Пееше со синчето Моша и славни пријатели, им оддаде почит на ДНК, Владо и Тоше... Слаткар со спектакуларен концерт во Охрид
Музички посвети за синчето Моша и сопругата Сања Николиќ, бројни талентирани пријатели, над 10.000 илјади посетители и хитови кои ја претворија публиката во синхронизиран хор.
На Илинден, Слаткаристика го претвори стадионот „Билјанини извори“ во Охрид во сцена на која се славеа љубовта, пријателството и две децении музичка кариера. Пред бројните посетители, македонскиот изведувач приреди концерт исполнет со бројни изненадувања и гости, но најсилниот впечаток го остави моментот кога на сцената го повика својот 6-годишен син Моша.
„Овој човек го сакам најмногу на светот“, рече Слаткаристика, а потоа таткото и синот заедно ја испеаја „Насмевка“, односно песната која тој му ја посвети. Настапот беше проследен со долги аплаузи и видливи емоции кај публиката.
Во текот на вечерта, на сцената му се придружија бројни домашни и регионални музички имиња. Калиопи, која ја најави со искрени зборови на восхит, со него ги изведе нивните дуети, а атмосферата ја вжештија и Тони Зен, Таско, Цоби, Криско, Некст тајм, Дупер, Тајзи, 2Бона, Христијан Настески – Пајак, Тина Русева, рап-групата Зи бомб и диџеј Че.
Посебен дел од концертот беше посветен на македонската музика и на оние кои оставија неизбришлива трага. На видеобимот се појавија фотографии од Тоше Проески, Влатко Илиевски, членовите на ДНК и Владо Јаневски, а популарниот музичар, видно емотивен, отпеа дел од „Што и да е ќе помине“.
Пред самиот крај, испрати и порака до публиката:
„Верувајте во вашиот сон, работете на вашиот сон и еден ден ќе ви се оствари.“