„Најчестиот симптом годинава е висока фебрилност која трае дури и неколку денови“: Д-р Драгана Емел Маркоска за актуелниот бран на грип
Во период кога сезонскиот грип ја зафати целата земја, а одделенијата за детски респираторни заболувања, меѓу кои и Клиниката „Козле“ во Скопје, се соочуваат со зголемен број на хоспитализации, најпогодени се најмладите. Родителите се соочуваат со страв, дилеми и многу прашања – што е нормално, кога да се чека, а кога веднаш да се побара лекарска помош.
За актуелната состојба, симптомите, долгата температура, улогата на антибиотиците и тоа како правилно да се грижиме за децата во екот на оваа сезона, разговараме со д-р Драгана Емел Маркоска, матичен педијатар во „Јуниор Мед“ во Скопје. Со повеќе од 15 години лекарско искуство и над осум години посветена работа со деца, д-р Емел Маркоска важи за една од омилените докторки меѓу најмладите – препознатлива по својата стручност, смирен пристап и позитивна енергија што им влева сигурност и на децата и на родителите.
За Фемина, таа дава јасни и практични одговори на најчестите прашања со кои секојдневно се соочуваат семејствата во овој период.
Д-р Драгана, каква е моменталната состојба со грипот кај децата? Дали оваа сезона е потешка од претходните и кои возрасни групи се најпогодени?
Оваа сезона е различна од претходните по тоа што имаме различни типови на клиничка слика и различни типови на грип. Најчесто е тип А, но сепак има и подтипови од истиот кои имаат различна клиничка слика. Исто така, погодени се и доенчињата каде што секогаш клиничката слика е потешка од кај повозрасните дечиња.
Кои вируси доминираат во моментов?
Најчесто е инфлуенца тип А, но за жал, се зголемува и бројот на заболени од Респираторен Синцицијален Вирус, а има и други респираторни вируси.
Кои се најчестите симптоми на грип кај децата и кои знаци родителите не смеат да ги игнорираат?
Најчестиот симптом оваа година е висока фебрилност која трае дури и неколку денови, но ги има и другите симптоми кои се неспецифични, а сепак присутни за респираторните вируси.
Кога е „нормално“ детето да се лекува дома, а кога е неопходно итно јавување кај педијатар?
Нормално, секогаш кога детето ќе добие температура, не се трча веднаш на лекар. Се обидуваме со домашни помошни средства и антипиретици да ја намалиме температурата, се хидрира детето и се следи. Доколку од самиот старт има тешко дишење, голема вознемиреност, голема поспаност, кашлица без престан или станува збор за бебе до 3-месечна возраст, се упатуваме веднаш на педијатар.
Многу родители се загрижуваат поради долгата температура. Зошто кај грипот таа може да трае и до 7–10 дена и кога тоа веќе станува алармантно?
Оваа сезона на грип е одбележана со долга висока фебрилност, може така да се каже. Ако температурата е постојано над 39 степени и се влошува општата состојба на детето, треба да се јавиме порано на педијатар, инаку најчесто треба да се чека 3-4 дена, па дури потоа се оди во амбуланта.
Зошто антибиотиците не се решение за грип и кои се последиците од нивна несоодветна употреба кај децата?
Антибиотиците се лекови кои се даваат за борба со бактериски инфекции. Доколку немаме знаци за секундарна бактериска инфекција, нема потреба од антибиотик. Доколку се употребуваат непотребно, дополнително ќе го намалат имуниот одговор на организмот и нема да ни помогнат во борбата со грипот.
Во кои ситуации, ако воопшто, може да се појави потреба од антибиотска терапија?
Само доколку се појават знаци на секундарна бактериска инфекција.
Што е најважно родителите да прават дома за да му помогнат на детето полесно да го преброди грипот? Кои домашни мерки или природни средства можат да помогнат, а кои се митови и можат да бидат штетни?
Сите природни средства, како разладување, поење со течности, давање овошје и овошни сокови, може да му помогнат на детето. Но, од митовите, она што може да наштети е прегрејување на детето за да се испоти, а и мачкање на кожата со средства да стимилираат потење, може да ја влоши состојбата.
Дали градинките и училиштата значително придонесуваат за ширење на грипот и дали тие треба почесто да воведуваат превентивни мерки?
Колективните установи секогаш се дел од ланецот на ширење на грипот. Превентивните мерки треба да се применуваат постојано, а не само во сезона на грип. Секогаш ако ги применуваме мерките за заштита од настинки и респираторни инфекти, ќе се намалат бројките на заболени.
Кога детето е безбедно да се врати во градинка или училиште без ризик да зарази други?
После овој грип е различно времето на опоравување и времето за враќање на старите рутини. А не е заразно детето два до три дена од кога ќе биде без фебрилност подолга од 24 часа.
Како да се зголеми имунитетот по ова вирусно заболување?
Со чист воздух, правилна и здрава храна, витамино терапија.
Која е вашата најважна порака до родителите во екот на сезоната на грип?
Почитувајте ги превентините мерки за заштита, избегнувајте ги затворените простори, користете го свежиот и чист воздух и соодветна витамино терапија.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk