„Не сум против технологија – сум против неправилна употреба“: Медиумскиот едукатор Николина Петровска за децата и екраните
Во современото дигитално општество, технологијата станува сè поприсутен дел од детското секојдневие. Иако дигиталните уреди нудат бројни можности за учење и забава, нивната прекумерна и неконтролирана употреба може да има негативно влијание врз развојот на децата. Поради тоа, сè поголемо значење добиваат иницијативите кои промовираат безбедно, одговорно и едукативно користење на технологијата.
Николина Петровска од Виница активно работи во оваа област како основач на едукативната платформа „Бесконечно Царство“. Започната како проект во 2013 година, платформата прерасна во безбеден дигитален простор наменет за деца и родители, бидејќи нуди внимателно избрани и безбедни медиумски содржини, куклени претстави и специјализирано радио.
Во интервју за Фемина, Петровска зборува за најчестите грешки кои ги правиме со технологијата, зошто не е против екраните, туку против нивната неправилна употреба и како децата можат да растат со технологијата на здрав и безбеден начин.
Вие сте автор на првото детско радио кај нас. Како се роди таа идеја и што ве мотивираше да почнете да создавате медиумски содржини за деца?
Мојата мајка е учителка во пензија и јас сум дете пораснато со музиката од „Златно Славејче“, „Супер Ѕвезда“, „Дајте музика“, „Поточиња“ итн. Откако пораснав, љубовта спрема детската музика не згасна, само се срамев да зборувам за тоа.
Уште додека студирав, јас зборував дека не сакам да бидам новинар, ама не знаев како да кажам дека сакам да се специјализирам за медиуми за деца. Желбата за отворање радио за деца беше ПЛАТОНСКА ЉУБОВ, која мојот колега Илија Стефановски и мојот сопруг Михаил ја реализираа со помош на други соработници. Дополнително ме мотивираше што децата во нашата земја немаа можност да слушаат детско радио. Имам баш интересни планови за радиото, но ќе ги откријам кога ќе успееме да ги реализираме.
Ги создадовте и препознатливите детски куклени ликови Мино и Мими. Кои за вас се најважните принципи за креирање безбедни и квалитетни дигитални содржини за деца? Што е најважно кога се создава содржина за деца од најрана возраст?
Во првите години најважно е содржината да е филтрирана и проверена од страна на родителот
Некако сѐ се случуваше спонтано. Најважен принцип е безбедноста, која всушност значи да нема прекин и појава на други содржини. Луѓето ги буни бесплатното. Бесплатното нѐ чини најскапо, ако не сме доволно подготвени и зрели за истото. Ние возрасните можеме рационално да расудуваме во врска со рекламите, но тоа не значи дека го можат и децата. Затоа, најважно е во првите години содржината да е филтрирана и проверена од страна на родителот пред да му се понуди на детето.
Од друга страна, за мене како креатор е важно покрај тоа што треба да биде безбедна содржината која ја креирам, да биде едукативна и да го стимулира развојот, детето активно да учествува, по завршувањето да го инспирира. Јас можев да изберам поинаков пат на популарност и прегледи на YouTube, но јас избрав да не манипулирам со детето во развој заради гледаност и профит, туку органски да растеме заедно.
Живееме во свет исполнет со технологија. Како родителите и воспитувачите можат правилно да ги воведат децата во дигиталниот свет?
Преку едукација. Таму детално имаат насоки за целиот процес. Јас неодамна мојот вебинар „Што да се гледа на ТВ?“ го пуштив 24 часа да биде бесплатен и неговата цена требаше да порасне. Но, донесов поинаква одлука и затоа цената не беше покачена.
Сите кои ќе го прочитаат интервјуто и ќе ги заследат мојот профил @nikolina.petrovska, профилот на @beskonechno.carstvo и профилот на @femina.mkd и во следните 96 часа ќе пишат порака на профилот на Бесконечно Царство, ќе добијат пристап од 48 часа до вебинарот бесплатно, а потоа ќе биде повлечен.
Често зборувате за влијанието на екраните врз најмалите. Дали сметате дека децата до одредена возраст воопшто не треба да бидат изложени на екрани? Кои се најважните правила за здраво и безбедно користење на екрани кај малите деца?
Децата до две години не треба да бидат изложувани намерно на екрани
Да, сметам дека децата до две години не треба да бидат изложувани намерно, т.е. да им се пуштаат содржини кои се наменети за нив. Исклучок се аудио содржини и видеоповици со најблиските.
Најважните правила треба да си ги донесе секое семејство индивидуално откако родителите ќе бидат едуцирани. Најважното правило е детето да расте постепено со технологијата, а како да го направи тоа објаснувам преку вебинарот.
Денешното дете сѐ уште не проодело - држи телефон во раце, сѐ уште не прозборело - веќе гледа содржини на екран, сѐ уште не созреало - веќе има социјални мрежи, кога пораснува веќе е зависно и не знае како да се справи со тоа. Технологијата нема да управува со нас ако свесно ја употребуваме. А ќе знаеме како, ако не брзаме, туку постепено го запознаваме детето со неа.
Какво е вашето мислење за целосно неизложување на децата на екрани? Дали тоа е реално и корисно решение во денешниот дигитален свет?
Јас сум против ова решение. Кога почнав да се занимавам со оваа проблематика, многу често добивав коментари, а добивам и сега „Ти си против технологија, а користиш“. Како и да е, јас не сум против технологија. Јас ја обожавам, но сум против неправилна употреба. Тоа значи престимулираност, отворање социјални мрежи прерано кога детето сѐ уште не е спремно за тоа, давање телефон без да се додели одговорност и сл.
Исто така, не сум на бебе да му се дава телефон или таблет за да не плаче, едноставно не е потребно.
Јас сум децата да растат со технологијата и да ја запознаваат постепено и да ја користат ограничено и рационално.
Не постојат корисни содржини за бебиња во првите години од животот
Во првите години нема потреба од изложување пред екран, но важно е да разбереме дека ако отидеме со детето кај комшиите и е пуштен фудбалски натпревар, не е ништо страшно. Ако случајно се најдеме на друго место каде што има екран, не е опасно. Опасно е ако родителот му пушта содржини за бебиња.
НЕ ПОСТОЈАТ КОРИСНИ СОДРЖИНИ ЗА БЕБИЊА во првите години од животот и затоа не е реално децата целосно никаде да немаат допир до екран, но сосема е реално родителите да ги едуцираме што штети на развојот, а што не.
Во јавноста често се посочуваат содржини како BabyTV и Cocomelon како потенцијално штетни за малите деца. Зошто сметате дека тие можат да имаат негативно влијание и што е проблематично кај нив?
Не само што имаат негативно влијание, според мене ќе дојде време кога целосно ќе бидат забранети. Огромна цена плаќаат многу семејства чии деца биле изложени на вакви содржини.
Кај содржините како BabyTV и Cocomelon најштетно е што се правени да го хипнотизираат детето
Она што е најштетно кај нив е што се правени од психолози и стручни соработници да го задржат детското внимание и да го хипнотизираат, а со тоа целосно го забавуваат развојот. Комуникацијата е еднонасочна и создава пасивни генерации, без емоции и без реактивност. Дополнително самата содржина содржи интензивни бои кои психолозите ги користеле во минатото за апаратите во коцкарници. Зарем ова не е тажно?
Некои деца се поотпорни и полесно се извлекуваат од други, но ако влезете во училница денес ќе видите дека речиси сите кои биле изложувани на ваква содржина имаат проблеми со фокус, концентрација и внимание за почеток. Дополнително, влијаат и на развој на говор, па одреден дел од децата кои биле изложени на ваква содржина, денес имаат и проблеми со говор, поради еднонасочна комуникација, некои успеале да се извлечат, други зборуваат како роботи.
Што би им одговориле на родителите кои велат дека нивните деца гледаат цртани филмови секојдневно, а сепак се развиваат нормално, успешно и дури покажуваат напредни способности? Ако едно дете користи екрани или гледа цртани, но истовремено е активно, комуникативно, љубопитно и добро напредува во развојот, дали има причина за загриженост?
Ако детето зборува англиски перфектно, а не може да зборува македонски, не значи дека има напредни способности
Секое дете е приказна сама по себе. Ако детето зборува англиски перфектно, а не може да зборува македонски, не значи дека има напредни способности, туку се соочува со предизвик кој не треба да биде игнориран.
Дополнително, ако детето гледа цртани секој ден во денот, но истите се внимателно одбрани и истовремено поминува време во природа, со активности, во парк со другарчиња и слично, нема никаков проблем.
Ако едно дете користи екрани или гледа цртани, но е агресивно, има предизвикувачко однесување, важно е родителот да не го игнорира истото.
Има причина за загриженост ако родителот го остава детето само да управува со технологијата и да одбира содржина кога сѐ уште не е подготвено за тоа. Ако навечер не може да заспие, се буди со стравови и плачење (ова не мора да е секогаш од екран.).
Дали е проблем самиот екран или начинот на кој се користи – времетраењето, содржината и присуството на родителите?
Дефинитивно она второто. Начинот на кој се користи – времетраењето, содржината и присуството на родител. Родителот не мора секогаш да биде присутен, но важно е да биде присутен додека детето учи што е во ред, а што не да консумира и тоа за секое семејство е различно. Важно е во одреден момент после 13 година некаде, родителот да го оспособи детето само да користи без да го контролира. Но, за тоа е потребна голема поврзаност, едукација и многу работа.
Што, според вас, децата најмногу учат од медиумските содржини кои секојдневно ги следат?
Буквално сѐ. И добро и лошо. И она што ги интересира и она што е популарно и она што не треба да го видат и знаат. Она што ние и не можеме да си го замислиме. Онаа поврзаност што во минатото што ја имаа децата со семејствата, па потоа одреден период после 2000 година ја имаа со врсниците, денес ја имаат со медиумите во семејствата во кои децата се оставени премногу рано сами да управуваат со технологијата.
Како родителите можат да препознаат дали една содржина е навистина квалитетна, едукативна и соодветна за возраста на детето?
Ова ми е вистински болно прашање, а ќе ви објаснам зошто. Кога почнав со ова, ова беше најчестото прашање и секогаш бев разочарана.
Ќе седнам да истражувам на Netflix, HBO, Disney и ќе се разочарав. Пишува 0+, а всушност содржината е штетна за деца над 3 години, а не пак за бебе. Не дека немаше добри содржини, секако дека имаше, ама искрено се изморував од барање за да најдам нешто добро и секогаш си заминував од платформата разочарана од нешто.
Најпрвин, важна е анимацијата, колку е помало детето во првите години треба да гледа реални видеа, побавни анимации, како расте, расте и неговиот капацитет за содржини со 3Д анимација и бои.
Што им советувате на родителите кога детето бара да има свој телефон или таблет? На која возраст е соодветно детето да добие сопствен телефон и кои правила треба да важат од самиот почеток?
И ова прашање го има во вебинарот, но ќе се обидам да го одговорам преку зборовите на татко ми „Мене не ме интересира за другите деца, јас сум одговорен за тебе“. Тоа значи дека јас сум многу отворена по ова прашање. Постојат семејства чии деца од безбедносни причини може да добијат телефон на 7 години. Тоа е сосема во ред, ако така сметаат. Јас сметам дека соодветна возраст е кога родителите ќе одлучат дека е време за тоа. Но, има еден друг многу важен момент, а тоа се правилата.
Не може никој да ме убеди дека со самата потреба на детето да добие телефон, доаѓа и потребата да има YouTube профил, Viber, WhatsApp, Facebook и Instagram.
Не се согласувам децата да имаат профили на социјалните мрежи кога не е време за тоа. Да учи да го користи телефонот постепено. Да добие меил и Viber, па после одредено време нешто ново и слично.
Пред сѐ во училиштата треба да се забранат тие групи на Facebook со мали деца.
Колку е важно децата да растат со содржини на македонски јазик и со ликови во кои ќе можат да се препознаат?
Неопходно е. Оваа љубов и Бесконечно Царство не се случајни. Потекнуваат од мојата љубов спрема „Умни глави“, „Дајте музика“, „Бушава азбука“ и сл.
Какво е вашето мислење за македонските анимирани филмови, детски серии и образовни програми Дали ги поддржувате и што им недостасува за да бидат попривлечни и дигитално безбедни за децата?
„Дајте музика“ е нешто што премногу ми се допаѓа, „Зоки Поки“ и „5+“ се одлични серии. Анимацијата кај голем дел од содржините на „Биби“ што ги имам видено е бавна и е супер за деца над две години.
Дел од нив вистински имаат високи стандарди, но постојат и содржини кои се поддржани од државата, а имаат 3Д анимации и се наменети за бебиња, а навистина се штетни.
Како да направиме разлика помеѓу разумна употреба на медиуми и прекумерна изложеност што може да му наштети на детето?
По втората година, колку време детето поминува пред екран, дупло треба да помине во активности во природа или парк
До две години да не се изложува детето пред екран со намера. После две години важи правилото од мојот професор Ранко Рајовиќ, колку време детето поминува пред екран, дупло треба да помине во активности во природа или парк.
Разумната употреба е различна според возраста. За едно дете од 2 и пол години кое штотуку се запознава со технологија, разумна употреба значи епизода од 15 минути за која родителот ќе биде присутен и ќе разговараат заедно за истата. Изложеност што штети на таа возраст е да се остави пред телевизор во одредена положба и да гледа со часови додека родителот е зафатен.
Ја разбирам зафатеноста на родителите, но и тие треба да разберат дека зависноста од неправилна употреба на екран се смета иста како сите останати пороци. Дали на детето би му дале цигари да пуши само за да биде мирно и да не ги вознемирува? Постојат други алтернативи, а ние во Бесконечно Царство работиме токму на нив.
Каква улога има личниот пример на родителите во создавањето здрави дигитални навики кај децата?
Огромна. И мојот личен пример. Јас зборувам отворено на оваа тема. Не можам тука да ви раскажувам приказни, а да отидам на работа и децата да ме гледаат како си убивам досада на телефон.
Јас креирав неколку здрави дигитални навики со цел да си помогнам пред сѐ себе си, но и да бидам примерот за она што зборувам. Секогаш кога морам да чекам некаде подолго, се трудам да читам книга, наместо да скролам на телефон. Го користам телефонот ако имам потреба, но не доколку ми е досадно.
Последните 3 години одам на одмор без телефон
Речиси секој викенд, освен во одредени кога имам исклучок, имам иницијатива „Викенд без социјални мрежи“ и се трудам да не ги користам колку што е возможно. Се трудам секогаш кога можам да правам прошетки во природа без телефон каде што се најавувам на најблиските за да знаат.
Последните 3 години одам на одмор без телефон.
Но, ова се мои здави навики и не ги препорачувам секому. Секоја личност и секое семејство треба да си изгради свои навики кои ќе им користат на нив. Ако им треба помош тука сум.
До нови бесконечни победи.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk