Мисија на љубовта и знаењето: Како семејството Мемиш Апостоловски ја менува свеста за аутизмот низ Македонија?
Промоцијата на книгите „Светот на аутизмот“ и „Ангелот по име Аутизам“ во Куманово уште еднаш ја потврди моќта на заедништвото. Овој настан не беше само претставување на стручна литература, туку приказ на една несекојдневна семејна борба во која мајката и синот делуваат како едно.
Амела и Леон се спој на стручноста и животното искуство како и духовноста
Амела Мемиш Апостоловска на јавноста ѝ е позната како дипломиран психолог и духовен психотерапевт, но нејзината најважна улога е онаа на мајка и поддржувач. Таа низ своите дела не зборува само од позиција на стручно лице, туку од позиција на родител кој секојдневно го живее „светот на аутизмот“.
Токму затоа, нивниот настап е толку моќен тие не се само автор и застапник, тие се семејство кое со сопствен пример покажува како се кршат бариерите. Нивната мисија допира до илјадници луѓе токму поради таа автентичност тие не само што едуцираат, туку и инспирираат преку својата лична пожртвуваност.
Храброста на Леон
Најголемиот доказ за оваа посветеност е самиот Леон Мемиш Апостоловски. Иако само пред 15 дена помина две тешки хируршки интервенции, Леон не дозволи физичката состојба да го спречи да застане пред кумановската публика. Неговиот мотив е јасен – мисијата за видливост на лицата со аутизам мора да продолжи, без оглед на личните предизвици.
Неговата сестра, правничката Андреа Мемиш Апостоловска, која ја модерираше вечерта, дополнително ја заокружи сликата за ова семејство кое професионално и приватно е целосно посветено на каузата.
Караван на свесноста низ цела Македонија
Овој пат на хуманоста започна симболично на 3 декември 2025 година во Скопје. Оттогаш, нивната порака се шири незапирливо.
По емотивните промоции во Битола, Пехчево и синоќа во Куманово, патот продолжува.
Следни станици на овој караван се Охрид, Крушево и Штип, со цел гласот на лицата со аутизам да се слушне во секој агол на Македонија.
Заедничкиот настап на Амела и Леон е потсетник дека борбата за инклузија не е само работа на институциите, туку мисија која започнува од срцето на семејството и се пренесува на целото општество.