„Не мора секоја расправија да има победник“: Јелена и Иван за љубовта, ќерката Нина и брачниот јубилеј кој ќе го прослават во Охрид
Кога пред петнаесет години си го кажаа судбоносното „ДА“, веројатно не претпоставуваа дека една од „големите“ годишнини ќе ја дочекаат заедно на сцена, под охридското небо и пред публика од друга земја која со текот на времето почнаа да ја чувствуваат како своја.
Но, можеби токму таквата прослава најдобро им прилега на Јелена Томашевиќ и Иван Босиљчиќ. Нивниот заеднички живот отсекогаш се движел меѓу интимноста на домот и магијата на сцената, меѓу музиката и актерството, семејните ритуали и професионалните патувања. Додека Јелена со својот раскошен вокал и емотивна интерпретација освојуваше концертни сали, Иван создаваше впечатливи театарски, телевизиски и филмски ликови. Паралелно со кариерите, тие градеа нешто што не се мери со аплаузи и признанија: заеднички живот кој годинава брои петнаесет брачни години.
Во пресрет на концертот на 28 август во Антички театар, Јелена и Иван ексклузивно за Фемина зборуваат за љубовта, компромисите и семејните ритуали, за родителството и Нина, но и за соништата кои сè уште сакаат да ги остварат заедно. И, секако, за Македонија, која одамна престанала да биде само уште една станица на нивните професионални патувања.
Петнаесет години брак ќе прославите на можеби најнеобичниот начин – на сцена во Охрид, пред многубројна публика. Која ви беше првата мисла кога сфативте дека концертот се совпаѓа токму со тој датум?
Не би можела да замислам поубав начин да одбележиме 15 години брак
Јелена: Првата помисла ми беше – па, се разбира дека тоа ќе ни се случи нам! :) Како животот намерно да ги споил нашите две големи љубови – музиката и театарот – со еден важен датум од нашиот приватен живот. Искрено, не би можела да замислам поубав начин да одбележиме 15 години брак.
Иван: Има нешто симболично во тоа што тие 15 години ќе ги прославиме на сцена, со луѓето и во земјата која толку пати ни подарила љубов. Тоа ќе биде една голема заедничка прослава, а не само наша годишнина.
И двајцата со години сте чести гости во Македонија и секогаш сте пречекани со многу љубов. Во кој момент почувствувавте дека со македонската публика сте изградиле посебна врска?
Јелена: Од првиот пат кога настапував овде, кај македонската публика почувствував една посебна топлина и непосредност. Тие не ја слушаат само музиката – тие навистина ја живеат со вас.
Македонија одамна ни стана едно од оние места каде што се чувствуваме како дома
Иван: И не само музиката, туку секој облик на уметност. Јас сум се среќавал со публиката и во концертни сали, и во театри, и на филмското платно. Кога со години доаѓате на некое место и луѓето ве пречекуваат како да сте се виделе вчера, сфаќате дека сте создале нешто што ја надминува професионалната врска со публиката. Македонија одамна ни стана едно од оние места каде што се чувствуваме како дома.
Можете ли да издвоите средба, концерт, реакција од обожавател или доживување од Македонија кое и ден-денес го паметите како специјално?
Најдраги ми се средбите по концертите
Јелена: Мене секогаш најдраги ми се средбите по концертите. Кога некој ќе ви пријде и ќе ви каже дека со ваша песна поминал низ некој важен момент во животот – венчавка, раѓање дете, некој тежок период – сфаќате колку музиката може да биде лична и важна. Таквите приказни ги паметам многу подолго од кој било аплауз. Една од омилените македонски песни којашто секогаш со задоволство ја изведувам е „Судбо моја, судбино“ и реакциите на публиката секогаш се прекрасни.
Иван: Јас го паметам првиот пат кога настапував во Античкиот театар во Охрид. Во 2004 година со претставата „Цигани летаат во небо“ победивме на „Охридско лето“. Тоа беше можеби најубавата изведба на таа претстава во 22-те години колку што постои. Но, тоа беше и еден од оние моменти кога границата меѓу уметникот и публиката целосно исчезнува. Посакувам на овој наш концерт со Јелена да се повтори таа магија.
Во 15 години заеднички живот неизбежно се менуваат и луѓето и односите. Што ви беше најлесно во бракот кога бевте млад пар, а ви е потешко денес? И обратно, што некогаш ви било предизвик, а по 15 години веќе ви доаѓа сосема природно?
Јелена: Кога бевме помлади, веројатно ни беше полесно да бидеме спонтани и во последен момент некаде да заминеме, нешто да промениме, да направиме план без многу размислување. Денес имаме многу повеќе обврски и едно мало суштество ни е во центарот на сите планови. 😊 Но, затоа денес сме многу подобри во разбирањето еден со друг.
Порано моравме многу да си објаснуваме, денес е доволен само еден поглед
Иван: Порано моравме многу работи да си објаснуваме. Денес често е доволен само еден поглед. Тоа, веројатно, е една од убавите работи кои ги носат годините. Знаете кога на другиот му е потребна тишина, кога му треба поддршка, кога не е момент за совет, а кога е вистинскиот момент за една прегратка.
Јелена: И научивме дека не мора секоја расправија да има победник. Тоа е можеби една од најважните лекции во бракот.
Кој од вас почесто приредува изненадувања, кој прв се извинува по несогласување, кој подобро готви, кој поредовно памети годишнини, а кој почесто доцни?
Јелена: Иван дефинитивно е подобар во изненадувањата. Тој знае да смисли нешто што не го очекувате. Што се однесува до готвењето... тука сепак ќе се пофалам јас. 😊
Иван: Потврдувам дека Јелена подобро готви. А што се однесува до извинувањето, мислам дека и двајцата научивме дека е многу поважно да се смириме отколку да докажеме кој бил во право.
Иван е подобар во изненадувањата, Јелена подобро готви
Јелена: А за доцнењето... мислам дека најдипломатски е да кажеме дека и двајцата имаме свој однос кон времето. 😊
Иван: Јелена има многу убав однос кон времето, а со мене времето понекогаш не соработува баш најдобро. 😊
Вашата ќерка Нина годинава наполни 14 години. Што ви е најубаво, а што најпредизвикувачко во новата „тинејџерска“ фаза од родителството?
Јелена: Најубаво ми е што сè повеќе ја гледаме нејзината личност. Веќе имаме една млада личност со свои ставови, интереси и погледи кон светот. Морате многу да разговарате, да слушате, но и да ѝ дадете простор сама да донесува некои заклучоци.
Се обидуваме да сме сигурно пристаниште за Нина, дури и тогаш кога таа мисли дека во моментот не ѝ е потребно
Иван: А најголемиот предизвик веројатно е тоа што сфаќате колку брзо расте. Како родител постојано мислите дека имате уште време, а потоа одеднаш сфаќате дека детето повеќе не е мало. Но, се обидуваме да бидеме тука, да бидеме нејзино сигурно пристаниште, дури и тогаш кога таа можеби мисли дека во моментот не ѝ е потребно. 😊
Нина расте во семејство во кое музиката и глумата се секојдневие. Дали таа веќе покажува интерес кон уметноста и дали би ве израдувало доколку одлучи да тргне по вашиот пат?
Јелена: Секако дека има допир со уметноста, заврши основно музичко училиште, прекрасно пее, но нам ни е важно сама да открие што е нејзино. Не сакаме по секоја цена да биде „нашата мала наследничка“ само затоа што ние се занимаваме со тоа.
Не сакаме по секоја цена Нина да биде „нашата мала наследничка“
Иван: Ако еден ден каже дека сака да биде актерка, музичарка или нешто сосема трето, ќе ја поддржиме во секој случај. Најважно ни е да го пронајде она во кое ќе биде своја.
Јелена: Мислам дека досега од нашиот пример видела дека уметноста не е само професија. Тоа е прилично захтевен начин на живот. Затоа би сакала, доколку се одлучи за тој пат, одлуката навистина да биде нејзина.
Кога денес би можеле да им кажете нешто на Јелена и Иван од денот на нивната свадба, што би им кажале?
Јелена: Би им рекла да не заборават да се смеат. Ќе има различни денови, умор, обврски, несогласувања, но никогаш да не ја изгубат онаа леснотија и радост поради која воопшто се избрале.
Иван: Веројатно би им рекол да се чуваат еден со друг колку што можат.
Ако вашиот брак досега имаше саундтрак, која песна задолжително би била на него и со кој заеднички момент ја поврзувате (можеби првиот свадбен танц, предлогот за брак или раѓањето на Нина)?
Јелена: „Добро утро, љубов“? 😊 Шегата настрана, тешко е да се избере една песна за 15 години. Има песни што нè поврзуваат со почетокот на нашата врска, некои што нè враќаат на свадбата, а има и такви што се појавија многу подоцна.
Нашиот саундтрак не е една песна
Иван: Можеби токму тоа е најубавото – нашиот саундтрак не е една песна. Има различни фази, како и самиот живот. Некои песни беа важни кога бевме млади, некои кога станавме родители, а некои ни се важни денес.
Јелена: А ако баш мора една – би избрале некоја од приспивните песни кои заедно ѝ ги пеевме на Нина кога беше мала.
Публиката обожава да ве гледа заедно на сцена. Дали некогаш сериозно сте разговарале за заедничка песна или проект создаден специјално за вас двајца?
Јелена: Разговаравме, секако. Но, мислам дека и двајцата сме внимателни околу тоа да не правиме нешто само затоа што луѓето сакаат да нè гледаат заедно. Ако се појави вистинската песна или вистинскиот проект, кој има смисла за двајцата, ќе ни биде големо задоволство.
Иван: Постои една опасност кога сте сопружници и колеги – она што е приватно да стане дел од работата само затоа што ѝ е интересно на публиката. Ние сакаме да соработуваме, но важно ни е секоја заедничка работа да има своја причина и квалитет. Еве, овој концерт е токму таков пример и публиката веднаш го почувствува тоа.
И двајцата имате успешни кариери во различни уметнички области. Колку ви помага тоа што дома имате партнер кој целосно го разбира животот на еден уметник, со сите убави, но и предизвикувачки моменти кои ги носи професијата?
Јелена: Многу. Постојат работи што не мора ни да ги објаснувате. Кога ќе се вратите дома по претстава или концерт и сте имале тежок ден, другиот знае што значи тоа.
Убаво е кога дома имате некој кој ја разбира и вашата еуфорија и вашата тишина
Иван: А исто така знае и колку еден убав професионален момент може да ве понесе. Убаво е кога дома имате некој кој ја разбира и вашата еуфорија и вашата тишина.
По 15 години брак и бројни остварени професионални соништа, што следно посакувате да доживеете или остварите заедно?
Јелена: Повеќе време. Звучи едноставно, но мислам дека тоа денес е еден од најголемите луксузи. Време за семејството, за патувања, за некои наши мали ритуали.
Би сакал да продолжиме да се изненадуваме
Иван: И би сакал да продолжиме да се изненадуваме. Да не дојдеме во фаза во која сè знаеме еден за друг и повеќе ништо не откриваме.
Јелена: А професионално – би сакала да ни се случи нешто што досега не сме го работеле. Нова заедничка авантура, можеби претстава, концерт или проект кој би ги споил нашите светови.
Иван: Во суштина, сакаме уште живот заедно, а потоа и желбите сами ќе се појавуваат.
Со што Охрид досега најмногу ве има восхитено, а што сè уште стои на вашата охридска „листа на желби“?
Охрид има атмосфера која не може да се создаде со декорација
Јелена: Охрид секогаш одново ме освојува со своите природни убавини и со своето езеро. Има нешто речиси лековито во таа глетка. А особено ми е драго што овојпат ќе имаме можност да го доживееме на еден сосема посебен начин.
Иван: Мене ме воодушевува тој спој на историја, природа и луѓе. Охрид има атмосфера која не може да се создаде со декорација. Таа едноставно постои. И сигурен сум дека толку посебно свети затоа што е осветен со прекрасните светињи.
Јелена: А на листата на желби се повеќе прошетки, повеќе време покрај езерото, некој излет...
Иван: И еднаш да дојдеме во Охрид без распоред. Без „сега мораме таму, па потоа ваму“.
Јелена: Е, тоа веќе би бил вистински одмор. 😊