Во Париз започнува да се шири празнична магија. Најпознатата атракција за божиќните празници секоја година се наоѓа во познатата стоковна куќа Galeries Lafayette.
Под величествената стаклена купола, традиционалната новогодишна елка доби сосема поинаков изглед. Наместо класичните зелени гранки и светкави украси, годинава посетителите ги пречекува впечатлива, разнобојна креација со огромни крилја, која потсетува на фантастична птица или заштитничко дрво.
Зад необичниот дизајн стои францускиот моден дизајнер и уметник Жан-Шарл де Кастелбажак, кој ја претвори својата разиграна и поетска визија во вистински празничен спектакл.
Елката е изработена рачно, со хартија, исечени форми и впечатлива игра на бои – жолта, црвена, зелена, сина и розова. Нејзините раскошни крилја се шират под куполата, создавајќи впечатлива глетка од секој агол на историската стоковна куќа.
Целото доживување е надополнето со светлосни ефекти и оригинална музичка композиција, претворајќи го просторот во бајковита празнична сцена.
„Под куполата, величествената елка се претвора во заштитничко дрво кое ги шири своите крилја. Хартијата, исечените форми и играта со бои ја оживуваат оваа целосно рачно изработена креација.
Магичниот спектакл е збогатен со светлосни ефекти и оригиналната композиција, која ги повикува и малите и големите повторно да го откријат детето во себе“ – стои во описот на видеото објавено од Galeries Lafayette на Instagram.