„Од утроба ми се откорна, срце ми се распукна“: Јулија Мациевска со емотивна песна за прерано починатата ќерка
Најголемата болка за една мајка е загубата на дете.
Јулија Мациевска неретко отворено зборува за смртта на ќерката Андријана, а сега на нејзиниот роденден ѝ посвети песна исполнета со емоции, болка и мајчинска љубов.
„Андријана, ангел небесен“ е нејзиниот музички подарок за прерано починатата ќерка, но и песна за сите мајки кои во срцето ги носат своите ангели.
„Песна која ќе ја пеат неутешните мајки и ќе мислат на своите ангели“ – напиша македонската пејачка и водителка и сподели фотографии од својот ангел.
Јулијана за првпат ја испеа песната на настан посветен на академската сликарка Андријана во Музејот на македонската револуционерна борба.
Денеска е твојот роденден 16 септември, Анчи мајкина. Што можев да направам за тебе душо Ангелска, освен песна да ти подарам. Песна од која и Небото ќе се затресе, песна која ќе допре илјадници срца, песна која ќе ја пеат неутешните мајки и ќе мислат на своите ангели, песна која никого не остава рамнодушен и сакал или не, во еден момент ќе му излета од грлото „Андријана, ангел небесен...", песна која ќе утешува,исцелува, ќе трансформира, ќе спојува, ќе дарува љубов за СИТЕ, токму онака како што ти го замислуваше Животот, моја Ан.
Те љубам чедо мајкино, до вечноста❤️ И денес на твојот земски роденден ЛЕТАЈ КАКО ПТИЦА СЛОБОДНА, НЕБО И ЗЕМЈА СПОЈУВАЈ🙏🕊🌍💙🌈
Андријана, ангел небесен
После тебе Анчи мајкина
Ништо исто не остана
Од утроба ми се откорна
Срце ми се распукна.Остана душо ангелска
Свет во бои, недобоен
Твојот сон неостварен
Дневникот незавршен.Но ти се возвиши
Ти само премин направи
Рајски порти отвори
Живот вечен, Бог ти подари.Реф.
Андријана ангел небесен
Андријана ангел возвишен
Андријана љубов најмила
Душа чиста бескрајна.Љуби љуби, душо ангелска
Љубов ти за сите дарувај
Летај како птица слободна
Небо и земја спојувај.Строфи:
После тебе Анчи мајкина
Светот почна да се менува
Лика ангелска да добива
Ангелски да зборува.Пораки душо најмила
Секој ден ми праќаше
Мајка си ја тешеше
И верба ми враќаше.Но ти се возвиши
Ти само премин направи
Рајски порти отвори
Живот вечен, Бог ти подари.Реф.
Андријана ангел небесен...
Во емотивен разговор за Фемина, Јулија неодамна се присети како со денови не спиела и не јадела, 24 часа дневно посветена само на Ан:
„Тоа е нешто што со зборови не се опишува. Го молев Бога, јас да заминам, Ан да остане, не го жалев сопствениот живот. Мајката не се жали себе си, кога е детето во прашање, јас сум таква. Зборувам за себе, а верувам дека повеќето мајки се такви. Зашто сепак, ние живееме за нашите деца. Да ги видиме среќни, здрави, остварени. Радоста на детето е радост за родителот“ – вели таа, нагласувајќи дека ниеден родител не може да биде подготвен за таква битка.