„Јас му сум и мајка и татко“: Баба Ружица од Ниш го избрка сопствениот син од дома за да го заштити внукот од насилство
Пожртвуваноста на Ружица Николиќ од Ниш е одраз на безусловната љубов на една баба кон своето внуче, а нејзината приказна нема да ве остави рамнодушни.
Во обид да го заштити својот внук од насилство, 59-годишната баба ги избрка сопствениот син и неговата сопруга од домот. Денес, таа сама се грижи за 15-годишниот Илија.
Пред повеќе од една деценија, кога Илија тргнуваше во прво одделение, храбрата Србинка ја донела најтешка одлука во својот живот, земајќи го под своја закрила.
„Морам да кажам дека го исфрлив синот од дома поради насилството врз внукот. Го оставив внукот кај мене и ја презедов грижата за него“ - раскажала таа за Kurir.rs.
Центарот за социјална работа најпрво ѝ доделил статус на привремен старател, по што следувала исцрпувачка правна битка. Биле одржани повеќе од 15 рочишта и борбата за старателство траела две години.
Со помош на хумана адвокатка, која ѝ излегла во пресрет да ja застапува без надомест, Ружица успеа да добие старателство, додека родителите беа лишени од родителско право поради насилство.
„Јас сум му родител, старател, психолог, педагог, и мајка и татко и баба и дедо. Неговиот цел свет!“ - раскажала Ружица за својата животна улога.
Сепак, обврската од родителите за издржување и алиментација останала само на хартија. Ружица и Илија пет години од родителите не виделе ниту еден единствен динар. Мајката, како што бабата тажно наведува, не се сеќава ниту да му се јави на синот за роденден, а таткото го контактира само понекогаш.
Поради лошата финансиска состојба, Ружица морала сè да прави сама. Работела како куварка, помошен работник во кујна, негувателка – сите тешки и чесни работи само за да го нахрани детето.
Живееле од социјална помош, детски додаток и дневниците на Ружица, собирајќи долгови кои се вртеле во круг. Сметките се трупале, извршителите ѝ земале 30 отсто од пензијата, а пред секоја зима, најголем страв им била старата дограма низ која „дувало како на отворено“.
Но, и покрај целиот товар, љубовта победила. Слабиот дечко, кој Ружица го зела под нејзина грижа во прво одделение, денес е петнаесетгодишно момче, високо 183 сантиметри, горд ученик во прва година од Угостителската школа, на насоката кулинарски техничар.
„Мене ми е супер. Баба се труди да ми пружи сè што може“ - скромно и со благодарност вели Илија.
По започнувањето со работа на Фондот за алиментација во Србија, Ружица побарала помош и добила одобрение за финансиска поддршка наменета за внукот. Редовниот месечен прилив на Ружица сега ѝ дава барем малку мир да знае дека внукот ќе има пари за училиште и за основните потреби.
Иако борбата сè уште не е завршена и секојдневието и понатаму им е исполнето со предизвици, приказната за Ружица кружи наоколу за да ја покаже неверојатната сила на една жена.