Калиопи скршена од тага за необјавената песна со Тоше Проески: „Ја ставив во неговиот ковчег и си замина со него“
И по речиси две децении од неговото заминување, Тоше Проески останува длабоко врежан во срцата на сите оние кои го познаваа и кои пораснаа со неговите песни.
За Калиопи, спомените за нашиот славеј сè уште будат силни емоции. Во четвртата сезона од подкастот „Претрес со Ландов“, македонската пејачка зборуваше за прерано починатиот музичар и за песната којашто требало заедно да ја снимат, а која си замина заедно со него.
Во емотивно сведоштво, Калиопи откри дека последниот телефонски разговор со Тоше бил токму за нивната заедничка песна. Текстот бил напишан, плановите биле направени, а возбудата била голема.
Но, трагедијата која го потресе целиот регион засекогаш ја промени приказната за оваа музичка соработка.
„Тоше сè уште е присутен и сè уште е жив тука... и покрај прерано прекинатиот живот. За песната... Тоа беше месеци пред да загине. Ние договаравме песна преку телефон, затоа што патувавме, тој на една страна, јас на друга. И конечно, дојде времето кога ние почнавме да разговараме за наша заедничка песна“ – раскажа Калиопи, споделувајќи дека токму нивниот последен телефонски разговор бил посветен на текстот што му го прочитала.
„Тој беше воодушевен. Сега овде вака, Опи, ќе направиме, вака. Добро, ајде врати се од пат и ќе...“ – тажно се присети пејачката.
За жал, нивната замислена соработка никогаш не се реализирала. Тоше прерано го загуби животот, а песната која требало да ги спои нивните гласови останала само спомен на нешто кое можело да биде прекрасно музичко дело.
Калиопи откри дека веста за неговата смрт ја доживеала како лична трагедија, со болка која тешко може да се опише со зборови.
„Кога се случи тоа... како да сум го изгубила детето. Ете таква болка ми помина низ гради. Голем шок. Не сакам да растажувам луѓе... Секогаш велам дека треба убавите луѓе да ги чуваме во убав спомен.“
Но, приказната за необјавената песна има и особено трогателен крај. Калиопи одлучила текстот да го понесе со себе на последното испраќање на Тоше, оставајќи го со него како симбол на нивната недовршена приказна.„Текстот го спакував и тој ден кога беше погребот, го ставив во неговиот ковчег. Така да, таа песна си замина со него. Нема, нема смисла“ – рече таа.
Калиопи рече дека воопшто не ѝ се допаѓа кога ги споредуваат пејачите со него и ги нарекуваат „новиот Тоше“. Според неа, секој уметник треба да го изгради сопствениот идентитет, без да живее во сенката на некој друг.
„Тоа е толку погрешно. Прво е погрешно ради тие нови таленти коишто доаѓаат. Тие треба да си бидат тие. Не може никој да биде Тоше и тоа мора да им е на сите јасно.
Така да, Тоше, еден и единствен, еден е Владо, едни беа ДНК, еден е Слаткар, една сум јас, еден е Ландов и тоа мора да се прифати како такво“ – рече таа.
Колку длабока трага оставил Тоше во нејзиниот живот, покажува и фактот што Калиопи и денес тешко ги слуша неговите песни. Иако музиката продолжува да живее меѓу луѓето, за неа секоја нота носи спомени и емоции со кои не е секогаш лесно да се соочи.
„Дали знаете, драги мои луѓе, дека јас не можам дури и по толку години да ги слушам песните негови? Толку тоа ме растажува. Единствена песна којашто можам да ја ислушам од почеток до крај е 'Тајно моја' и 'Још увјек сањам да смо заједно', песна којашто се објави по неговата смрт“ – рече таа.
Иако Калиопи се обиде да отпее делче од „Тајно моја“, не успеа бидејќи беше совладана од емоциите.
„Ако нешто посакувам во животот, е да ги слушаат песните во негова изведба. Убаво е кога млади таленти ги пеат неговите песни, тоа е прекрасно чувство. Но, тоа што тој го ткае во неговите песни е толку уникатно, толку е единствено и неповторливо. Тоа не смее да се пипка... па дури ни една Калиопи. Никој“ – рече таа.