„Не останувајте во агресивен однос затоа што мислите дека ќе останете сами“: Апел на Марија Спасовска
Марија Спасовска се вклучи во јавната дискусија за насилството врз жените, поттикната од вознемирувачките случаи кои деновиве ја потресоа Македонија. Младата пејачка преку социјалните мрежи го сподели својот став за проблемот за кој сè погласно се зборува во јавноста.
Македонската музичарка преку видео на социјалните мрежи се обрати до сите девојки коишто можеби се наоѓаат во слична ситуација и ги охрабри да пробаат да најдат излез, бидејќи верува дека за сѐ постои решение. Таа вели дека никако не смее да се остане во агресивен или посесивен однос само пради стравот од тоа дека на крајот девојката ќе остане сама. „Не си сама“, порача Марија и кажа:
„Се мислев дали да го снимам видеово, немам зборови со коишто ќе опишам како се чувствував последниве денови поради последната ситуација што беше актуелна. Многу е јасно како треба да се санкционира сето тоа и нема да навлегувам во таа сфера.
Сакам да им се обратам на сите девојки коишто ме следат и оние коишто не ме следат, можеби првпат ме гледаат во живот... знам дека не можеме за жал некогаш да процениме со каков човек сме во однос, вообичаено насилниците многу вешто и добро ги кријат своите карактеристики, но доколку некогаш приметите каква било агресивна постапка или посесивен однос, однос којшто контролира, ве молам не дозволувајте да останете таму само затоа што мислите дека ќе останете сами, дека нема никој друг во животот да ви дојде, дека немате на кого да му се обратите, дека ќе биде крајот на светот ако не сте со таа личност...
Посветете се на вашите цели, посветете се на вашите желби, на сѐ она што вас ве интересира во животот, а животот е многу повеќе од однос со партнер. Посебно за сите млади девојки, пред нас е целиот живот... колку и да трае, треба да трае убаво. Не дозволувајте да останете таму каде што не сте прифатени баш онаква каква што сте, сте угушени, сте притиснати. Дури и да немате навистина некој на којшто можете да му се обратите, во време на социјални мрежи и сѐ, сѐ е многу полесно, да добиете дури и помош итн. Така што за сѐ има решение, само треба да се охрабрите да го побарате.“
Талентираната пејачка вчера го објави видеозаписот за својата најнова песна, балдата „За тебе можам сѐ“, со која годинава настапи на Макфест.