По 12 години судска битка, нова пресуда во корист на Северина: Синот на пејачката отсега ќе живее со неа
По повеќе од 12 години судски спорови и бројни пресврти, Општинскиот граѓански суд во Загреб донесе неправосилна пресуда синот на Северина да живее со неа, но редовно да одржува контакти со Милан Поповиќ.
Информацијата за Index.hr ја потврдила адвокатката на пејачката, Јасминка Билош, која поради чувствителноста на случајот не сакала да открива дополнителни детали.
Според информациите, 14-годишниот Александар во наредниот период ќе живее со Северина, додека контактите и средбите со таткото ќе бидат регулирани со судска одлука.
Ова е еден од најекспонираните и најследени семејни судски процеси во регионот, кој трае уште од 2013 година, по прекинот на врската меѓу Северина и Милан. Во текот на годините беа донесени повеќе различни судски одлуки, од тоа детето да живее со мајката, па сè до заедничко родителско старателство и период кога живееше со таткото.
Во јануари 2024 година, Врховниот суд ѝ го одзеде старателството над синот и го врати детето да живее со таткото за неполн месец подоцна детето повторно да биде вратено кај неа.
Северина и Милан се запознаа во 2010 година на неговата роденденска прослава каде таа беше ангажирана да настапува. Во август 2011 година, Северина објави дека е бремена, а Александар се роди во февруари следната година.

Пејачката се раздели од српскиот бизнисмен во октомври 2012 година и се врати да живее во Загреб, со што ја започна и борбата за старателството.

Случајот со години привлекуваше огромно внимание во јавноста, а често отвораше и дебати за функционирањето на правосудниот систем во семејните спорови, како и за заштитата на приватноста на малолетните деца.
