Никола Ристановски, Дарја Ризова и Сашко Коцев со екипата на скопската премиера на „Нема да ви се верува што се случи претходно“
Македонскиот филм „Нема да ви се верува што се случи претходно“ пристигна на големото платно во Скопје со свечена премиера во киното Cineplexx, каде се собраа актерите, филмската екипа, нивни колеги и бројни вљубеници во седмата уметност.
Новото домашно филмско остварување предизвика голем интерес кај публиката, а за премиерната вечер беа распродадени билетите за неколку кино сали.
Во центарот на вниманието беа актерите и креативниот тим кои стојат зад филмот, чија интригантна приказна на вешт начин ги испреплетува политичките игри, криминалот, новинарството и мрачниот хумор.
„Нема да ви се верува што се случи претходно“ е режисерско деби на Срѓан Јаниќијевиќ, кое преку остра сатира, црна комедија и неочекувани пресврти ги разоткрива апсурдите на едно општество во кое вистината станува предмет на трговија, а моќта и корупцијата ги диктираат правилата.
Приказната следи двајца новинари, Бодан и Софија, чии патишта се вкрстуваат поради компромитирачка снимка која може да урне цел политички режим. Во потрагата по вистината, тие се соочуваат со опасни игри, уцени, предавства и луѓе подготвени на сè за да ги зачуваат своите тајни.
Низ динамично дејство исполнето со неизвесност, иронија и апсурдни ситуации, филмот отвора актуелни прашања за слободата на медиумите, моралните компромиси и тенката граница меѓу вистината и манипулацијата.
Главните улоги ги толкуваат истакнатите македонски актери Никола Ристановски и Дарја Ризова, а актерската екипа ја надополнуваат Сашко Коцев, Сара Сандева и Оливер Митковски.
Сценариото го потпишуваат Сашо Кокаланов и Дејан Дуковски, додека зад камерата стои директорот на фотографија Дејан Димески. Главен продуцент е Сашо Пешев, а реализиран е во продукција на „Ново македонско видео“ и „Њу момент“.
Светската премиера на филмот се одржа на престижниот Меѓународен филмски фестивал во Олденбург, Германија, каде што се натпреваруваше во официјалната конкуренција.
Македонската премиера беше на 25 септември во Битола, во рамките на свеченото затворање на 47-мото издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
Трејлер
Фото: Благоја Цоканов / Femina.mk