„Ме запроси на полна месечина кај црквата Св. Јован Канео“: Ракометарката Анастасија Николовска му кажа „ДА“ на каратистот Виктор
По пет години исполнети со взаемна љубов и разбирање, Анастасија Николовска и Виктор Крстевски отворија ново љубовно поглавје.
28-годишната ракометарка му кажа „ДА“ на 30-годишниот каратист на внимателно испланираното запросување на полна месечина во преубавиот и романтичен Охрид. За Фемина, среќниот пар раскажа за почетоците на врската, планирањето на предлогот за брак и за слаткото изненадување под светлината на полната месечина.
Ме запроси во нашиот прекрасен Охрид, кај црквата „Св. Јован Канео“. Местото само по себе има посебна убавина и енергија, а целиот момент беше дополнително магичен бидејќи имаше полна месечина. Сè беше толку убаво и посебно што моментот навистина беше совршен – откри за Фемина левото крило на РК „Спартак“.
Сè се случи многу брзо и од самиот позитивен шок, во мене се измешаа огромна среќа, возбуда и изненадување. Иако сме долго време заедно и запросувањето беше нешто што го очекувавме како следен чекор во нашата врска, самиот момент не можев да го очекувам ниту најмалку. Беше еден од оние моменти кои што се случуваат еднаш во животот и знам дека ќе го паметам засекогаш – додаде Анастасија.
Целата организација, пак, била добро чувана тајна.
Идната невеста вели дека воопшто не знаела за подготовките и не очекувала предлог за брак. Напротив, мислела дека пред неа е само еден краток и спонтан викенд во Охрид.
Целосно ме изненади. Знаев дека во одреден момент ќе дојде и тој чекор, со оглед на тоа колку долго сме заедно, но воопшто не очекував дека ќе се случи токму тогаш.
Отидовме на еден брзо организиран викенд во Охрид, за малку да се релаксираме пред да започне мојата сезона на натпревари. Токму затоа изненадувањето беше уште поголемо, бидејќи воопшто не помислив дека зад тој викенд се крие нешто толку посебно – ни откри Анастасија.
По романтичниот момент, убавата вест најпрво ја споделиле со најблиските, односно со родителите на македонската репрезентативка.
Анастасија и Виктор се запознала сосема спонтано, а уште од самиот почеток им се поклопиле енергиите, начинот на размислување и љубовта кон спортот. Нејзиниот темперамент и неговата смиреност се надополниле на еден совршен начин.
Најмногу ме освоија неговото внимание, љубовта и почитта што ми ги покажува секојдневно. Неговата поддршка на секое поле од мојот живот ми значи неизмерно и токму тоа е нешто што особено го ценам во нашата врска – ни раскажа Николовска.
Заљубените партнери веќе знаат дека сакаат да ја крунисаат љубовта со брак, но велат дека не брзаат со подготовките.
Свадба секако планираме, но во моментов сè уште ги уживаме моментите по запросувањето и целата убавина и возбуда што ги носи овој период. Ќе започнеме да ја планираме свадбата кога малку ќе стивнат впечатоците и возбудата. Засега едноставно сакаме да уживаме во овој прекрасен период од нашиот живот и во фактот дека започнуваме едно ново поглавје заедно – ни открија тие.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk