Маратонците од Нова Градишка пристигнаа во Крушево: „Вечна му слава на нашиот ангел!“
Како и претходните години, така и оваа година се одржа ултрамаратон во чест на Тоше Проески.
По повод 19-годишнината од неговата трагична смрт, посветените маратонци пред два дена тргнаа од Нова Градишка, Хрватска, а денеска пристигнаа во Крушево.
На Гумење, каде што почива нашиот Тоше, беа пречекани со аплауз, овации и препознатливите црвени рози.
Маратонците и оваа година тргнаа на пат долг стотици километри во чест на нашиот непреболен ангел. Тринаесетмина го започнаа маратонот, а уште еден тркач им се приклучи по пристигнувањето во Македонија. Низ Хрватска истрчаа околу 200 километри, додека низ Србија патуваа со возила, согласно тамошните прописи. По влезот во нашата земја, продолжија со трчање и поминаа уште 220 километри до Крушево, каде што пристигнаа за да му оддадат почит на музичкиот великан.
Градоначалникот на Крушево, Нико Чонески, сподели фотографии од дочекот на маратонците.
„Крушево ги пречека маратонците кои тргнаа од Нова Градишка и со несебична посветеност пристигнаа во родниот град на Тоше, за да му оддадат почит на неговиот вечен спомен.
Со положување цвеќе на неговото вечно почивалиште на Гумење, оддаваме почит на нашиот Тоше, чиј лик, дело и хуманост засекогаш ќе нè обединуваат.
Благодарност до маратонците кои со секој изминат километар ја пренесуваат пораката дека вистинските вредности и споменот за Тоше не познаваат граници“ - стои во описот.
„Вечна му слава на нашиот ангел!
Тоше остави неизбришана трага во срцата на сите нас, не само преку неговиот божествен глас и неговата музика, туку и преку бескрајната добрина, хуманост и скромност што ја носеше во себе.
Неговите пораки за љубов, мир и човечност продолжуваат да живеат секој ден преку неговите песни и сеќавањата што не избледуваат.
🕯️ Никогаш нема да биде заборавен. ❤️ “ - напиша поранешниот крушевски градоначалник Томе Христоски на социјалните мрежи.