Мелис, Мира и Малахат го слават првиот роденден: Тројката во емотивна посета на тимот на Клиника Жан Митрев каде дојде на свет
Пред една година, во Клиниката Жан Митрев се случи вистинска медицинска реткост и огромна радост. Имено, на свет дојдоа три предвремено родени бебиња зачнати по природен пат. Мелис, Мира и Малахат сега го прославуваат својот прв роденден, а по тој повод, малите херои заедно со своето семејство го посетија тимот на клиниката и местото каде што започна нивната животна приказна.
Од Клиниката соопштија:
Денес со голема радост им го честитаме првиот роденден на нашите мали херои – Мелис, Мира и Малахат, кои точно пред една година се родија во Центарот за мајка и бебе при Клиника Жан Митрев. 🥰🎊🎉🎈
На својот посебен ден тие повторно ја посетија нашата клиника и местото каде што започна нивната животна приказна. Нивното доаѓање на свет беше вистинска реткост и голем медицински предизвик – природно зачната тројна бременост која заврши со породување во 31-та гестациска недела.
Пред една година, како предвремено родени бебиња, Мелис, Мира и Малахат беа згрижени од нашиот тим во Центарот за мајка и бебе. Денес тие се насмеани, весели и здрави дечиња кои ни покажуваат дека со посветеност, стручност и многу љубов се создаваат најубавите животни приказни. ❤️❤️❤️
Им посакуваме среќен роденден, безгрижно детство, многу здравје, среќа и бескрајни моменти исполнети со љубов. Горди сме што бевме дел од нивниот почеток и што денес можевме повторно да ги прегрнеме во нашиот Центар за мајка и бебе.
Среќен 1-ви роденден, Мелис, Мира и Малахат! 🎂🎈🎊🎉🍀
Приказната на слатката тројка е навистина посебна. Станува збор за природно зачната тројна бременост од три оплодени јајце-клетки, без медицинско потпомогнато оплодување, што претставува голема реткост во современата медицина.
Бебињата дојдоа на свет со царски рез, 9 недели пред очекуваниот термин (во 31-та гестациска недела) и тежеа по околу 1.300 грама. Нивното раѓање беше значаен момент за клиниката, бидејќи токму со ова породување и официјално започна со работа Одделот за неонатална интензивна нега (NICU) во Клиниката Жан Митрев.
За нивното безбедно доаѓање на свет и постнатална нега се грижеше мултидисциплинарен тим од врвни гинеколози-акушери, неонатолози, акушерки и неонатолошки сестри. Бебенцата поминаа околу месец и половина на клиника пред да си заминат дома кај пресреќните родители.