„Мојот живот е бајка“: Парис Хилтон со сопругот и малите деца во костими како од „Убавицата и ѕверот“
Парис Хилтон со семејството го започна маскирањето за Халовин. Познатата претприемачка, заедно со сопругот Картер Реум и нивните две дечиња, позираше во волшебни костими инспирирани од бајката „Убавицата и ѕверот“.
45-годишната наследничка на хотелската империја Хилтон се претвори во шармантната Бела, облечена во препознатливиот жолт балски фустан, украсен со црвени рози. Раскошната креација била специјално изработена за неа од дизајнерот Даниул Браун.
Нејзиниот сопруг Картер ја презеде улогата на Ѕверот, со впечатлива маска, крзнени ракавици и елегантен син костум.
Но, најслаткиот дел од семејната бајка беа нивните две дечиња. Тригодишниот Феникс се маскираше во шармантниот свеќник Лумиер, додека двегодишната Лондон беше неодолива во костимот на госпоѓа Потс, чајникот од анимираниот филм.
„Мојот живот е бајка, а магијата никогаш не завршува“, напиша Парис покрај фотографиите кои ги сподели на Instagram.
За семејното фотографирање се погрижил фотографот Брајан Зиф.
Парис, која често споделува моменти од семејното секојдневие, не ја крие радоста којашто ја пронајде во мајчинството. Таа и Картер стапија во брак во 2021 година, а во 2023 година ги добија синот Феникс и ќерката Лондон, родени со помош на сурогат-мајка.