• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Актуелно

„На крајот од секоја акција се чувствуваме исполнето“: Мрежа хуманитарци 25 години менува судбини во Македонија

3 јуни 2026, 11:33
  • cподели
Хуманитарни акции

Кога животот ќе го покаже лицето на суровоста, а надежта изгледа далечна, има луѓе кои нè потсетуваат дека никој не смее да биде оставен сам. Веќе 25 години платформата „Хуманитарни акции.мк“ е сигурно прибежиште и силна прегратка за сите на кои им е потребна.

Зад „мрежата на добрина“ стојат стотици херои од нашето секојдневие, волонтери, активисти и донатори, кои својата душа ја преточуваат во дела. За нив, хуманоста е вистинска животна мисија.
Владимир Преспански Чолаковски, еден од главни двигатели на хуманите иницијативи, нè води низ една поразлична приказна. Приказна за неизмерната моќ на солидарноста, за испружената рака во темнината и за непоколебливата верба дека љубовта и добрината секогаш победуваат.

Сѐ започнало многу одамна, уште во времето кога немало социјални мрежи и кога помошта се организирала „од човек до човек“. Владимир раскажува дека идејата произлегла од неговото семејство и неговите родители доктори, кои биле трета генерација хуманитарци. Нивниот пример, заедно со енергијата на младите ентузијасти и организатори на настани со кои се дружел, довеле до создавање на првите независни хуманитарни акции.

Хуманитарни акции

„Започнавме со собирање и донирање храна, облека и лекови за социјално најзагрозените граѓани кои ги познававме. Подоцна, со појавата на Фејсбук, нашите активности почнаа уште повеќе да се шират“ – вели тој.

Така се родиле десетици проекти, а меѓу првите и најзначајни е кампањата „Храна за сите“. Денес зад нив стојат дури 37 различни проекти, меѓу кои и најновиот „Играчка за играчка/Донираме играчки“.

Она што ги одржува сите овие години, вели Владимир, е поддршката од луѓето. Пријателите, фирмите, сограѓаните, но и волонтерите кои без двоумење се појавуваат кога ќе се случат поплави, пожари или земјотреси. За нив хуманитарната работа не е товар, туку чувство на исполнетост.

„Дополнително, бидејќи повеќето сме и со спортски дух, интелектуалци и дружељубиви карактери, сите овие активности ни се и дружба со крајна цел помош на нашите сограѓани. Едноставно го гледаме ова како позитивно искористено време и со секоја наша акција каде треба физички напор и труд, ние на крајот на настанот или на дневната акција, се чувствуваме исполнето затоа што сме помогнале некому“ – раскажува тој.

Хуманитарни акции
Хуманитарни акции

Низ годините создале вистинска мрежа на луѓе кои сакаат да помогнат. Секој кој сака да се вклучи може да ги пронајде преку нивните групи на Фејсбук, каде постојат различни тимови: за вработување, здравствена солидарност, донации на облека, играчки, ресоцијализација и многу други активности. Исто така, повеќе информации може да се најдат на нивниот сајт: humanitarniakcii.mk

Особено се горди бидејќи зад организацијата стојат илјадници компании од приватниот сектор, кои несебично помагаат и ги поддржуваат. Според Владимир, токму обединувањето е клучот за успехот.

Кога станува збор за хуманоста кај Македонците, тој смета дека свеста е на високо ниво. И покрај, како што вели, критиките и нападите од одредени поединци и организации, луѓето во Македонија знаат да покажат солидарност кога е најпотребно.

„Свеста тука кај нас Македонците е многу поголема од соседните држави, иако има многу пропартиски и прорелигиозни организации и 'хејтери' по медиумите, кои едноставно сакаат индивидуална популаризација и деградирање на независните организации како нашата. Ние во нашата коалиција и организација сме против индивидуализам и самопромовирање, бидејќи се коси со добробитноста. Затоа и не соработуваме со такви карактери и инфлуенсери, или соработката ни била на даден краток период. Имаме и развиена соработка со многу организации во Европа и со нашата дијаспора со кои што преземаме искуства за брза ресоцијализација, брза акција и одговор на случај за што многу ни помагаат локалните координатори од сите проекти, карго компаниите и нашиот тим од хуманитарни транспортери“ – нагласува Владимир.

Токму зборот „добробитност“ е еден од термините кои ги создале во организацијата, нивен македонски израз за емпатија и хуманизам. А мотото кое ги води веќе 25 години е: „Заедно сме посилни“.

Во текот на годините, помогнале на огромен број семејства со храна, лекови, покуќнина, облека, компјутерска опрема, па дури и со реновирање на домови. Владимир со благодарност зборува и за поддршката од општините и граѓаните кои помагаат со транспорт и логистика, особено во најтешките моменти по пожари или поплави.

Но, меѓу сите проекти, посебно место имаат оние посветени на младите и децата. Проектот „Матурантски донации“ веќе влегува во својата 18-та година и станува пример кој го препознаваат и организации од Европа. Целта е секој матурант да може достоинствено да го прослави својот важен ден.

Хуманитарни акции

„Само во 2020 година мислам дека не дониравме поради короната, но затоа пак таа година дадовме многу компјутерска опрема за учениците. Од сите години најуспешна е 2025 година, кога се проширивме низ скоро цела Македонија со тимови. Оваа година за пофалба е тимот во СУГС Лазар Танев- Скопје, дополнително Охрид, Велес, Кратово. Следната година Куманово ни е приоритет и испративме допис до многу училишта во кумановско. Донациите се спремни. Овој проект е многу пати наградуван и многу организации од цела Европа се заинтересирани да го инкорпорираат. И се надеваме дека секое училиште ќе ни се придружи и ќе стане овој проект и традиција која ќе се всади во македонскиот менталитет и ќе се случи размена на донациите помеѓу локалните тимови“ – вели Преспански Чолаковски.

Одлично поминала и последната акција за собирање играчки, која кај децата треба да поттикне емпатија, но и да ги зближи родителите, наставниците и најмладите.

„Настанот помина одлично, заинтересирани се повеќе градинки за организирање на ваков собир, така што веќе ги собираме нашите донации со коишто ќе настапиме како поддршка“ – открива Владимир.

Хуманитарни акции

Сепак, зад сите успеси стојат и предизвици.

„За жал, оваа година привремено го прекинуваме проектот 'Сигурна куќа - Safe house' поради повеќе причини. Се надеваме дека во иднина ако некој сограѓанин од дијаспората ни предаде куќа, ќе можеме да собереме финансии и тим да направиме сигурна куќа за жртвите на семејно насилство, каде би имале привремена ресоцијализација и ние преку сите наши тимови и проекти ќе ги вратиме повторно на прав нормален правец во животот“ – вели тој.

Во наредниот период, организацијата ќе продолжи со летната хуманитарна кампања, а дел од активностите ќе бидат насочени кон помош за децата настрадани во трагедијата во Кочани. Во соработка со активисти од Македонија и нивната координаторка и млада хуманитарка од Велика Британија, Паулина Маказлиева, ќе се донираат медицински средства и лекови, а ќе се организираат и нови настани во рамки на кампањата „Храна за сите“.

Паулина Маказлиева

Иако имаат многу нови идеи, нивен приоритет останува проширувањето на тимовите и развивањето на проектите низ Куманово, а потоа и низ цела Македонија.

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk
 

Tags
Владимир Преспански Чолаковски
Хуманитарни акции.мк

Најнови

  • ВИДЕО: Тамара Тодевска вистинска музичка дива во спотот за новата песна „Drama Queen“

    Wed, 06/03/2026 - 12:07
  • Хуманитарни акции

    „На крајот од секоја акција се чувствуваме исполнето“: Мрежа хуманитарци 25 години менува судбини во Македонија

    Wed, 06/03/2026 - 11:33
  • „Славиме човек кој помогна да се родат генерации деца“: Тимот на „Плодност“ со изненадување за 71-виот роденден на д-р Таше Трпчевски

    Wed, 06/03/2026 - 11:01
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.