„Смртта е само премин“: Емотивна исповед на Јулија Мациевска за голготата на ќерка ѝ Андријана која почина од рак
Јулија Мациевска, која македонската јавност ја познава како ведар глас и маркантна појава, за Фемина застанува во својата најсвета и најтешка улога: мајка на прерано починатата Андријана.
Нејзиното сведоштво е емотивно, достоинствено и исполнето со љубов која ги надминува границите на видливото.
Во светот на уметноста, Андријана останува запаметена како реномирана ликовна уметница, а нејзиното последно ремек-дело е „отсликано“ преку зборови. Имено, нејзината автобиографска книга „ЈАС СУМ ЖИВА“, која беше промовирана неодамна, а може да се најде во „Икона“, стои како тестамент на една силна борба.
Книгата е заедничко чедо – Андријана ја започна, а Јулија ја заврши, преточувајќи ја својата болка во мастило, исто како што за корицата го наслика и ликовното дело „АНГЕЛОТ АН“, посветено на својот непреболен „жив ангел небесен“.
Голготата низ очите на мајката
Кога ќе се тргнат завесите на јавноста, остануваат сеќавањата на годините во кои Андријана се бореше со рак. За Јулија, тие спомени се жива траума која сѐ уште предизвикува треска.
„Ах душо драга, секогаш е тешко, секогаш се јавува она исто чувство на болка, страв од неизвесноста... траумата која ја носи голготата низ која минувавме, буквално те тресе како треска од глава до пети... Најмногу боли болката низ која поминуваше Ан, секој збор изговорен и неизговорен, разделбата, сѐ, буквално сѐ... тие слики долго време прогонуваат, излегуваат пред очи, и подобро да не зборувам за тоа, затоа што последиците се големи.“
Во тие моменти, мајката престанува да постои за себе. Јулија се присетува како со денови не спиела и не јадела, 24 часа дневно посветена само на Ан.
„Тоа е нешто што со зборови не се опишува. Го молев Бога, јас да заминам, Ан да остане, не го жалев сопствениот живот. Мајката не се жали себе си, кога е детето во прашање, јас сум таква. Зборувам за себе, а верувам дека повеќето мајки се такви. Зашто сепак, ние живееме за нашите деца. Да ги видиме среќни, здрави, остварени. Радоста на детето е радост за родителот“ – вели таа, нагласувајќи дека ниеден родител не може да биде подготвен за таква битка.
Битката за живот и суровоста на исходот
Андријана не се предавала лесно. Верувала во исцелување и знаела дека пишувањето е дел од тој процес. Нејзиниот внатрешен свет бил исполнет со желба да им помогне на другите жени да се освестат и да не ја потиснуваат болката. Јулија раскажува за периодот кога Андријана била речиси оздравена, кога возела, вежбала и подготвувала изложби.
„Сѐ е опишано во книгата, малку е јас да прераскажувам. Таа беше храбра, млада жена, за мене моето девојче. Веруваше дека ќе оздрави, дека ќе се исцели. Таа знаеше дека пишувањето е дел од процесот на оздравување. Знаеше дека ако ја отвори својата душа и ги стави своите емоции на хартија, ќе ја отпушти потиснатата болка и ќе придонесе ќелиите да се возобноват.“
„Таа беше високо свесна, продуховена, интелигентна и знаеше дека со својата искреност и автобиографска исповед, ќе им помогне на многу други девојки, жени, мајки, да се разбудат и да освестат што поминуваат во животот, што живеат, што потиснуваат, а да не се ни свесни. Таа сакаше да напише книга со среќен крај, сакаше сама да зборува како ја надмина сопствената голгота и како канцерот може да се излечи. И таа скоро и успеа во тоа, беше речиси здрава, застана на нозе, ѝ се врати енергијата.“
Но, тогаш следел кобниот пресврт. Јулија со огромна горчина се навраќа на моментите кога агресивните терапии, наместо да помогнат, го уништиле телото на нејзината ќерка.
„Подготви цела изложба со 30 големи дела. Возеше, почна редовно да вежба, повторно да се чувствува здрава, да се радува на секој момент, да планира... сѐ додека не ѝ дадоа некоја нова терапија, која наводно требаше да ја прима превентивно, но тоа излезе кобно за неа. Таа терапија ја уништи, иако ги молев лекарите да престанат, дека е сѐ полошо. Повраќаше, добиваше температура, крв од нос, пролив, кашлаше...стомакот почна да се полни вода, да отекува како да е деветти месец бремена... плачев, молев, никој не ме слушаше.
Продолжуваа да ја бомбардираат со тешки хемии и така и го уништија црниот дроб. И телото не можеше да издржи... тоа се тешки болки...“ - тука прекинува и вели дека денес ѝ е премногу тешко да зборува за тие моменти.
Порака до оние кои „го носат истиот крст“
Денес, Јулија го одржува жив споменот на својата ќерка не преку болката, туку преку нејзиното присуство во секојдневието. Таа цврсто верува дека смртта не постои, дека е само премин во нов живот каде душата е вечна. За неа, тоа е патот по кој продолжува да чекори достојно, додека не дојде денот повторно да се сретне со својата Ан.
„Во библијата се вели: 'Поверувај, па ќе видиш'. Јас го живеам она во што верувам. Верувам во Бога и милоста Божја. Верувам дека смрт не постои. Дека она што ние го нарекуваме смрт, е само премин во нов живот. Телото е минливо, а душата е вечна. Всушност за тоа, повеќе напишав во нашата книга. Тоа е патот по кој продолжив да живеам достоинствено, додека е пишано од Бога и додека не заминам кај Ан.“
На сите оние родители кои во моментов минуваат низ истата голгота или веќе ја загубиле својата најголема љубов, Јулија им порачува да не бараат одговори во празнината, туку во искуствата на оние кои го поминале истото.
„Прочитајте ја нашата книга“ - вели таа со смиреност на жена која ја спознала вистината. „Таму е запишано сѐ – нашата вистина и нашето искуство. Верувам дека тоа ќе им помогне на многумина да најдат сила.“
Вечната врска: Јулија, Андријана и Стефанија
За Јулија, врската со нејзината Ан е нераскинлива, постојана и светла. Таа е убедена дека Андријана ја слуша и дека ги гледа сите успеси на нејзината ќерка Стефанија, која денес како актерка го продолжува уметничкиот ген на семејството. Животот не запрел со физичкото заминување на Андријана, тој само ја променил својата форма.
„Андријана ме слуша и знае сѐ што се случува со мене и со Стефанија. Ние живееме онака како што ѝ е, и нејзе мило. Барем се трудиме. Животот не продолжи само за нас, продолжи и за Ан, но во друга димензија. Царството Небеско не е илузија, тоа е вистина. Не е приказна која се раскажува низ векови, па кој како верува или не верува. Само навидум сме разделени, заедно сме. Фала Му и слава на Бога, Ан е жива.“
Делата на Андријана Мациев остануваат да сведочат за нејзиниот раскошен талент, а оваа исповед останува како доказ дека мајчината љубов е единствената сила која го победува заборавот.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk