„Морбилите не се безопасна детска болест, да не чекаме епидемија за вакцинација“: Д-р Елена Манолева Николовска за малите сипаници и МРП вакцината
По потврдените пет случаи на морбили во Македонија и предупредувањата за зголемен ризик од ширење на заразата, прашањето за навремената вакцинација повторно е во фокусот. И додека здравствените власти апелираат за повисок опфат со имунизација, многу родители сè уште се соочуваат со дилеми, стравови и недоверба кога станува збор за МРП вакцината.
Дали обична настинка е причина да се одложи вакцинацијата? Кога навистина постои медицинска оправданост за поместување на терминот? Зошто морбилите не се безопасна детска болест што треба да се прележи и какви последици може да остават врз здравјето на најмалите?
За овие прашања, но и за најчестите заблуди со кои се соочува во својата секојдневна пракса, разговараме со д-р Елена Манолева Николовска, педијатар со долгогодишно искуство, која за Фемина, посочува дека превенцијата е најважниот чекор во заштитата на детското здравје.
Нејзината порака до родителите е јасна: не треба да чекаат да се појави епидемија за да размислуваат за вакцинација.
Кога е вистинското време детето да ја прими МРП вакцината и зошто е важно родителите да се придржуваат до предвидениот календар за имунизација? Дали постои причина да се вакцинира порано од предвидениот термин во услови на зголемен ризик од појава на епидемија?
Морбилите можат да предизвикаат сериозни компликации, како пневмонија, воспаление на мозокот
МРП вакцината е една од најважните вакцини во детската возраст, бидејќи обезбедува заштита од три заразни заболувања – морбили, рубеола и заушки (паротит).
Според националниот календар за имунизација, првата доза се прима на 12-месечна возраст, а втората на 6-годишна возраст. Почитувањето на овој календар е од особено значење, бидејќи целта е детето да стекне имунитет навреме, пред да дојде во контакт со причинителот на болеста.
Морбилите се едно од најзаразните вирусни заболувања и можат да предизвикаат сериозни компликации, како пневмонија, воспаление на мозокот и други тешки здравствени последици. Затоа, не смееме да ја потценуваме важноста на навремената вакцинација.
Во услови на зголемен епидемиолошки ризик, може да се препорача и порано вакцинирање на одредени возрасни групи, вклучително и на доенчиња од 6 до 11 месеци. Оваа рана доза претставува дополнителна мерка за заштита и не ги заменува двете редовни дози по навршување на 12-месечна возраст.
Би сакала да споделам и едно лично искуство од мојата клиничка пракса за време на епидемијата со морбили во 2018 година. Тогаш имав неколку деца на возраст од 8 до 12 месеци кои, поради потребата од посетување градинка и зголемениот епидемиолошки ризик, примија рана доза МРП вакцина, а потоа и редовна доза по навршувањето на 12 месеци, согласно тогашните епидемиолошки препораки и индивидуалната проценка. Кај овие деца не беа забележани несакани реакции ниту непосредно по вакцинацијата, ниту во подоцнежниот период, а нивниот психомоторен развој е уреден.
Во истиот период имав и две деца кои прележаа морбили. По оздравувањето, поради потребата од заштита од преостанатите две заболувања опфатени со МРП вакцината – рубеола и паротит, тие дополнително ја примија вакцината, по соодветна лекарска проценка. И кај нив не беа забележани несакани реакции или отстапувања во понатамошниот психомоторен развој.
Секако, ова се мои лични клинички согледувања од конкретни случаи, а безбедноста и ефикасноста на вакцината се поткрепени со многу пошироки научни истражувања и долгогодишно следење.
Мојата порака до родителите е да не ја одложуваат вакцинацијата, да го проверат вакциналниот статус на своите деца и навреме да ги надоместат пропуштените дози. Со вакцинацијата не го штитиме само сопственото дете, туку и најранливите членови на заедницата, особено доенчињата кои сè уште се премали за редовна вакцинација.
Сè почесто слушаме дека родителите од различни причини ја одложуваат вакцинацијата на своите деца. Кои се најчестите причини и стравови со кои се соочувате во вашата ординација? Дали станува збор за недоверба, страв од несакани реакции или влијание на информации од социјалните мрежи?
Не е утврдена причинско-последична поврзаност меѓу вакцинацијата и аутизмот
Во мојата секојдневна пракса се среќавам со различни ставови и дилеми кај родителите во однос на вакцинацијата. Сметам дека најчесто не станува збор за целосно одбивање на вакцинацијата, туку за страв, несигурност и одложување поради недоволна информираност.
Најчестиот страв со кој се соочувам е стравот од несакани реакции по примањето на вакцината. Родителите се загрижени дали вакцината може да предизвика покачена температура, осип или некакви подоцнежни здравствени последици. Особено кај МРП вакцината, сè уште постојат неоправдани стравови за нејзина наводна поврзаност со аутизмот.
Морам јасно да нагласам дека голем број научни истражувања, вклучително и најновите анализи на Светската здравствена организација, не утврдуваат причинско-последична поврзаност меѓу вакцинацијата и аутизмот. Оваа тема е научно испитувана во текот на повеќе децении и доказите се јасни.
Друг значаен фактор е влијанието на социјалните мрежи и интернетот. Денес родителите имаат пристап до огромна количина информации, но за жал, не сите се точни и научно поткрепени. Често се споделуваат поединечни лични искуства кои се претставуваат како медицински докази, без да се земат предвид научните истражувања и пошироката слика.
Постои и одредена недоверба кон здравствените институции и фармацевтската индустрија, како и погрешно уверување дека е подобро детето природно да ја прележи болеста и на тој начин да стекне имунитет. Меѓутоа, треба да се има предвид дека природното прележување на морбили носи ризик од сериозни компликации, додека вакцинацијата овозможува стекнување заштита без детето да мора да ја помине болеста.
Сметам дека наша обврска како педијатри не е само да препорачаме вакцинација, туку пред сè да разговараме со родителите, да ги сослушаме нивните стравови, да одговориме на сите прашања и да им понудиме проверени медицински информации. Не треба да ги осудуваме родителите поради нивните дилеми, туку да ја изградиме нивната доверба преку знаење, искуство и аргументи.
На крајот, би потенцирала дека одлуката за вакцинација не треба да се темели на стравови и непроверени информации од социјалните мрежи, туку на научни докази и препораки од здравствените работници.
Кога навистина постои медицинска оправданост за одложување на МРП вакцината? Кои здравствени состојби се причина за привремено одложување и дали обична настинка, течење на носот или лесно покачена температура се доволна причина да се помести терминот?
Вакцинацијата треба да се одложува само кога за тоа постои вистинска медицинска оправданост, а не од претпазливост
МРП вакцината е жива атенуирана вакцина и, како и кај секоја вакцина, постојат одредени медицински состојби кога е потребно привремено одложување или посебна проценка пред нејзиното примање.
Пред сè, вакцинацијата се одложува кај деца со умерена или тешка акутна болест, кај деца со сериозни нарушувања на имунолошкиот систем, одредени вродени или стекнати имунодефициенции, како и кај деца кои примаат имуносупресивна терапија. Контраиндикација претставува и претходна тешка алергиска реакција на вакцината или на некоја нејзина компонента. Исто така, кај деца кои неодамна примиле одредени крвни продукти или имуноглобулини, потребно е да се почитува соодветен временски интервал.
Според препораките и упатствата на производителите на вакцините, обична настинка, течење на носот, лесна кашлица или лесно покачена температура, доколку детето е во добра општа состојба, не претставуваат контраиндикација за примање МРП вакцина.
Сепак, во секојдневната педијатриска пракса, при вакви состојби пристапуваме со дополнителна претпазливост и индивидуална проценка на секое дете. Доколку процениме дека е потребно, вакцинацијата може да се одложи за краток временски период, додека не се смират симптомите, по што продолжуваме со имунизацијата.
Мојата порака е дека вакцинацијата треба да се одложува само кога за тоа постои вистинска медицинска оправданост, а не од претпазливост која нема научна основа. Особено во услови на појава на морбили, секое непотребно одложување значи продолжување на периодот во кој детето останува незаштитено од ова сериозно заразно заболување.
Какви последици може да има одложувањето на вакцинацијата, не само за самото дете туку и за пошироката заедница? Колку е опасно детето подолго време да остане незаштитено и дали со тоа се зголемува ризикот од ширење на заразата?
Морбилите се исклучително заразни, 9 од 10 невакцинирани лица кои се во близок контакт со заболено лице може да се заразат
Одложувањето на вакцинацијата може да има последици и за самото дете и за пошироката заедница.
Кога родителите ја одложуваат МРП вакцинацијата без медицинска оправданост, детето подолго време останува незаштитено и подложно на инфекција. Тоа е особено значајно кај морбилите, кои се едно од најзаразните вирусни заболувања.
Не треба да заборавиме дека морбилите не се безопасна детска болест. Тие можат да предизвикаат сериозни компликации, како пневмонија, воспаление на мозокот, а во одредени случаи и смртен исход. Дополнително, по прележувањето на морбили може да дојде до нарушување на имунолошката меморија, односно до таканаречена имунолошка амнезија, што ја намалува претходно стекнатата заштита од одредени други инфекции.
Од друга страна, одложувањето на вакцинацијата има и пошироки последици. Колку повеќе невакцинирани деца имаме во една заедница, толку е поголем бројот на лица подложни на инфекција, а со тоа се зголемува и можноста за ширење на вирусот и појава на епидемија.
Морбилите се исклучително заразни. Според податоците на CDC, 9 од 10 невакцинирани лица кои се во близок контакт со заболено лице може да се заразат.
Посебно сакам да ја истакнам важноста на колективниот имунитет. За да се спречи одржливо ширење на морбилите, потребен е опфат од најмалку 95% со две дози вакцина. Тоа не е случајна бројка, туку јавно-здравствена цел заснована на високата заразност на вирусот.
Со постигнување висок опфат не ги штитиме само вакцинираните деца, туку и оние кои сè уште се премали за вакцинација, како и децата и лицата со сериозни нарушувања на имунитетот кои не можат да ја примат вакцината.
Затоа, мојата порака до родителите е дека вакцинацијата не е само лична одлука што се однесува на нивното дете, туку и чин на одговорност кон целата заедница. Со навремена вакцинација го штитиме сопственото дете, но истовремено помагаме да се спречи ширењето на една сериозна заразна болест.
Кои се првите симптоми на морбили и како родителите можат да ги препознаат? Како се развива болеста, колку трае инкубацијата и во кој момент е неопходно детето да добие лекарска помош?
При појава на висока температура, кашлица, течење на носот и црвенило на очите, особено ако детето не е вакцинирано, да се консултира педијатар
Морбилите обично започнуваат со симптоми кои во почетокот можат да личат на обична вирусна инфекција. Најчесто првите симптоми се висока температура, која може да достигне и 39–40 степени, течење на носот, сува кашлица, црвенило и солзење на очите, односно конјунктивитис, како и општа малаксаност и намален апетит.
Првите симптоми најчесто се јавуваат 10–12 дена по заразувањето. Карактеристичниот кожен осип обично се појавува околу 14 дена по контактот со вирусот, односно најчесто 3–5 дена по почетокот на првите симптоми.
Многу е важно да се знае дека детето е заразно и пред појавата на осипот, односно околу четири дена пред и четири дена по неговата појава. Токму затоа морбилите се шират многу брзо и лесно, бидејќи инфекцијата може да се пренесе и пред да се препознае карактеристичната клиничка слика.
Осипот најпрво се појавува на лицето и зад ушите, а потоа постепено се шири кон вратот, трупот, рацете и нозете. Во периодот на појава на осипот, температурата може дополнително да се покачи. Осипот обично трае околу 4–8 дена, по што постепено се повлекува.
Мојата препорака до родителите е при појава на висока температура, кашлица, течење на носот и црвенило на очите, особено ако детето не е вакцинирано или имало контакт со заболено лице, веднаш да се консултираат со педијатар.
Доколку постои сомневање за морбили, многу е важно родителите прво телефонски да ја известат ординацијата, а не директно да дојдат во чекалната, за да се спречи изложување на други деца и пациенти.
Доколку болеста е дополнително придружена со отежнато дишење, дехидратација, изразена поспаност, нарушена свесност или значително влошување на општата состојба, неопходна е итна медицинска помош.
Сакам да нагласам дека морбилите не треба да се сфаќаат како обичен осип проследен со температура. Станува збор за сериозно заразно заболување кое може да доведе до компликации, особено кај доенчињата и малите деца. Затоа раното препознавање, навремената лекарска проценка и изолацијата на заболениот се од особено значење.
Многу родители морбилите сè уште ги доживуваат како обична детска болест што се прележува. Колку е погрешна оваа перцепција? Кои се можните компликации, колку често се јавуваат воспаление на белите дробови, енцефалитис и други сериозни последици и кои деца се најризични?
И претходно здраво дете може да развие тешка клиничка слика
Погрешно е морбилите да се сметаат за обична детска болест што треба да се прележи. Станува збор за една од најзаразните вирусни инфекции, која може да предизвика сериозни компликации, па дури и смртен исход.
Најчеста сериозна компликација е воспалението на белите дробови, односно пневмонијата. Според податоците на CDC, таа се јавува кај приближно едно од 20 деца заболени од морбили и претставува една од главните причини за смртност кај малите деца. Една од најсериозните, иако поретки компликации, е енцефалитисот – воспаление на мозокот, кое се јавува кај приближно едно од 1.000 заболени деца и може да остави трајни невролошки последици.
Освен тоа, може да се појават воспаление на средното уво, дијареја, дехидратација и други инфекции на дишните патишта. Особено значајна е и таканаречената имунолошка амнезија, при која по прележувањето на морбилите доаѓа до нарушување на претходно стекнатиот имунолошки одговор, поради што детето може да биде поподложно на други инфекции и во наредниот период.
Најризична група се доенчињата и децата помали од пет години, особено невакцинираните деца. Зголемен ризик имаат и децата со ослабен имунолошки систем, неухранетост или недостаток на витамин А.
Она што сакам особено да го нагласам е дека и претходно здраво дете може да развие тешка клиничка слика и да има потреба од болничко лекување. Затоа не треба да се потпираме на претпоставката дека морбилите кај секое дете ќе поминат лесно. Најсигурната заштита од овие компликации е навремената вакцинација со две дози МРП вакцина.
Со оглед на актуелните апели за вакцинација и предупредувањата за можна епидемија, каква е ситуацијата во вашата ординација? Дали забележувате зголемен интерес за вакцинација, родители кои доаѓаат да ги надоместат пропуштените дози или, пак, сè уште има отпор и двоумење?
Има зголемен интерес за вакцинација, се јавуваат родители кои претходно се двоумеле или ја одложувале вакцинацијата
Мојата заложба за правилна и навремена вакцинација на децата, согласно националниот Календар за имунизација, не е само резултат на актуелната состојба со морбилите. Таа е дел од мојата секојдневна работа уште од самиот почеток на мојата лекарска пракса, веќе 23 години, од кои 16 години работам како педијатар.
Во текот на сите овие години секојдневно разговарам со родители, ги разрешувам нивните дилеми и се обидувам да ги надминам стравовите поврзани со вакцинацијата. Како што споменав и претходно, една од најголемите грижи кај родителите е стравот дека вакцините можат да имаат негативно влијание врз психомоторниот развој на детето.
Она што го забележувам во последниот период е зголемен интерес за вакцинација. Се јавуваат родители кои претходно се двоумеле или ја одложувале вакцинацијата, а сега сакаат да ги надоместат пропуштените дози.
Не би рекла дека станува збор за изразен отпор кон вакцинацијата, туку повеќе за присутни двоумења, несигурност и стравови. Сепак, преку отворен разговор, трпение и меѓусебна доверба, сметам дека успешно успеваме да ги надминеме тие дилеми и да ги мотивираме родителите да ги вакцинираат своите деца, дури и кога вакцинацијата претходно била одложувана.
Мојот став е дека улогата на педијатарот не е само да ја спроведе вакцинацијата, туку и да ги едуцира родителите, да ги сослуша нивните грижи и да им помогне да донесат информирана одлука во интерес на здравјето на нивното дете.
Што треба да направат родителите чии деца веќе ја пропуштиле првата или втората доза од МРП вакцината? Дали вакцинацијата може да се надомести и во подоцнежна возраст, дали е потребно повторно да се започне вакциналниот циклус или едноставно се прима пропуштената доза?
Двете дози МРП вакцина обезбедуваат приближно 97% заштита од морбили
Мојата порака до родителите е дека доколку нивното дете ја пропуштило првата или втората доза на МРП вакцината, не треба да паничат, ниту да мислат дека е предоцна за вакцинација. Пропуштените дози може да се надоместат и во подоцнежна возраст.
Многу е важно да се знае дека доколку детето веќе ја примило првата доза, а ја пропуштило втората, не треба повторно да се започнува целиот вакцинален циклус. Се продолжува со вакцинацијата, односно се прима пропуштената доза, со почитување на потребниот временски интервал меѓу дозите.
Доколку детето воопшто не ја примило МРП вакцината, потребно е да се направи проценка на неговата возраст и вакцинален статус, по што се одредува соодветен план за надоместување на дозите согласно националниот Календар за имунизација и препораките за дополнителна вакцинација.
За да се спречи ширењето на морбилите и да се постигне колективен имунитет, потребно е да се одржува висок опфат со вакцинација – најмалку 95% од населението да биде вакцинирано со две дози. Важно е да се знае дека двете дози МРП вакцина обезбедуваат приближно 97% заштита од морбили. Тоа значи дека со целосна вакцинација не го штитиме само сопственото дете, туку придонесуваме и за заштита на целата заедница, особено на доенчињата и лицата кои поради здравствени причини не можат да бидат вакцинирани.
Затоа треба родителите да ги проверат вакциналните картони на своите деца и, доколку имаат пропуштени дози, да се обратат кај својот педијатар или во надлежниот вакцинален пункт. Не треба да се чека одредена возраст, појава на нови случаи или прогласување епидемија за да се надомести пропуштената вакцинација.
Најважно е да не се откажуваме од имунизацијата поради пропуштен термин. Секогаш постои можност за продолжување и комплетирање на вакцинацијата, со што на детето му обезбедуваме соодветна заштита од морбили.
Која би била вашата најважна порака до родителите кои сè уште се двоумат дали да ги вакцинираат децата или постојано го одложуваат терминот? Дали е подобро да се реагира навреме, пред да се појави епидемија, отколку да се чека ситуацијата да стане сериозна?
Превенцијата е секогаш подобра од лекувањето
Мојата најважна порака до родителите е да не чекаат да се појави епидемија за да размислуваат за вакцинација. Превенцијата е секогаш подобра од лекувањето, особено кога станува збор за заболување како морбилите, кое е исклучително заразно и може да предизвика сериозни компликации.
Би сакала да им порачам на родителите дека вакцинацијата не треба да се доживува како обврска што треба само формално да се исполни, туку како една од најважните инвестиции во здравјето и иднината на нивното дете. Со навремено примање на двете дози МРП вакцина обезбедуваме високо ниво на заштита од морбили, но истовремено ги штитиме и оние деца кои поради возраста или одредени здравствени состојби сè уште не можат да бидат вакцинирани.
На родителите кои сè уште имаат стравови или дилеми би им препорачала да разговараат со својот педијатар, да ги постават сите прашања што ги загрижуваат и да се информираат од проверени медицински извори. Не постои прашање што не заслужува одговор кога станува збор за здравјето на нивното дете.
Доколку детето пропуштило некоја доза, не треба да се обесхрабруваат или дополнително да ја одложуваат вакцинацијата, туку да се обратат кај својот педијатар за да се направи план за надоместување на пропуштените дози.
Мојата порака е едноставна: не треба да чекаме болеста да се појави за да сфатиме колку е важна превенцијата. Навремената вакцинација значи заштита на сопственото дете, но и одговорност кон целата заедница. Да ги заштитиме децата навреме, а не кога веќе ќе биде доцна.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk