„Мислев дека запросуваат друга девојка“: Ангела од Крива Паланка за предлогот за брак на 10 метри под вода на Малдиви
Ангела Додевска од Крива Паланка отсекогаш замислувала дека саканиот ќе ѝ предложи брак на Малдивите, но не ни сонувала дека судбоносното „ДА“ ќе го каже 10 метри под вода, среде Индискиот Океан.
Нејзиниот вереник Филип внимателно го чувал планот во тајност, подготвувајќи го уникатното изненадување со недели. А најинтересниот дел од приказната е што Ангела во првиот момент дури помислила дека натписот „Will you marry me“ е наменет за друга девојка.
Во разговор за Фемина, 25-годишната девојка се присети на необичното запросување, откривајќи како Филип успеал да ја изненади и што ѝ минувало низ глава кога сфатила дека предлогот за брак под вода е токму за неа.
Доаѓа моментот, одиме со брод до самата точка каде што ќе нуркаме. Влегуваат прво еден пар, дечко и девојка пред нас, требаше заедно да влеземе, но дали од сета возбуда дека ќе нуркам, влегов со инструкторот и почнавме. Се сликавме со разни видови риби, корали, пливавме во длабочините, незнаејќи што ме чека следно.
Планот им бил да влезам прво јас, па после 5-10 минути тие и да ме чекаат на договорена локација каде што ќе се случи сето тоа. Се сликав со рибите, коралите, пливавме околу гребените и се упативме на друг дел од гребенот со надеж да видам некој нов вид од водниот свет.
Се сеќавам дека помина јато риби пред мене и тогаш го здогледав натписот „Will you marry me“, но мислев дека е за девојчето кое што прво влезе во вода. Си помислив: „Wow, колку убаво, ќе има запросување под вода како на ТВ што гледаме, колку луда идеја и кул работа е тоа“.
И одеднаш почна Филип да се доближува накај мене. Во тој момент сè уште мислев дека е за друг веридбата и дека можеби нè има помешано нешто. Не препознав дека тоа е тој. Дури отпосле ја здогледав маицата по која го препознав, како и останатиот екипаж од инструктори и, секако, Исидора која нè снимаше.
Нема како да кажеш „да“, па на самото видео се гледа дека покажав „ОК“ знак, хаха. Во тој момент го извади прстенот од кутивчето и веќе немаше бегање.
Бев во тотален шок. Дури успеа да ми влезе вода во маската околу носот и преку устата, може од тоа што во себе кажував „ДА“, ама никој не можеше да го слушне тоа. Пробав да ја исфрлам водата од маската и успеав, ама од целиот шок не се сетив да го притиснам копчето за да ја исфрлам и од устата. Бидејќи имав проблем со тоа, а и кај Филип во маската влегла вода, веќе бевме принудени да излеземе на површина.
Излеговме од водата, целиот екипаж ни честиташе. Се смеев, ама не знаев што се случи. Како да имав некоја анестезија или седативи во себе, не чувствував ништо освен збунетост. Тој шок ме држеше дури и следниот ден.
Некако никогаш не мислев дека првин ќе биде под вода, секогаш замислував или на Sandbank-от или на ресортот, а второ дека ќе треба време за да дојдат емоциите и да сфатиш што се случило.
Кога си долу под вода, размислуваш на тоа како се дише, како да се справиш со притисокот, како правилно да пливаш, како да го штедиш кислородот, дали ти има влезено вода како да ја извадиш, дали стаклата ти се имаат замаглено. Можеби затоа и немав емоции само тотален шок.
А зад овој несекојдневен момент всушност стоела долга и внимателно чувана подготовка. Ангела и Филип се во врска скоро три години, а околу две години живееле заедно пред веридбата. Таа многупати ја отворала темата за тоа кога ќе се случи запросувањето и што има Филип во план, но секогаш добивала ист одговор: „сè уште е рано, има време, можеби за година-две“.
Секогаш замислував дека тој чин ќе се случи токму на Малдивите, но ни на крај памет не ми доаѓаше дека ќе го кажам судбоносното „ДА“ под вода на 10 метри среде длабочините на Индискиот океан.
Многу пати сме ја отвориле дискусијата со Филип (вереникот) околу тоа кога ќе се случи, што има во план околу самата веридба на кое прашање секогаш ќе добиев одговор сè уште е рано, има време, можеби за година-две.
Последно правевме дискусија пред самото патување, но и тогаш го добив истиот одговор и си реков добро кога треба ќе се случи повеќе нема да прашувам.
Околу 2-3 месеци некако му беше променето однесувањето, излегуваше на кафе често со другарите, остануваше покасно на работа, кога правеше муабет по телефон излегуваше надвор, ги бришел пораките и сликите со другарите каде прави муабети за тоа каков ќе е прстенот, кога ќе се случи, но ниту еднаш не се посомневав дека можеби нешто спрема.
Додека си мислев дека има можеби бурен период на работа, тој одел со другарите да гледа прстени и да води дискусија како би го организирал сето тоа со цел да не откријам. Ми кажуваше дека прстенот го ставил минута пред да ги стави куферите во автомобилот, дека секој ден оделе да бараат по златари, дека ми има земено мерка од прстените кои веќе ги носам додека сум спиела, дека во хотелот кутијата ја сокрил под креветот, испробувал различни варијации како ќе клекне, што ќе каже, за накрај на другарите да им каже дека ќе ме запроси под вода на Scuba Diving излетот.
При организирањето на изненадувањето, излегол еден голем проблем: Ангела имала панични напади од длабочина. Филип тоа го сфатил на еден од излетите, каде што требало да набљудуваат желки, риби, манти и корални гребени, па не бил сигурен дали таа воопшто ќе се осмели да нурка и како ќе реагира под вода.
„На Малдивите бевме преку агенцијата Jungle Travel MK со водичот Исидора Здравковска и сакам да упатам огромна благодарност за професионалноста од нејзина страна. Уште кога пристигнавме, Филип и Исидора направиле таен состанок и смислиле план, но имаше еден голем проблем, а тоа е дека имам панични напади од длабочина и тоа го сфатил на еден од излетите каде што требаше да набљудуваме желки, немо риби, манти, корални гребени. Се исплашил околу тоа дали воопшто би влегла да нуркам, како би реагирала и уплатил дополнителна обука за нас двајцата за да види како ќе се однесувам во водата.
Бевме на обука рано изутрината околу 9 часот по локално време на Малдивите, или 6 часот по наше време, додека самиот излет се случи околу 14 часот по нивно време или 11 часот по наше време.
Можам слободно да кажам, а и инструкторот исто сфати дека сум супер пливач под вода со +30kg опрема на себе, отколку на самата површина без ништо. Многу ми се допадна нуркањето, дури толку многу што реков дека сакам повторно да одам и отсега каде и да одиме на одмор сакам да нуркаме со професионална опрема.“
Сите им кажале дека идејата е оригинална и храбра. А Филип ѝ признал дека доколку не влезела во вода, воопшто немало да ја запроси – ќе го врател прстенот и ќе чекал некоја следна прилика, бидејќи сакал исклучиво да се случи под вода.
„Ми беше жал единствено бидејќи тој не успеа ништо да види од излетот, а премногу сакаше. Навистина беше магично. Дури успеавме да ги убедиме скоро сите од групата да се пријават и така и беше, бидејќи сами бевме на списокот кога аплициравме што сакаме да посетиме. Но, ете, тоа е една причина плус зошто треба повторно да се вратиме на Малдивите. Можеби за меден месец“, вели Ангела.