Матуранти од Задар ѝ подарија автомобил на класната, која е самохрана мајка и зад себе има тешка битка со рак
Приказна од Задар покажува дека добрината и благодарноста сè уште постојат.
Матуранти од Техничкото училиште во Задар ѝ приредија незаборавно изненадување на нивната класна раководителка Нина Кнежиќ, која е самохрана мајка на две момчиња и зад себе има тешка битка со рак.
Наместо вообичаено збогување, тие решиле да направат нешто коешто ќе ѝ го олесни животот и ѝ купиле автомобил.
Кога возилото се појавило пред училиштето, а учениците почнале гласно да извикуваат „Изненадување“, професорката останала без зборови. Таа не можела да ги сокрие солзите и ги прегрнувала учениците еден по еден.
Видеото од овој момент за кратко време ги преплави социјалните мрежи и допре до илјадници луѓе низ регионот.
Нина работела во неколку училишта за да ја пополни својата работна норма, а секојдневно пешачела без оглед на временските услови. Нејзините ученици во неа гледаат жена која несебично се дава за својата работа.
„Јас сум нивна класна, а работам уште во четири училишта за да ја пополнам нормата. И насекаде одам пеш затоа што немам автомобил. Планирав наскоро да купам, веќе се распрашував подолго време, а тие го знаеле тоа и ме претекнаа“.
„Ме гледале како одам и по сонце и по дожд, како понекогаш смрзнувам патем. Но, тоа ви кажува колку се посебни тие мои деца. Родителите прекрасно ги воспитале“ – рекла Нина.
„Пред 10 години имав рак на дојка, се надевам дека тоа е целосно зад мене, но не беше лесно. Имам два сина, самохрана мајка сум, а тие сето тоа го знаат. И знаат дека поради болеста не смеам да се изложувам на стрес. Со нив никогаш не сум имала грижи. Се трудеа секоја наша средба да ми ја олеснат, добро учеа и никогаш немаше потреба од некакви посебни интервенции или проблеми.“
„Овие деца се чиста љубов. Не бараат многу, а враќаат стократно. Доволен е само искрен разговор со нив за работите да се променат на подобро“ – додала среќната професорка.