Никола Маркоски со двете дечиња на теренот откако се пензионираше од ракометот, сопругата со емотивна објава
Никола Маркоски стави крај на успешната ракометна кариера.
По тој повод, пред вчерашниот натпревар меѓу Македонија и Луксембург, првиот човек на РФМ, Александар Стефанов, му врачи врамен дрес на Маркоски.
36-годишниот пивот на теренот излезе со ќерката Матеа и синот Марко. Близнаците гордо позираа со татко им, а публиката ги поздрави со аплауз.
„По сите години посветени на репрезентативниот дрес, безброј натпревари, жртви, победи и емоции, дојде моментот да се затвори едно посебно поглавје. Честа да се носи дресот на Македонија е гордост што останува засекогаш во срцето.
Горда сум на играчот што беше и човекот што остана!!! ❤️🇲🇰❤️🇲🇰❤️“ – напиша неговата сопруга Андријана на социјалните мрежи.
Маркоски долги години го носеше дресот на Македонија, а последен клуб му беше Алкалоид. Главниот дефанзивец е единствениот играч кој играл за четирите најдобри клубови во мак-ракометот, Вардар, Алкалоид, Металург и Пелистер.
„Пред почетокот на натпреварот меѓу Македонија и Луксембург, Ракометната федерација на Македонија му оддаде признание на Никола Маркоски, кој ја завршува својата професионална ракометна кариера.
Со својата посветеност, борбеност и љубов кон националниот дрес, Маркоски остави значаен белег во македонскиот ракомет.
Во знак на благодарност за неговиот придонес и годините поминати во репрезентативниот дрес, претседателот на Ракометната федерација на Македонија, г-дин Александар Стефанов, му врачи врамен дрес со бројот 17, како симбол на почит и признание за неговата ракометна кариера.
❤️💛 Никола, ти благодариме за секој натпревар, секоја борба и секој момент поминат во дресот на Македонија!“ - напишаа од Македонската ракометна федерација за Никола.