„Не сакам да чујам ни збор дека можела поинаку. НЕ МОЖЕЛА“: Психологот Тиана Ивановска со моќна порака за трагедијата во Карпош
Трагедијата која ги прекрати младите животи на мајка и нејзината мала ќерка вклучи заглушувачки аларм за системски промени поврзани со семејното насилство.
Многумина гласно ги искажуваат своите ставови и искуства со надеж дека тоа ќе помогне да се иницираат чекори во насока на менување на законите и казнување на непостапувањето на институциите.
Тиана Ивановска, психолог и основачка на „СебеСложувалка“, објави моќна порака која замислува и им ги затвора устите на оние кои ја обвинуваат мајката.
Две години работев како психолог во анонимен шелтер за жени жртви на семејно насилство и уште минимум двојно толку во областа. И сите овие години сум сведок на одвратни случаи на институционална глувост, некадарност и партиски напикани војници во нашето Министерство за Социјална заШТЕТА.
Имам еден тон случаи за раскажување. На пример транспорт на жена жртва со две деца од еден град во анонимен шелтер, со службено ОБЕЛЕЖАНО возило на ЦСР без да им текне дека таа жена е сигурно следена и со ваквиот малоумен потег ја ставаат во опасност неа, децата и цел персонал кој ќе работи со неа. Од милиони молења и колења до судот да се изречат брзи мерки за забрана на пристап додека насилникот стои паркиран пред семејна куќа и се заканува дека ќе го запали цело семејство. Истите тие насилници најчесто се со недијагностицирана психопатија, гранично растројство, зависности, а неретко и самите се бават со криминал. Тој криминал совршено им овозможува да се стекнат со голема сума на пари со која потоа поткупуваат полиција, суд, министерства, политичари.
И ако по некоја случајност се погоди саглам полиција да го започне случајот, ќе финишираат со консултативен разговор во социјално во кој ќе ги убедуваат да се СМИРАТ пошто така било подобро за детето.
Тоа што ние го гледаме однапред, вие го гледате отпосле, откако ќе се случи смртен случај, трагедија, самоубиство.
Соседи бре физички се пресметувале со него за да ја заштитат. И не сакам да чујам ни збор дека можела поинаку. НЕ МОЖЕЛА. Затоа што појма немате вие како е кога некој ти го прати секој чекор, ти се заканува за секоја ситница дека ќе платиш со живот и ти и цела твоја фамилија. Појма немате како е кога животот на слобода ти е поголем хорор од ќотекот што ќе го преќутиш дома, само за да не ве убие сите.
Земете ги СИТЕ досијеа. Земете ги и чешлајте до секоја точка. Сите пропусти да се најдат и да се КАЗНАТ. Еден казнет насилник не ја прави пролетта. КАЗНЕТЕ ги мувлосаните бирократи што за ситен поткуп ќе ризикуваат нечив живот.
Почивајте во мир.