„Отидов кај мојата бремена жена и бебето, едвај повикав полиција“: По осудите дека е кукавица што избега од грабеж, се огласи Анид Ќушиќ
Локален маркет во мостарската населба Залик на 24 март стана сцена на вистинска драма, кога вооружен напаѓач со пушка се обиде да изврши разбојништво. Сепак, настаните добија неочекуван епилог благодарение на извонредната присебност и храброст на продавачката, која одлучи физички да му се спротивстави.
На снимките од безбедносните камери се гледа како маскираниот маж влегува, се упатува кон продавачката со оружје во рака, по што следува физичка пресметка. Двајцата завршуваат на подот, борејќи се додека таа се обидува да го совлада.
Во меѓувреме, во маркетот накратко влегува и друг маж, но откако ја забележува опасната ситуација, веднаш се повлекува и излегува од објектот, без да интервенира.
Видео од инцидентот
Набрзо беше откриено дека станува збор за Анид Ќушиќ, познат на јавноста како победник во музичкото шоу „Ѕвездите на Гранд“. Драматичниот инцидент поттикна многу коментари на социјалните мрежи, а дел го обвинија Анид дека постапил кукавички што не ѝ помогнал на продавачката.
Соочен со бран негативни коментари, пејачот реши јавно да се огласи преку Facebook, споделувајќи ја својата верзија на настаните и објаснувајќи како ја доживеал ситуацијата.
Не сакав да се огласувам, ниту да одговарам на што било, но еве зашто гледам „пријатели“ како се насладуваат и се смеат на ситуацијата што се случи. Прво, никогаш никому не би посакал таква глетка која мене не ми излегува од глава.
На снимките не ги слушате истрелите кога тргнав да ѝ помогнам на жената; во тој момент застанувам, а тој ја крева главата и посегнува по пушката. Ставете се во ситуација некој да посегне по пушка и во неговата реакција да видите дека вие сте следни – би застанале и би чекале да ве убие?
Под адреналин и шок излегов и влегов во автомобилот во кој беа мојата БРЕМЕНА ЖЕНА и БЕБЕ од 10 месеци! Да залуташе куршум и да ги убиеше, какви ќе ви беа тогаш коментарите? Жената во автомобилот со бебето доживеа шок, а јас од глетката и шокот едвај го земав телефонот и ја повикав полицијата.
Дали можев да ѝ помогнам на жената? Можев. Дали тргнав да помогнам? Тргнав! Да го изгубев животот во оваа ситуација, коментарите ќе ви беа „Беше добар човек“ или „Будала, кај оди на пушка“. Во моментот кога посегна по пушката од жената и бев сигурен дека тогаш ќе ме убие, јас истрчав. Додека вие седите и коментирате, пишувате и се насладувате, би сакал да ве видам вас „храбрите“ како одите на куршум.
На жената која работи во продавницата ѝ посакувам брзо закрепнување. Често доаѓам во таа продавница и ја познавам. Кога ги погледнав снимките од почеток, останав затечен колку храбро постапила. Жал ми е за ситуацијата во која се најде жената, жал ми е и за децата што поминуваа покрај продавницата и плачеа, жал ми е и за мојата жена која доживеа шок. Фала му на Бога што сè заврши без жртви.
НЕ ОСУДУВАЈТЕ СИТУАЦИЈА ВО КОЈА НЕ СТЕ СЕ НАШЛЕ, СИТУАЦИЈА ВО КОЈА НИ САМИ НЕ ЗНАЕТЕ КАКО БИ РЕАГИРАЛЕ.
Повикајте ме кога треба да се помогне, па тогаш пцујте ме и прозивајте ме. Драго ми е што во животот има ситуации во кои гледаш и оние НА КОИ СИ ИМ ПОМОГНАЛ како ти враќаат. Жал ми е што на оваа храбра жена не можев да ѝ помогнам, што човекот имаше автомат во рака и што бев беспомошен. Се надевам дека има луѓе кои се разумни и ја гледаат ситуацијата од друга перспектива.
Го сакам Мостар, но луѓе...