„Можеби нема да танцувам на нивните свадби, но танцував со нив на мојата“: Мајка со рак во четврт стадиум доби свадба од бајките во Њујорк
Елена Волкова и нејзиниот избраник Питер Наполитано ја имаа свадбата од соништата во Њујорк, благодарение на хуман инфлуенсер кој случајно го сретнале во супермаркет.
42-годишната мајка, која боледува од рак на дојка во четврт стадиум, се омажи за љубовта на својот живот на бајковита церемонија и тоа без да потроши ни долар.
Сè започнало сосема обично, за време на пазарување во еден супермаркет во Њујорк. Елена и нејзиниот свршеник биле пресретнати од Киген Гордон, инфлуенсер познат по видеа со добри дела.
Тој им понудил 500 долари или можност бесплатно да ја наполнат количката со намирници. Питер ги избрал парите, а во разговорот му открил дека неодамна ја изгубил работата, дека семејството се соочува со финансиски потешкотии и дека најголемата желба му е конечно да се ожени со Елена, која боледува од тешка форма на рак.
Кога ја слушнал нивната приказна, Киген решил да направи нешто многу поголемо од првичната донација. Им ветил дека ќе се обиде да им организира свадба за само две недели.
Иако Елена во почетокот не верувала дека нешто толку големо може да се реализира за толку кратко време, во себе се надевала дека нејзината желба ќе стане реалност.
Киген се здружил со непрофитната организација „Wish Upon a Wedding“, која им помага на парови со неизлечливи заболувања или сериозни здравствени предизвици да ги остварат своите свадбени желби. На нивниот повик се одзвиле повеќе од 30 компании и професионалци, кои ги донирале своите услуги – од венчаницата и костумот, преку венчалните прстени и цвеќето, до тортата, фотографирањето и медениот месец.
На 1 ноември, Елена и Питер конечно застанаа пред олтарот на свечена церемонија во Њујорк, во присуство на 50-тина блиски личности. Нејзините два сина, Теодор (12) и Габриел (10), од претходниот брак, ја придружувале до олтарот.
Свадбената прослава се одржала на локација со прекрасен поглед кон познатата катедрала „Свети Патрик“, а една недела претходно, Питер повторно ја побарал Елена за сопруга на врвот на Рокфелер центарот.
„Киген ги собра најдобрите од најдобрите професионалци и заедно успеаја да ни приредат свадба како од бајките. Се чувствував толку сакано, видено, слушнато и поддржано“ - раскажала Елена за списанието PEOPLE.
Но, зад прекрасните фотографии и насмевки се крие и една особено трогателна страна на приказната. Елена е свесна дека можеби нема да доживее еден ден да ги гледа своите синови како стапуваат во брак. Токму затоа, можноста да танцува со нив на сопствената свадба за неа имала посебно значење.
„Можеби нема да танцувам на нивните свадби, но Киген, организацијата и сите прекрасни луѓе се погрижија да можам да танцувам со нив на мојата“ - споделила таа.
Борбата на Елена со болеста започнала во 2021 година, кога почувствувала силни болки во грбот и 'рбетот. Во март 2022 година, додека била бремена, состојбата драстично ѝ се влошила, по што била хоспитализирана. Лекарските испитувања откриле два скршени пршлени и бројни тумори на црниот дроб. Набргу ѝ бил дијагностициран рак на дојка во четврт стадиум, а таа и Питер, за жал, го загубиле и бебето што го очекувале.
Денес болеста е стабилна благодарение на терапијата, но неизвесноста и понатаму е дел од нивното секојдневие. Лекарите состојбата ја опишуваат како „заспана“, но Елена знае дека болеста може повторно да напредува.
Во најтешките моменти, Питер останал покрај неа и станал нејзина најголема поддршка. Таа вели дека никогаш не очекувала дека некој ќе избере да помине низ толку тешко искуство заедно со неа, но тој не само што останал, туку двапати ѝ ја покажал својата љубов со запросување.
„Тој е мојата најголема поддршка. Благодарна сум што сум госпоѓа Наполитано и што токму мене ме избра“ - вели Елена.
„Во рок од две недели, доживеав искуство како принцеза. Ова ме научи дека добрината е како бумеранг – кога ја испраќаш во светот, таа може да ти се врати и да те благослови десеткратно“ - дополнила Елена.