• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

„Неговата упорност ми стана сигурност, а неговото присуство – мир“: Моника за љубовта со ракометарот Филип Кузмановски

13 февруари 2026, 14:00
  • cподели
Филип Кузмановски и Моника Игнова

Додека македонската јавност го препознава Филип Кузмановски како капитен на македонската ракометна репрезентација и еден од носителите на играта на Еурофарм Пелистер, зад спортската сцена и адреналинот на теренот, стои посветен сопруг на Моника Игнова од Велес и горд татко на едногодишниот Матијан.

Неговата сопруга и животна сопатничка низ разговор за Фемина открива дека животот ги споил во вистински момент и оттогаш заедно чекорат низ сите предизвици, градејќи однос заснован на трпение и меѓусебна поддршка. Најголемата промена кај нив пристигнала со раѓањето на синчето Матијан, нивната најголемата животна радост кое, како што вели Моника, „тивко нè смени одвнатре и нè научи да забавиме“.

Филип Кузмановски и Моника Игнова со синчето Матијан

Убавата велешанка зборува искрено за животот со врвен спортист, за отсуствата и притисокот кој не завршува со последниот свиреж на терен, но и за привилегијата да се биде сведок на пожртвуваност и силно партнерство. Нивната љубовна приказна е сведоштво дека зад секој спортски успех стои стабилност изградена далеку од очите на јавноста и љубов која не бара само внимание, туку и секојдневно разбирање.

Моника, како започна вашата љубовна приказна со Филип? Каде се запознавте и дали уште тогаш почувствувавте дека „тоа е тоа“?

Нашата љубовна приказна започна сосема случајно, далеку од рефлекторите и од каков било план. Се запознавме сосема случајно, иако веќе знаевме еден за друг – како животот тивко да нè спои во вистински момент, затоа што од моментот кога се запознавме, повеќе не се одделивме еден од друг.

Кој го знае Филип, знае каков е кога нешто сака, беше исклучително упорен. Јас на почетокот бев внимателна, можеби и резервирана, но тој не се откажа. Со текот на времето, неговата упорност ми стана сигурност, а неговото присуство – мир. Не можам да кажам дека веднаш си реков „тоа е тоа“, но знаев дека некој влезе во мојот живот со намера да остане.

Филип Кузмановски и Моника Игнова
Какви беа почетоците на вашата врска? Што најмногу те привлече кај Филип?

Заедно сме веќе 7 години. Првата година Филип играше во Македонија, што ни даде ретка и драгоцена можност навистина да се запознаеме – без брзање, без далечина, со време за разговори и за градење блискост. Јас во тој период бев на мастер студии и искрено, мојот став беше јасен – образованието ми беше приоритет и сакав прво да го заокружам тој дел од мојот живот. Филип тоа целосно го почитуваше и никогаш не ме стави во позиција да бирам. Токму во таа рамнотежа меѓу љубовта и личните цели, нашата врска тивко, но цврсто се зајакнуваше.

Филип Кузмановски и Моника Игнова
Како изгледаше предлогот за брак? Беше ли типично романтично или целосно неочекувано?

Запросувањето беше баш онака како што јас сакав, не многу гласно, романтично, исполнето со искрени емоции и со најблиските. Интересно е што во тој момент се знаеше дека Филип треба да замине во Германија, а ние веќе бевме во врска малку повеќе од година дена, но имавме, ајде да кажам некој интерен договор, дека сè уште сме млади и дека ќе одам со него првиот месец да му помогнам да се адаптира, да не биде сам и потоа ќе пробаме да функционираме на далечина. Но, неговиот план бил сосема друг и морам да кажам дека ме изненади, не можам да кажам дека беше тотално неочекувано, но Филип е добар во изненадувања.

Секоја свадба е почеток на едно ново поглавје. Што најмногу ти остана во сеќавање од вашата? По што беше посебна?

Свадбата за мене не беше само настан, туку длабока емоција и потврда на сè што го имавме изградено дотогаш. Да ги додадемe на тоа сите луѓе кои ни се драги, собрани на едно прекрасно место кои ја слават нашата љубов. Навистина посебен момент. Сега веќе кога поминаа неколку години, кога се навраќаме на свадбата, ја паметиме по прекрасното место под отворено небо и добрата забава.

Филип Кузмановски и Моника Игнова
Филип Кузмановски и Моника Игнова
Брак со врвен спортист значи живот во постојано движење. Вие одреден период живеевте и во Германија. Како изгледа секојдневието кога календарот го диктираат тренинзи, натпревари и репрезентативни обврски?

Животот со спортист значи постојано движење, прилагодување – постојано нови места и нови луѓе, нови докажувања. Периодот во Германија беше еден од најпредизвикувачките, но во тој период и јас и Филип пораснавме како личности.

Секојдневието е издиктирано од тренинзи, натпревари и репрезентативни обврски, многу пропуштени родендени, свадби и секакви веселби, но зад тој распоред, постои и тивка борба – да создадеш чувство на дом каде и да си. Тоа е живот во кој учиш да бидеш самостоен, трпелив и стабилен, затоа што кога календарот е густ, мора да постои разбирање, а љубовта се докажува токму во малите, секојдневни нешта.

Филип Кузмановски и Моника Игнова
Филип Кузмановски и Моника Игнова
Доаѓањето на дете ја носи најголемата промена во семејството. Како родителството те смени тебе, а како Филип? Какви родители сте, строги или попустливи?

Родителството нè промени тивко, одвнатре. Нè направи почувствителни еден кон друг и поуспорени во секојдневието. Филип е повеќе насочен кон организација и ритам, додека јас сум таа што малку успорува, внесува мир и трпение во домот.  Се трудиме да бидеме нормални, балансирани родители, без строги правила, но со јасни вредности. Најважно ни е детето да расте со љубов, сигурност и чувство дека секогаш има на кого да се потпре.

На кого наликува Матијан? Дали сака да оди на терен да навива за тато? Во каков човек сакате да израсне?

Матијан е љубопитен, енергичен и носи дел од двајцата во себе, иако Филип може ќе се лути, морам да кажам дека физички повеќе наликува на мене. Тешко е да не се пренесе таа љубов кон ракометот во домот, Матијан е уште од бебе присутен во салите, омилена играчка му е ракометна топка, така што мислам дека некако природно се пренесува таа љубов.

Дали ќе покаже афинитет кон ракомет е сè уште рано да се каже – најважно ни е да го поддржиме во тоа што ќе го направи среќен. Посакуваме да израсне во стабилен, добар и свој човек, со почит кон луѓето и со јасни вредности.

Филип Кузмановски и Моника Игнова со синчето Матијан
Филип Кузмановски со синчето Матијан
Колку е тешко, а колку привилегија да се биде сопруга на спортист кој често е отсутен и секогаш носи огромен притисок?

Да се биде сопруга на спортист значи да живееш меѓу отсутност, огромна одговорност и голема поддршка и разбирање. Тешко е кога физички не е присутен, но уште потешко е кога знаеш колкав притисок носи со себе, и како тој притисок го следи и дома. Во исто време, тоа е и привилегија – затоа што одблизу гледаш што значи дисциплина, пожртвуваност и тивка борба со сопствените граници.

Научив дека љубовта во ваков брак не се мери со времето поминато заедно, туку со разбирање и трпение, секој успех и секој пад ги поминуваме заедно.

Филип Кузмановски и Моника Игнова
Филип Кузмановски и Моника Игнова
Што најмногу ти недостасува кога сте разделени, а што научи за трпението и силата на партнерството?

Кога сме разделени, најмногу ми недостасуваат обичните, тивки моменти што другите често ги земаат здраво за готово. Заедничкото утро, краткиот разговор по напорен ден, само присутноста во даден момент. Има моменти како на пример оваа зима, Филип беше отсутен еден месец, од таа дистанца научив колку трпението е активна одлука, а не пасивно чекање. Силата на нашето партнерството е истрајноста, поддршката и способноста да останеш поврзан и кога си далеку.

Филип Кузмановски и Моника Игнова
Што би им порачале на жените кои влегуваат во љубов со спортист? Што треба да знаат, а никој не им го кажува однапред?

Едно ќе кажам, животот со професионален спортист не е воопшто лесен, туку е свесен избор што се прави секој ден. Бара сила, трпение и стабилност, но најмногу бара да знаеш која си ти. Никој однапред не кажува колку ќе мораш да бидеш самостојна, колку често ќе треба да владее тишина, додека тој се бори со сопствениот притисок, колку и ти самата треба да се бориш со тој притисок, постојано селење, нестабилност. Но, на крајот од денот, гордоста секогаш го надминува и уморот и осаменоста.

На жените би им порачала: сакајте силно и искрено, но стојте цврсто на свои нозе, таа стабилност која ја носите во домот ќе се одрази во сите сегменти од животот, па дури и на терен.

Филип Кузмановски и Моника Игнова

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk

Tags
Филип Кузмановски
Моника Игнова

Најнови

  • „Најитна кампања досега“: Апел за да ја спасиме 8-годишната Ана која има редок и агресивен тумор на синусите

    Fri, 02/13/2026 - 14:43
  • Филип Кузмановски и Моника Игнова

    „Неговата упорност ми стана сигурност, а неговото присуство – мир“: Моника за љубовта со ракометарот Филип Кузмановски

    Fri, 02/13/2026 - 14:00
  • Минијатурно бебенце родено тешко колку лименка преживеа: „Секое чукање на срцето беше триумф“

    Fri, 02/13/2026 - 13:00
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.