Наталија Димовска • Исидора Краљевска • Меланија Гоцевска
Три танчарки, три различни танцови дисциплини, три индивидуални уметнички изрази, но една заедничка сцена – кабарето на Голд Фелиција во Битола.
Наталија, Исидора и Меланија, секоја од вас доаѓа од различна танцова дисциплина – латино танци, современ танц и класичен балет. Што ве привлече токму кон вашиот танцов стил и колку тој денес го дефинира вашиот карактер, темперамент и уметнички идентитет?
Наталија: Она што првично ме привлече кон латино танците беше нивната разновидност и целиот гламур што ги опкружува – фустаните, чевлите, шминката, елеганцијата. Сè изгледа толку совршено, лесно и примамливо за око што едноставно е невозможно да останеш рамнодушен, а да не посакаш барем на еден ден да се почувствуваш моќно и самоуверено во сопствената кожа.
Но зад тој впечатлив, на прв поглед лесен и безгрижен изглед, се крие огромен труд, многу падови, напорна работа и несовршености. Мислам дека токму тој контраст до некаде го опишува и мојот карактер и мојот уметнички идентитет. За мене, најголемата убавина е кога ќе успееш сето тоа што си го вложил зад сцената да го претвориш во нешто што на публиката ќе ѝ изгледа природно, лесно и прекрасно.
Исидора: Современиот танц ме привлече затоа што ми дава слобода да се изразам преку секое движење, без тоа секогаш да има однапред зададена форма. Отсекогаш ме привлекувала можноста преку телото да раскажам нешто, да изразам различни состојби и движењето да го користам како начин на комуникација. Со текот на годините, танцот многу влијаеше и врз мојот карактер. Ме научи на дисциплина и посветеност, но истовремено и на слобода, самодоверба и прифаќање на сопственото тело. Денес го доживувам како дел од мојот идентитет и начин на кој се изразувам.
Меланија: Со оглед на тоа што од многу мала посетував часови по класичен балет повеќе би рекла дека мојата мајка го препознала мојот талент за танцување и ритам. Истовремено сакала да го скроти мојот темперамент па така одлучила да ме запише во Луј нижо балетско.
Не знаејќи и без тенденција токму тоа станува мој животен повик.
Латино танците се синоним за страст, енергија, ритам и комуникација со партнерот и публиката. Колку е важен темпераментот во овој танцов израз и како успеваш таа препознатлива латино енергија да ја пренесеш во кореографиите на кабарето Голд Фелиција?
Латино танците будат една поинаква верзија од мене
Наталија
Наталија: Според мене, латино танците будат една поинаква верзија од мене – верзија која може да помине низ најразлични емоции, зависно од танцот и приказната што ја раскажува. По природа сум емотивна личност и многу ми е важно како се чувствувам додека танцувам.
За мене е особено важна поврзаноста со секој танц, секој чекор и секое движење. Фасцинантна ми е можноста во рамките на една кореографија да менувам расположенија, чувства и енергии, а притоа секоја промена да има своја смисла. Можеби токму тоа е главниот двигател на моето тело и она што го прави мојот стил препознатлив.
Кога сум на сцена, не ми е доволно само јас да ја почувствувам музиката и емоцијата. Сакам да успеам да ги пренесам и на публиката, да ја почувствува секоја промена во енергијата и да стане дел од приказната што ја раскажувам преку движењето.
Современиот танц често ги надминува традиционалните правила на движењето и му дозволува на телото да раскажува приказни, да изразува емоции и да истражува нови форми. Што за тебе претставува слободата во танцот и како твоето образование и современиот танцов израз ти помагаат да создадеш автентичен сценски карактер?
Во кабарето не сум само танчар, туку и артист
Исидора
Исидора: За мене, слободата во танцот е можноста да го слушаш сопственото тело и да пронајдеш свој начин на изразување. Образованието во современ танц ме научи дека не е важна само техниката, туку и емоцијата, присуството и начинот на кој ја пренесуваш идејата до публиката. Секој танчар има свој начин на движење и свој карактер, а токму преку тоа можеме да создадеме автентично присуство на сцената. Тоа многу ми помага и во кабарето, каде што не треба да бидам само танчар, туку и артист и да изградам свој сценски карактер.
Класичниот балет е уметност изградена врз прецизна техника, дисциплина, елеганција и долгогодишна посветеност. Колку балетското образование влијае врз твојот пристап кон другите танцови жанрови и што претставува најголем предизвик кога класично обучена балерина ќе зачекори на динамичната кабаретска сцена?
Балетот ми е одлична база за секој друг жанр
Меланија
Меланија: Класичниот балет е основата за сè и само преку него мислам дека кој било танчар во која било друга дисциплина може да постигне максимални резултати.
Балетот се стреми кон максимална совршеност на телото, грациозност, елеганција, прецизна форма, техника. Па така и мене ми претставува една одлична база за секој друг жанр што го практикувам.
Мојот личен предизвик во однос на кабаретската сцена беше близината, интеракцијата со публиката која е потребна, самите костими кои за жал се сè уште стереотип или мета за осуда.
Па така, надминувањето на тие препреки беа опуштање за мене и сега само уживам на таа иста сцена, но во други бои.
Иако доаѓате од три различни танцови дисциплини, денес делите иста сцена, исти кореографии и заедничка сценска приказна. Колку е предизвик да се усогласат различните техники и танцови навики, и дали преку заедничката работа сте успеале да научите нешто една од друга?
Наталија: Искрено, тоа е голем предизвик, особено на почетокот, додека секоја од нас не научи како функционира другата, како го чувствува ритамот и на кој начин го користи своето тело во движењето.
Но, истовремено, сметам дека е и прекрасна можност различностите да се спојат на едно место и да создадат посебна синергија. На тој начин успеваме да го извлечеме најдоброто од секоја од нас, наместо да се обидуваме да ги направиме нашите стилови исти.
Со текот на времето научивме да ги препознаваме и цениме меѓусебните предности, а тоа многу ни ја олесни заедничката работа. Денес веќе имаме изградено одредена усогласеност и подобро се разбираме на сцената. Мислам дека токму тоа ни овозможува да создаваме кореографии во кои секоја од нас може да го задржи својот идентитет, а сепак да биде дел од една заедничка приказна.
Исидора: Секако дека на почетокот е предизвик кога доаѓаме од различни танцови дисциплини и имаме различни начини на движење. Но токму тоа ја прави нашата заедничка работа интересна. Секоја од нас носи различна енергија и пристап, па наместо да се обидуваме да ги избришеме тие разлики, ги користиме за да создадеме нешто заедничко. Мислам дека преку работата секоја од нас научи нешто од другите.
Меланија: Различностите на некој начин не натераа едни од други да учиме и да ги споделиме своите дисциплини. При креирање на кореографии ги споделуваме техниките и не го негираме непознатото па така мислам дека се збогативме сите со стилови и чекори.
Кабарето е специфична сценска форма во која танцот се испреплетува со актерската игра, музиката, костимот, сценскиот карактер и директната комуникација со публиката. Колку ангажманот во Голд Фелиција ве поттикна да излезете од рамките на вашето танцово образование и да откриете нови способности кај себе како сценски артисти?
Наталија: Она што можам да го издвојам е дека ангажманот во Голд Фелиција дефинитивно ми помогна да излезам од рамките што долго време ги почитував. Со самото тоа почнав да размислувам и да се движам многу послободно, а паралелно со тоа научив и многу повеќе за себе како танчарка.
Ова искуство ми ги прошири видиците и ги помести моите лични граници за тоа што е возможно, а што не. Во латино танците постојат одредени правила, техники, прецизни броења и чекори, додека во кабарето добивам можност да експериментирам, да го истражувам движењето и да му дозволам на телото да создаде нешто сосема поинакво од она на што сум навикната.
Мислам дека токму тука се крие убавината за еден танчар – да може да ја користи целата своја досегашна техника и искуство, но истовремено да има слобода да создава, истражува и изразува нешто ново, без однапред зададени рамки и ограничувања.
Исидора: Кабарето дефинитивно ме поттикна да излезам од рамките на она што го знаев и во кое се чувствував најсигурно. Овде танцот е само еден дел од целата сценска приказна – потребни се и актерска присутност, карактер, став и комуникација со публиката. Сето тоа ми овозможи да откријам нови страни од себе и да се почувствувам како целосен сценски артист, а не само како современ танчар.
Меланија: Дефинитивно излегов од сопствените рамки и ме промени за секогаш на подобро оваа сцена.
Како што веќе кажав од стрес да сум близу до контакт кој изнудува насмевка и уживање.
Исто така, растеретеност од силните стеги на техниката и формата од балетот за мене ова е вистинско безгрижно танцување.
Публиката го гледа финалниот резултат – гламурот, насмевките, синхронизираните движења и сценската енергија. Но зад секој настап стојат проби, физичка подготвеност, концентрација и тимска работа. Каква е атмосферата меѓу вас зад сцената, како се поддржувате и што е она што публиката не го гледа, а е неопходно за еден успешен кабаретски настап?
Наталија: Она што публиката не го гледа е огромната работа што стои зад секој настап – безброј проби, договори, кореографии што не успеале, промени, повторувања, но и многу смеа, забава и моменти што ќе останат за паметење.
Мислам дека понекогаш многу повеќе зборува она што се случува кога светлата на сцената се изгаснати, за време на пробите или непосредно пред настапот. Самото шоу е само конечниот производ на сета таа макотрпна работа, посветеност и заеднички вложен труд.
Сметам дека поддршката и помошта што си ги даваме една на друга се она што нè поврзува и нè прави повеќе од обичен ансамбл. Многу значи да знаеш дека покрај себе имаш некого кој ќе ти помогне, ќе те охрабри или едноставно ќе те расположи во моментите кога ти е потребно. Токму таа доверба, разбирање и меѓусебна поддршка се дел од магијата што подоцна публиката ја гледа на сцената.
Исидора: Зад гламурот на сцената има многу проби, физички напор, концентрација и тимска работа. Меѓу нас има голема поддршка, многу смеа и си помагаме една на друга, а мислам дека токму таа енергија зад сцената се пренесува и пред публиката.
Меланија: Нашата работа никогаш не застанува и после шоуто ние знаеме да си споделиме критика и совет, да зборуваме каде сме можеле подобро и слично.
Она што не го гледа публиката, а е од огромно значење за добро шоу, е нашата солидарност.
А што сакам со тоа да кажам хаха
Од повторување на некоја кореографија непосредно пред завесата, помош околу костим, шминка па дури и позајмување на чевла на некоја Пепелашка која го загубила во гардероба.
Една сцена, три уметнички идентитети. Ако треба со еден збор или едно чувство да го опишете она што секоја од вас го внесува на сцената на Голд Фелиција, што би избрале? И што е она што кабарето ви го дава како уметници, а можеби не би можеле да го искусите доколку останевте исклучиво во рамките на вашите матични танцови дисциплини?
Наталија: Магија.
Многу е тешко чувствата да се опишат со зборови. Секојпат кога ќе стапнам на сцената, пред мене се отвора еден нов свет во кој едноставно уживам во можноста да го правам она што го сакам и што ме прави среќна.
Сметам дека латино танците ми ја дадоа основата да бидам подготвена, прецизна и сигурна на сцена, како и да ја разберам важноста на комуникацијата со публиката. Токму таа основа ми овозможи денес да бидам послободна во изразувањето, да креирам и да споделувам дел од својата енергија и емоции со публиката.
Но, она што го добивам од кабарето, пред сè, е искуството и можноста да учам од секоја личност со која ја делам сцената. Научив уште повеќе да ги ценам и почитувам различностите – не само во танцот, туку и кај луѓето воопшто. Затоа што, според мене, најголемото богатство е токму во различностите, во можноста да научиме нешто едни од други и заедно да создадеме нешто што ниту еден од нас не би можел да го направи самостојно.
Исидора: Ако треба со еден збор да го опишам она што го внесувам на сцената, би избрала – автентичност. Сметам дека секој танчар носи свој личен печат и начин на изразување, а токму тоа ја прави секоја изведба различна. Кабарето ми овозможува да го надградам моето танцово искуство преку актерството, музиката, карактерот и комуникацијата со публиката. Ми дава простор да истражувам нови форми на сценски израз и да откривам нови аспекти од себе како артист.
Меланија: Чувство на живост и без резервно покажување на својата пасија на публиката која не посетува.
Ова е чувството што ми го разбуди оваа сцена, па така тоа е и одговор на последното прашање.
Три различни танцови стилови, три уникатни уметнички изрази и една заедничка љубов кон сцената. Наталија, Исидора и Меланија покажуваат дека токму различностите, сплотени преку посветеност, доверба и заедничка работа, ја создаваат вистинската магија на кабарето.