• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Мода

„Често знаеме да се облечеме речиси идентично, па дури и да делиме одредени парчиња облека“: Клара Кокев за мајка си Тања и љубовта кон модата

15 ноември 2026, 15:15
  • cподели

Имала само една година кога нејзината мајка Тања Кокев го отворила едно од најпознатите модни ателјеа во Македонија. Две децении подоцна, Клара Кокев не е само сведок на неговото растење, но и дел од неговото ново поглавје, во кое ќе стои рамо до рамо со мајка си во градењето на неговата иднина.

Клара Кокев

Со гламурозна модна ревија на Камениот мост во Скопје, беше одбележана 20-годишнината на Кокев, а Клара беше претставена како креативна директорка. А зад импресивните модните креации и впечатливата сценографија се крие и лична приказна за довербата меѓу мајка и ќерка и за заедничката љубов кон естетиката.

За Фемина, Клара ни открива како изгледало нејзиното растење покрај истакната модна дизајнерка, што научила од мајка си, во што се разликуваат нивните модни погледи и зошто дури и кога станува збор за приватниот стил, нивната поврзаност е толку силна.

Како е да се расте со позната мајка дизајнерка и колку нејзината работа влијаеше врз тебе уште од најрана возраст?

Мајка ми отсекогаш ме вклучувала во процесот на работа и многу искрено споделувала со мене сè што носат оваа професија и водењето сопствен бизнис. Понекогаш дури и работи за кои некој би помислил дека се премногу сериозни за едно дете. Но, токму тоа ми овозможи уште од најрана возраст да ја запознаам модата од една поинаква перспектива, не само преку креативноста и убавината, туку и преку одговорноста, предизвиците и посветеноста што стојат зад сето тоа.

Со текот на годините, свесно и несвесно, го впивав сето она што се случуваше околу мене. Верувам дека токму така се роди мојата огромна љубов кон оваа професија. Денес, многу работи што за некого се нови, за мене се природни и блиски, бидејќи практично сум растела заедно со ателјето.

Кога првпат почувствува дека модата не е само нешто коешто те опкружува благодарение на мајка ти, туку и твоја лична љубов и професионален избор? Имаше ли момент кога си рече: „Сакам и јас да го правам ова“?

Не можев да замислам секојдневие во кое модата нема да има толку важна улога

Модата отсекогаш била моја огромна љубов, но долго време имав уште една, а тоа беше тенисот, на кој му го посветував речиси целото слободно време.

Сепак, со текот на годините сè поприродно ми доаѓаше да се насочам кон модата. Пресудниот момент беше кога сфатив дека, доколку изберам друга професија, модата повеќе нема да биде толку присутна во мојот живот како што била во текот на целото мое детство. Едноставно, не можев да замислам секојдневие во кое таа нема да има толку важна улога. Тогаш сфатив дека модата не е само дел од моето растење, туку и од иднината што ја посакувам.

Преземањето на кормилото на модно студио со дваесетгодишна историја е голем чекор и одговорност. Како се чувствуваш во новата улога и што за тебе значи да продолжиш да ја градиш приказната која ја започнала Тања?

Особено ми значи што мајка ми препозна потенцијал во мене

Со само 21 година добив можност да ја внесам сопствената визија во новата колекција и ревијата, нешто што искрено не го очекував толку рано, бидејќи сум свесна колку искуство и години работа стојат зад еден изграден бренд.

Мислам дека таквата одлука е многу поретка отколку што изгледа, особено во семејните бизниси. Кога некој дваесет години создава нешто свое, природно е да развие сопствени принципи и убедувања за тоа како работите треба да функционираат. Да ѝ дадеш простор на новата генерација да размислува и создава поинаку, бара голема сигурност во себе, но и храброст и несебичност.

Особено ми значи што мајка ми препозна потенцијал во мене пред јас самата целосно да станам свесна за него. Знам дека имам уште многу да учам, но не можам да замислам поголема мотивација од тоа да добиеш толкава доверба од својот родител, а истовремено и од жена која постигнала толку многу во професијата што си ја избрал.

Дали имаш сличен моден вкус со мајка ти или често имате различни идеи и погледи? Како изгледа вашата соработка и колку си дозволуваш да внесеш сопствен печат во веќе изграден бренд?

Во основа имаме многу сличен моден вкус, не само професионално, туку и приватно. Често знаеме да се облечеме речиси идентично, па дури и да делиме одредени парчиња облека. Би рекла дека имаме иста естетска основа и заедничка визија за правецот во кој се развива Кокев.

Разликата е можеби во тоа што таа знае кога да застане, а јас секогаш би додала уште некој детаљ. Кога таа ќе каже дека моделот е завршен, јас сè уште гледам простор за нешто повеќе. И токму во тие мали разлики се надополнуваме. Секако, колку и да внесувам сопствен печат, секогаш внимавам ДНК-то на Кокев да остане препознатливо во секоја креација.

Големата модна ревија на Камениот мост беше настан каков што досега не сме виделе кај нас. Сега, кога впечатоците малку стивнаа, како гледаш на целото искуство? Колку време, труд и подготовка беа потребни за Камениот мост да се претвори во таква модна сцена и кој беше најголемиот предизвик?

Сега, можам да кажам дека дури сега станувам целосно свесна за она што го направивме. Тоа е искуство што никогаш нема да го заборавам. Особено ми е драго што му подаривме нешто вакво на нашиот град и покажавме дека и во Македонија можат да се реализираат проекти од ваков размер.

Идејата ја имавме уште пред три години, а подготовките траеја нешто повеќе од една година. Бевме посветени буквално 24 часа на ден, бидејќи од самиот почеток ни беше важно ништо да не биде препуштено на случајноста, од целокупниот концепт до најситниот детаљ.

За мене најголемиот предизвик беше да создадам симбиоза меѓу различни гранки на културата – македонската мода, музика, архитектура и литература – и сите тие да функционираат како една целина. Тоа е нешто кон кое се стремам и во останатите наши проекти. Модата никогаш не ја гледам изолирано, туку како можност преку неа да ѝ дадеме простор и внимание и на македонската култура.

Кога ќе ги тргнеме настрана модата и семејниот бизнис, која е Клара приватно? Како изгледа твојот ден кога не си опкружена со облека, креативни идеи и модни обврски и што најмногу те исполнува надвор од работата?

Уживам во сè што ме поврзува со реалниот свет, со луѓето и со моментите што имаат свој ритам

Приватно уживам во истите работи во кои уживаат и моите врсници, иако понекогаш ми е тешко да ја повлечам границата меѓу работата и приватниот живот. Некако, сè што правам во слободното време наоѓа начин да се поврзе и со мојата работа.

Но, најмногу ме исполнуваат едноставните работи. Хаустор или ЕКВ додека возам, пијачка во „Синдикат“ со друштвото или некаде низ Македонија, патување во Италија по којзнае кој пат, тавче гравче во „Наџак“ со мајка ми или самото задоволство да се дотерам за во театар.

Накратко, уживам во сè што ме поврзува со реалниот свет, со луѓето и со моментите што имаат свој ритам. Можеби токму затоа најмногу ми значат работите што се одвиваат малку побавно, како контраст на брзата динамика на моето секојдневие.

Колку модата е дел од твојот приватен живот? Дали и во слободното време внимаваш на секој детаљ од стајлингот или понекогаш најмногу сакаш да облечеш нешто едноставно и да не размислуваш премногу?

Секогаш ми се важни добриот материјал, квалитетната изработка и чистиот крој

Како што споменав, кога работиш во модата, тешко е да се повлече граница меѓу професионалниот и приватниот живот. Постојано, дури и несвесно, анализирам стајлинзи, а често ми бараат и модни совети, кои никогаш не одбивам да ги дадам.

Секогаш посветувам внимание на она што го носам, без разлика дали е впечатлива или наједноставна комбинација. Сакам да експериментирам и често се облекувам според тоа како се чувствувам. Но, без оглед на изборот, секогаш ми се важни добриот материјал, квалитетната изработка и чистиот крој.

Кога би требало да го опишеш твојот личен стил со три зборови, кои би биле тие? И дали постои модно парче во кое секогаш се чувствуваш најмногу како себеси?

Женствен, ненаметлив и експериментален. Сакам облека што ја следи и дефинира женската силуета, но без намерно да ја нагласува. Сепак, мислам дека сè уште го откривам и истражувам сопствениот стил и не сакам да се ограничувам на еден правец. Ако треба да издвојам едно парче во кое секогаш се чувствувам како себеси, тоа дефинитивно би биле каубојските чизми.

Што според тебе секоја жена мора да има во гардероберот, без оглед на возраста, стилот или модните трендови? Кои се оние безвременски парчиња со кои лесно се создаваат различни комбинации?

Фармерки коишто изгледаат како да се направени токму за неа, квалитетна бела маичка со кратки ракави, совршено скроен костум, винтиџ часовник, високи потпетици во кои се чувствува удобно и црни очила за сонце. Мислам дека ова се парчиња кои никогаш не излегуваат од мода и можат да се комбинираат на безброј начини.

Без што никогаш не излегуваш од дома? Дали имаш омилено модно парче, моден додаток или производ за убавина којшто секогаш го носиш со себе?

Часовникот на прабаба ми е парчето за кое сум најмногу врзана

Без часовникот кој го наследив од прабаба ми. Досега неколкупати мислев дека сум го изгубила, со сите паники што следуваат, за на крајот секогаш да го пронајдам во некое најнеочекувано ќоше. Можеби токму поради неговата сентиментална вредност, тоа е парчето за кое сум најмногу врзана.

Која е најчестата модна грешка која ја забележуваш кај жените и кој е твојот совет како да се облекуваат со повеќе самодоверба, без слепо да ги следат трендовите?

Токму тоа што го споменавте, слепото следење на трендовите. Сметам дека трендовите треба да ни ги прошират видиците, да нè запознаат со различни модни правци и да ни помогнат да го изградиме сопствениот стил, а не да ни го диктираат.

Исто така, мислам дека треба да бидеме повнимателни при купувањето. Наместо импулсивно да донесеме одлука, да размислиме за квалитетот на материјалот, изработката, дали парчето навистина ни одговара и, најважно, дали ќе сакаме да го носиме и по пет години. За мене, токму во таквите избори се препознава личниот стил.

Што можеме да очекуваме од Клара Кокев во периодот што следува? Дали подготвуваш нови модни насоки, колекции или изненадувања со кои сакаш да го освежиш студиото?

Моментално работиме на новата колекција венчаници, во која сакам особено да се препознае вниманието кон секој детаљ, со елементи на романтичност, нежност и безвременска елеганција. За подалечната иднина не сакам многу да зборувам, бидејќи не сакам да прескокнувам чекори. Повеќе сакам да бидам целосно посветена на она што го создаваме во моментот, а следните идеи да дојдат во свое време.

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk

Tags
Клара Кокев
Тања Кокев

Најнови

  • Клара Кокев

    „Често знаеме да се облечеме речиси идентично, па дури и да делиме одредени парчиња облека“: Клара Кокев за мајка си Тања и љубовта кон модата

    Sun, 11/15/2026 - 15:15
  • Блеска и на 52 години: Ирена Спировска гламурозна водителка на Фолк Фест Роса

    Fri, 11/13/2026 - 22:33
  • Премиера на „Нема да ви се верува што се случи претходно“

    Никола Ристановски, Дарја Ризова и Сашко Коцев со екипата на скопската премиера на „Нема да ви се верува што се случи претходно“

    Fri, 11/13/2026 - 18:00
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.