина пејачката Лорен Бенет на 36-годишна возраст, ќе остане запаметена по хитот „Party Rock Anthem“
Лорен Бенет го напушти овој свет.
Британската пејачка, која светската публика најдобро ја памети по вокалот во мегахитот „Party Rock Anthem“ на LMFAO, почина на 36-годишна возраст.
Тажната вест ја соопштија нејзините колешки од женската група G.R.L. преку емотивна објава на Instagram.
„Со огромна тага ја споделуваме веста за смртта на нашата сакана Лорен. Срцата ни се скршени и не можеме со зборови да опишеме колку ни значеше. Засекогаш ќе ги чуваме љубовта, смеата и безбројните спомени кои ни ги подари. Нејзиниот прекрасен дух допре до толку многу животи и ќе ни недостига неизмерно. Почивај во мир, драга Лорен. Секогаш ќе бидеш во нашите срца“ – напишаа тие.
Според странските медиуми, Бенет почина на 29 мај, само неколку недели пред својот 37. роденден, но информацијата беше објавена во јавноста дури сега. Причината за смртта засега не е соопштена.
Лорен ја започна музичката кариера како членка на групата Paradiso Girls, а по нивното распаѓање, се посвети на соло проекти. Светска слава стекна во 2011 година кога го отпеа женскиот вокал во песната „Party Rock Anthem“ на LMFAO, која со недели беше на врвот на музичките топ-листи и стана еден од најголемите поп-хитови на сите времиња.
Бенет беше дел и од групата G.R.L., која се прослави со хитовите „Ugly Heart“ и „Wild Wild Love“ со Питбул.
Во текот на кариерата, таа објави и соло песни, меѓу кои „I Wish I Wish“ и „Hurricane“, а настапуваше и во музичкото дуо Bennett, кое го формираше со својот брат Рајан.
Нејзината смрт претставува втора голема трагедија за G.R.L., откако во 2015 година почина и нивната членка Симон Бетл.