Секој Велигден истата приказна: прстите со денови ви се обоени во сите бои на виножитото, кујната изгледа како да преживеала експлозија во фабрика за бои, а кога ќе го излупите јајцето, се прашувате дали навистина сакате да ја јадете таа неонско розова белка.
Време е да ги оставите вештачките бои и да ѝ дозволите на природата да се покаже на дело. Што ако ви кажеме дека најубавите, а воедно и најбезбедните нијанси можете да ги добиете на потполно природен начин?
Од златно-жолтата магија на куркумата, преку длабокото синило на црвената зелка, па сè до класичните бакарни тонови на лушпите од кромид... природното бојадисување е поздрав избор и неверојатно забавен експеримент за целото семејство. Засукајте ги ракавите, отворете ги витрините и создајте колоритни јајца кои ќе бидат безбедни и за најмалите рачиња.
Совети:
Белите јајца се вашето најдобро платно. Природните бои се понежни од вештачките, па доколку користите бели јајца, нијансите ќе бидат многу поинтензивни и поизразени.
Оцетот е вашиот најдобар пријател. Без него, бојата едноставно ќе се измие. Оцетот делува како фиксатор кој ѝ помага на бојата да се врзе за лушпата на јајцето.
Колку подолго - толку подобро. За разлика од вештачките бои кои делуваат за 3 минути, на природата ѝ треба малку повеќе време. За најдобри резултати, оставете ги јајцата потопени во течноста преку ноќ во фрижидер. Наутро ќе ве дочека вистинско изненадување.
„Мермерен“ ефект со кромид
Измешајте лушпи од црвен и кафеав кромид и иситнете ги во блендер. Секое јајце прво макнете го во оцет, а потоа промешајте го во лушпите за да се залепат малите парчиња. Замотајте го во мало парче газа и врзете ги краевите.
На дното на големо тенџере ставете газа, наредете ги јајцата и ставете чај од хибискус. Наполнете со вода и додајте 100 мл оцет.
Варете ги јајцата нешто помалку од 10 минути, а потоа оставете ги во водата уште половина час за да добијат поинтензивна боја.
Отстранете ги газите, измијте ги јајцата и премачкајте ги со масло.
Варијанта 2 со зелка
Сончево жолти со куркума
Моќниот зачин куркума ќе ви ги даде најсончевите јајца во кошницата.
Во големо тенџере наредете ги јајцата и додајте една лажица сол, една оцет и 3-4 лажици куркума. По желба може да ставите и повеќе зачин во зависност од тоа каква нијанса сакате да добиете. Варете ги јајцата 10 минути и оставете ги во водата додека не оладат или цела ноќ.
Маслинесто-зелени со куркума и хибискус
Ставете ги јајцата во тенџере и потопете ги со вода. Додајте 2 лажици куркума и 3 лажици или 5 ќесички чај од хибискус. Варете 10-12 минути и оставете ги во водата најмалку 40-тина минути, а препорачливо е и подолго.
Сини со црвена зелка
Исечкајте половина црвена зелка и ставете ја во тенџере. Покријте ја со вода (околу 2 литри) и додајте 100 ml оцет. Варете ја на ниска температура 30-тина минути за водата да стане виолетова. Ставете ги јајцата внатре и варете ги 10 минути, потоа извадете ги и оставете ја водата со зелката да се олади. Штом ќе се олади, вратете ги јајцата и оставете ги во течноста преку ноќ.
Македонскиот креатор Даниел Цуклев (@cuklev) сподели своја верзија:
Пастелно розови со цвекло
Изрендајте три главици цвекло и додајте 1 лажица сол и 20 ml оцет. Ставете ги варените јајца во цвеклото и прекријте ги од сите страни.