„Најтешки се моментите кога животно е болно или кога треба да се разделиш“: Зера, жената која подарува мајчинска љубов во ЗОО Скопје
„Секогаш се трудам да бидам професионална, но кога работиш со толку ранливи суштества, невозможно е да не се врзеш. Тоа е постојана борба помеѓу разумот и срцето“ – со овие зборови Зера Бекировска ја опишува својата професија како негувателка во Зоолошката градина во Скопје, каде работи повеќе од 15 години. Но, таа не е само негувателка. За многумина од жителите таму, Зера е единствениот родител за кој знаат.
Нејзината последна и можеби најемотивна мисија е мајмунчето Мики. Отфрлен од својата биолошка мајка веднаш по раѓањето, Мики својата прва прегратка и сигурност ја пронајде токму во рацете на Зера. Пред него, низ нејзините грижливи раце поминаа уште три други мајмунчиња, на кои им беше потребна истата мајчинска жртва – хранење во текот на целата ноќ, постојано внимание и бескрајна љубов.
Колку многу емпатија бара оваа професија, а колку таа понекогаш недостига кај посетителите, покажа и неодамнешниот немил настан на роденденот на Мики. Додека тој ја славеше својата прва година, несовесни поединци украдоа дел од неговите подароци – чин што ја разочара јавноста, но воопшто не ја поколеба Зера во нејзината хумана мисија.
„Животните не се атракција, туку живи суштества кои чувствуваат“ – јасна е Зера.
За Фемина, посветената жена зборува за одговорноста да се одгледа живо суштество, за посебната поврзаност со животните и за тоа што навистина значи да се биде зоо-негувател во свет каде што емпатијата е најпотребниот лек.
Зера, зад вас стои една исклучително емотивна приказна. Што ве привлече кон работата како негувателка во Зоолошка градина Скопје и кога ја почувствувавте таа длабока љубов кон животните?
Отсекогаш сум чувствувала посебна поврзаност со животните
Љубовта кон животните ја носам во себе уште од дете. Отсекогаш сум чувствувала посебна поврзаност со нив, како да се разбираме без зборови. Работата во зоолошка не беше само избор, туку повик – нешто што едноставно знаев дека треба да го правам. Со текот на времето, таа љубов само растеше и се продлабочуваше.
Како изгледа еден ваш типичен работен ден, од моментот кога влегувате во зоолошката, па сè до крајот на смената?
Мојот ден започнува рано, со проверка на животните – дали се здрави, како се чувствуваат. Потоа следи хранење, чистење и грижа за нивната околина. Но, најважниот дел е времето поминато со нив – набљудувањето, играта, грижата и вниманието. Секој ден е различен, но секогаш исполнет со одговорност и љубов.
Оваа работа бара повеќе од физичка грижа. Дали емоционалната поврзаност со животните е и благослов и товар во исто време?
И двете – благослов и товар. Благослов е затоа што создаваш вистинска врска со животните, ја чувствуваш нивната љубов и доверба. Но, истовремено е и товар, затоа што ги доживуваш нивните болки, стравови и загуби многу лично. Тоа не е само работа – тоа е живот.
Приказната за мајмунчето Мики ја трогна јавноста. Како започна вашата врска со него и што беше најпредизвикувачко во тие први денови?
Мики дојде во мојот живот во многу чувствителен момент – мал, ранлив и без мајка. Од првиот ден почувствував дека има потреба од нешто повеќе од грижа – љубов, топлина и сигурност. Најтешко беше во почетокот, затоа што епилептичните напади беа многу чести, но во мојот скут, со моето постојано реагирање и внимание, ние со Мики успеавме. Токму тогаш се создаде и нашата врска.
Мики неодамна го прослави својот прв роденден. Како го доживеавте тој момент, имајќи предвид низ што сè поминавте заедно?
Тоа беше многу емотивен момент за мене. Се потсетив низ сè поминавме заедно – од борба за преживување до радост и игра. Роденденот не беше само прослава, туку доказ дека љубовта и грижата можат да направат чудо.
Како реагиравте на ситуацијата кога му беа украдени подароците. Дали ваквите постапки ве разочаруваат и што зборуваат за свеста на дел од посетителите?
Животните не се атракција, туку живи суштества
Искрено бев разочарана. Не поради самите подароци, туку поради тоа што покажува недостиг на свест и почит. Животните не се атракција, туку живи суштества кои чувствуваат. Се надевам дека ваквите ситуации ќе поттикнат поголема одговорност кај луѓето.
Што значи да се биде „сурогат мајка“ на едно мајмунче? Колку тоа ве менува како човек и колку ве врзува за животното?
Тоа значи да бидеш дел од себе – време, грижа, љубов, трпение. Те менува како човек, те прави почувствителен и поодговорен. И создава силна врска која трае цел живот.
Ова не ви е прво искуство, сте ги израснале Лука, Дино и Делфина. Дали секое животно носи своја приказна и дали постои „омилено“ или сите се еднакво ваши?
Апсолутно. Лука, Дино, Делфина – секој од нив има свое место во моето срце. Не постои омилено, затоа што секое животно е посебно на свој начин и остава различна, но подеднакво силна трага.
Колку е тешко да се постави граница меѓу професионалноста и емоциите, особено кога станува збор за толку ранливи суштества?
Многу тешко. Секогаш се трудам да бидам професионална, но кога работиш со толку ранливи суштества, невозможно е да не се врзеш. Тоа е постојана борба помеѓу разумот и срцето.
Кој е најтежок момент во вашата работа, дали тоа се разделбите, болестите или нешто сосема друго?
Најтешки се моментите кога животно е болно или кога треба да се разделиш. Тоа се моменти кои оставаат трага и не се забораваат лесно.
А што е најубавото нешто што ви го носи оваа професија, како моментот кога ќе видите дека едно спасено животно повторно заживеало?
Да видиш како едно мало, ранливо суштество повторно заживува – да игра, да верува, да сака – тоа чувство е нешто што не може да се опише со зборови.
Каква е вашата перцепција за свеста на посетителите, дали луѓето доволно ја разбираат одговорноста и чувствителноста на животните во зоолошка?
Има луѓе кои навистина разбираат и покажуваат почит, но за жал, има и такви кои не се доволно свесни. Потребно е повеќе едукација и разбирање дека животните не се тука за забава, туку заслужуваат грижа, достоинство и љубов.
Кога ќе ја оставите униформата – која е Зера приватно? Што ве исполнува надвор од зоолошката и како се „исклучувате“ од оваа интензивна работа?
Надвор од зоолошката, јас сум едноставна личност која сака мир, семејство и блиски луѓе. Се обидувам да најдам баланс, иако оваа работа често останува со мене и дома. Љубовта е голема.
Ако имате можност да промените нешто во Зоолошка градина Скопје, што би било тоа и каква зоолошка би сакале да видите во иднина?
Би сакала уште подобри услови за животните, за да се чувствуваат што е можно подобро.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk