Ораторката Даница Левкова со моќен говор: „Инспекторе, внукот на сестра ми поткачил девојче. Ако може да ја нема таа пријава, ќе частам“
Студентката Даница Левкова, која неодамна беше избрана за победник од публиката на Ораторските вечери на Универзитетот „Гоце Делчев“, испрати силна порака со својот впечатлив говор. Преку неколку навидум секојдневни разговори, таа ги посочи неправдите и злоупотребите со кои граѓаните често се соочуваат во општеството.
Ургенциите кај професорот за подобра оценка, кај инспекторот за бришење пријава или кај докторот за лажно мислење се само дел од примерите кои младата ораторка ги користи за да укаже на проблемот со непотизмот и влијанијата.
Во продолжение дел од говорот:
„Здраво професоре, како си? Благето е. Ааа добра сум, добра. Професоре, имам ургенција за внук ми, кај вас ќе полагал, па знаеш сестра ми „Ај јави се, јави се, којзнае што научил“, па си реков ќе се јавам на професорот, сигурно ќе пише некоја осумка. Фала професоре, поздрав.
Здраво инспекторе, Благето е. А бе знаеш, внукот на сестра ми го пријавил некој, не застанал на пешачки, ама не дека турнал тој некој, така малку го има поткачено девојчето и сега дома драма правиме. Па, си велам детето е во сесија, ако може да ја нема таа пријавата. Еее, ќе честам како не. Фала инспекторе.
Здраво докторе, како си? Ми треба мислење за внук ми. Што знам, направи го вознемирен, дефокусиран, ми треба за на суд, за она на пешачки што се случи. Фала докторче.
Пу и таа Благето што на почетокот ви личеше на мајтап, во меѓувреме си заврши сѐ, бидејќи не губеше време да ја спаси државата. Таа на себичен начин се спаси и себеси, а го спаси и внукот на кој му нема спас. И сега прашањето не е дали Благето постои, прашањето е колку Благиња живеат меѓу нас?“