Од детско другарство, до доживотна љубов: Марјан ја запроси Марија на магична вечера под ѕвездите на Малдиви
Вистинската љубов честопати ги избира најнеочекуваните патишта. Некогаш таа започнува сосема наивно, преку искрено детско другарство, расте со годините и созрева, сè до моментот кога ќе сфатите дека вашиот најдобар пријател е всушност вашата сродна душа и животен сопатник.
Доказ за тоа се Марија Диковска и Марјан Николовски, кои својата долгогодишна врска ја крунисаа со свршувачка на егзотичните Малдиви. Далеку од секојдневието, на приватна вечера покрај самиот океан и под небо преполно со ѕвезди, Марјан успеа целосно да ја изненади својата сакана и да ѝ приреди момент кој ќе го паметат засекогаш.
Вљубениот Македонец клекна на едно колено откако им беше донесена торта со пораката: „Дали ќе се омажиш за мене?“. Марија исполнета со многу емоции кажа „ДА“, а овој момент беше овековечен со видео и фотографии.
За Фемина, среќниот пар сподели детали за романтичното запросување и почетокот на нивната љубов.
Фотографиите откриваат дека запросувањето се случи на прекрасна приватна вечера во многу интимна и романтична атмосфера. Каде точно се криеше оваа магична локација под ѕвездите?
Запросувањето се случи на Малдиви, на приватна вечера покрај самиот океан. Атмосферата беше како од филм — свеќи, тивка музика, звукот на брановите и небо полно со ѕвезди. Целиот амбиент беше многу интимен и магичен, како момент што ќе го паметиме засекогаш.
Марјан, организирањето на приватна вечера на Малдивите бара сериозна логистика во тајност. Како успеа да ја договориш целата сценографија, а Марија да помисли дека станува збор за „обична“ вечера на патувањето?
Запросувањето го организирав со помош на водичот на нашата група и дел од персоналот во хотелот каде што бевме сместени. Цел ден бевме излезени и постојано заедно, па најтешкиот дел беше да не се издадам и Марија да не забележи дека подготвувам нешто. 😊 Кога се вративме во хотелот, почнавме да се подготвуваме за „обична“ вечера, а всушност таму ме чекаше целата организација.
Како го направи изборот на прстенот? Дали сам ја донесе одлуката или имаше мала помош „од страна“ за да го погодиш нејзиниот вкус?
Имав мала помош од блиски луѓе за да бидам сигурен дека ќе го погодам нејзиниот вкус, но најважно ми беше прстенот да биде нешто што ќе ја потсетува на нас и на нашата приказна. За среќа, успеав целосно да ја изненадам.
Марија, запросувањето покрај тиркизни води е сон на многу жени. Во кој момент сфати дека ова не е само уште еден убав амбиент, туку вечер која ќе ти го промени животот? Што ти помина низ главата кога ја забележа кутијата со прстенот?
Кога стигнавме на вечерата и ја видов прекрасната декорација и тортата на која пишуваше „Marry me“, во тој момент ми стана јасно што се случува. Буквално останав без зборови и целосно се изгубив во емоциите. Прво што ми помина низ глава беше колку е убаво што приказната што започна како детско другарство прерасна во љубов за цел живот. ❤️
Всушност, ние се знаеме цел живот. Прво најдобри другари, а сега сопатници за цел живот. Судбина!
Како изгледаше денот на самото запросување? Дали имаше некои „критични“ моменти каде што изненадувањето за малку ќе беше откриено?
Денот на запросувањето беше навистина посебен. Цел ден го поминавме заедно уживајќи во Малдивите, а јас мислев дека навечер нè чека само уште една романтична вечера. Марјан одлично ја сокри целата организација и до последен момент воопшто не се посомневав што се подготвува. Токму затоа изненадувањето беше уште поемотивно и понезаборавно.
Ако треба да го опишете вашето патување на Малдиви со само три зборови, кои би биле тие?
Љубов. Магија. Засекогаш. ❤️